Навистина ли зелката го забавува стареењето? Студијата објавена во магазинот Cell Metabolism, откри дека природната состојка во зелката -никотинамид мононуклеотид (NMN)- го поттикнува метаболизмот, поттикнува создавање на енергија, ги намалува знаците на стареење и го контролира апетитот. Она што и претходно беше познато е дека листовите на зелката изобилуваат со витамин Е и калиум – клучни хранливи материи што ѝ даваат мекост и сјај на кожата. Инаку, истата чудотворна компонента е присутна и во броколата, авокадото и едамамот. Искористете ја сезоната на младата зелка достапна на пазарите и вклучете ја во менито секој ден, најдобро во облик на свежа салата.
Дали оризот треба да отстои во вода преку ноќ? Пожелно е, но не мора, сепак оризот не е наут. Но, според експертите од Универзитетот Квинс, оризот може да содржи арсен кој пак предизвикува низа срцеви заболувања, дијабетес и рак. Добрата вест е тоа што откако оризот ќе отстои во вода преку ноќ, нивото на овој штетен токсин паѓа за цели 80 %. Истиот ефект ќе го постигнете ако го варите оризот во повеќе вода – 5 шолји вода за 1 шолја ориз – за да ја преполовите количината арсен.
Дали кога сум на диета е подобро да пијам исклучиво црно кафе? Многу веруваат во заблудата дека црното или турско кафе е диетална варијанта во однос на другите кои содржат млеко. Млекото воопшто не поттикнува апетит ниту води до вишок килограми. Ако работата ви е стресна, поголема е веројатноста кафето (без разлика каков тип пиете) да ви донесе вишок, а не минус килограми. Зошто е тоа така? За сѐ е виновен стрес хормонот кортизол чие ниво расте под влијание на редовните дози кофеин. Друг момент е шеќерот во крвта кој се искачува, а потоа нагло паѓа поттикнувајќи ве да јадете и солено и благо во исто време. Ова не значи дека целосно треба да се откажете од кофеинот, но кога сте на диетален режим пијте го пред или веднаш после оброкот.
Вистина ли е дека препечениот сладок компир предизвикува рак? Одамна важи правилото дека храната не смее да се препекува, бидејќи онаа црна кора е канцерогена. Нутриционистите особено алармираат да внимаваме на тоа како ги готвиме скробните намирници. Тостираните и препечени компири, вклучувајќи го и слаткиот, го зголемуваат ризикот од рак поттикнат од компонентата позната како акриламид – се создава кога водата се губи од површината на плодот во текот на печењето. Сепак, не постои директен доказ дека акриламидот е канцероген за луѓето. Што значи, уживајте во печени компири, но сепак гответе ги на најздравиот можен начин – крупни парчиња печени на пониска температура за пократко време.
Колку црвено месо е дозволено да се јаде? Црвеното месо го бие лош глас, особено меѓу возрасните. Но, последните студии велат дека три порции од 85 грама неделно, не го зголемуваат ризикот од кардиоваскуларни болести. Од друга страна, црвеното месо содржи витамин Б, цинк, селен и железо кое телото многу подобро го апсорбира во однос на железото од растително потекло.
Знајте го ова… Студијата објавена во магазинот Social Science and Medicine, откри дека секојдневното читање во траење од 30 минути го продолжува животот за цели 2 години. Читањето го ангажира мозокот на подлабоко ниво и води до подобрена емпатија, социјална перцепција и емотивна интелигенција – квалитети неопходни за подобро преживување. Еј, ова важи само за печатените книги, читањето на телефон не се важи.
Трчање кога надвор е загадено – носи повеќе корист или штета? Изложувањето на загаден воздух е штетно без разлика дали пешачите или трчате. Но, при трчање човекот дише подлабоко полнејќи ги градите со 10 до 20 пати повеќе воздух. Ова автоматски значи дека вдишувате поголема количина од штетните честички кои предизвикуваат срцев или мозочен удар. Пред да се затворите дома, знајте го и ова: Истражувачите од Универзитетот Кембриџ потврдија дека бенефитите од спортувањето (вклучувајќи го и трчањето) дури и во земјите со високо загаден воздух, ги надминуваат ризиците. Па, по некоја логика добро е да трчате и кога е екстремно загадено, но трчајте во парк или шума место на асфалт.