ХИПОТЕНЗИЈА – низок крвен притисок

ХИПОТЕНЗИЈА – низок крвен притисок
Често сте изморени и исцрпени? Ви недостасува енергија и поспани сте? Станувањето одеднаш ви предизвикува вртоглавица? Ви се мати видот и имате повремена несвестица,  тешко дишете и тешко се движите? Доколку сето ова е потврдно, тогаш е голема веројатноста да имате низок крвен притисок, односно состојба која медицински се нарекува хипотензија.

Кои се вредностите на низок крвен притисок?

За низок крвен притисок станува збор кога вредностите на  систолниот притисок се пониски од 105 мм Hg за мажи и 100 мм Hg за жени, а на дијастолниот 70 мм Hg за мажи и 65 мм Hg за жени.
Систолниот притисок е износ на притисок кога срцето пумпа крв низ артериите до остатокот на телото, и тоа е првиот број при мерење крвен притисок. Другиот број е дијастолниот притисок кој се однесува на износ на притисок од артериите кога срцето е во мирување, меѓу секое отчукување.

Вредностите на крвниот притисок се разликуваат кај секоја индивидуа, во зависност од активностите, животните навики и здравствената состојба. Притисокот се менува поради повеќе причини и потребно е да се мери во различни ситуации.

Тегобите кои се предизвикани од низок крвен притисок многу почесто се појавуваат кај жените отколку кај мажите, а својот интензитет го заземаат на пролет.

Одржувањето на крвниот притисок е многу важно. Притисокот мора да биде доволно висок, односно нормален, за да може сите ткива и клетки во телото да се снабдат со потребните хранливи состојки и со кислород. Симптомите на нискиот крвен притисок најчесто настануваат поради намален доток на крв, па оттука прво решение е да се подобри циркулацијата на крвта и тоа најчесто по природен пат.

Најчести причини за низок крвен притисок:
·               Ненадејно и брзо губење на телесната тежина
·               Нарушувања во ендокриниот систем
·               Дехидратација
·               Губење крв при повреди или во време на обилни менструални циклуси
·               Инфекции
·               Проблеми со срцето (забавена срцева работа (брадикардија), забрзана срцева работа (тахикардија), срцева слабост…)
·               Бременост
·               Алергиска реакција
·               Употреба на некои лекови
·               Многу долго лежење и мирување (тешки хронични болести)

Нискиот крвен притисок можеби не е потенцијално опасен како и високиот, но, сепак, тоа е состојба која треба да се следи и да се контролира.

Трајно нискиот крвен притисок ретко е показател за сериозно здравствено нарушување, бидејќи телото на него лесно се навикнува и често нема симптоми. Главен проблем настанува при брзи падови на крвниот притисок кога мозокот и другите витални органи остануваат без потребните материи и немаат време да се приспособат на моменталната состојба.

Кои се симптомите за низок крвен притисок?

Нискиот крвен притисок најчесто е придружен со појава на вртоглавица, несвестица, деконцентрација, малаксаност, општа слабост и сл. Лицата кои имаат низок крвен притисок  наутро се чувствуваат ненаспани, па им требаат дополнителни стимуланси за будење.

Препораки за зголемување на нискиот крвен притисок:

Доколку нема јасна и сериозна причина за медицински третман, вообичаено е доволно да се преземат неколку обични хигиено-диететски мерки:

·               Пијте доволно течности. Доволното внесување течности, а особено во лето и при состојби кои предизвикуваат дополнителна дехидрација.
·               Поголемо внесување сол во исхраната (посолена храна).
·               Внесување повеќе помали оброци во текот на денот. На тој начин, телото ќе се навикне повремено да се храни. Храната треба да биде богата со протеини и јаглехидрати.
·               Консумирање намирници кои можат да го покачат крвниот притисок: рузмарин и тимијан, бадеми, куркума, мед, ѓумбир, коприва, грав, соја, авокадо, банани, сончоглед…
·               Консумирајте кофеински напивки, но без претерување. Доколку  пиете кафе или други кофеински напивки за да ви го покачат крвниот притисок, а тоа го правите секој ден, и во високи дози, само ја влошувате состојбата. Повремената и умерена доза на кофеин навистина ќе ви помогне да го покачите крвниот притисок, додека преголемата доза го прави спротивното – го намалува.
·               Се препорачува и чаша црно вино по главниот оброк
·               Зачестено консумирање супа и изотонични напивки богати со електролити
·               Избегнувајте долготрајни туширања со топла вода
·               Редовно вежбајте, шетајте на свеж воздух, пливајте
·               Прекрстете ги нозете додека седите. Се покажало дека прекрстувањето на нозете додека седите го зголемува крвниот притисок. За луѓе со висок крвен притисок, ова може да биде проблем.

Не се препорачува:

·               Консумирање големо количество лук
·               Долг период на гладување во текот на денот
·               Изоставување на појадокот
·               Седење или стоење подолг период
·               Станување одеднаш
·               Кревање тешки предмети
·               Користење премногу топла вода кога се туширате.

Дали нискиот крвен притисок е опасен?

Доколку нискиот крвен притисок не ви предизвикува негативни симптоми, тогаш ослободете се. За луѓето кои имаат низок крвен притисок постои мислење дека живеат подолго и имаат намален ризик за инфаркт, заболување на бубрезите или на срцето. Атлетичарите, луѓето кои често вежбаат, кои ја одржуваат идеалната тежина на телото, како и непушачите, имаат низок крвен притисок. Низок крвен притисок е пожелен сè додека не е доволно низок за да предизвика симптоми и оштетувања на органите во телото.

За разлика од високиот крвен притисок, кој е поврзан со многу потенцијални здравствени проблеми, нискиот крвен притисок често се смета како маркер за добро здравје.

Едно лице треба да биде свесно за знаците и за симптомите на низок крвен притисок и да разговара со лекар доколку нискиот крвен притисок почнува да му предизвикува проблеми.

Најдобар начин да го одржите вашето целокупно здравје и да го балансирате притисокот е да јадете здрава храна, редовно да вежбате, да избегнувате пушење цигари, како и консумирање алкохол.