ИНТЕРВЈУ – Јелена Јованова

ИНТЕРВЈУ – Јелена Јованова
Тие две не само што имаат исто име, туку споделуваат иста енергична, заразна и неодолива насмевка и кога камерите работат и кога се на пауза. Публиката толку многу ја сака Јелена од телевизиската серија „Преспав“, што многумина веруваат дека актерката е идентична со ликот што го толкува. Ова е само потврда за актерските способности на Јелена која во реалниот живот е вистинска уметничка душа, голем професионалец, софистицирана дама за пример за која се потребни многу страни за да ја доживеете во вистинско светло. Ова е само еден мал дел посветен на секојдневието на нашата најуспешна актерка со светска кариера. 

Ваш аптекар: Со оглед на тоа што секојдневието го живеете во Хрватска, дали сте свесни дека „Јелена од Драчево“ стана секоја втора девојка во Македонија? Низ нашите улици чекорат многу забавни, борбени жени чие присуство е посакувано од сите, но кога светлата ќе се изгаснат, тие се осамени души кои веруваат дека среќа ќе најдат само ако се иселат одовде. 

Јелена Јованова: Некому му е доволна една улица, друг, пак, се гуши во тесноста на глобусот. „Јелена од Драчево“ е само една од оние што посакува карта во еден правец за надвор од својата улица за да го освои глобусот. Се разбира дека таквата потреба, кога живееш во држава на неисполнети ветувања, каде е јасно за кого таа е мајка, а за кого маќеа, станува уште повеќе разбирлива и неопходна. Живеам на релација Загреб-Скопје веќе 7 години. Не мислам дека тревата во Хрватска е позелена, но сигурно е поуредена. Посакувам и се надевам дека ќе дојде време кога системот ќе работи за нас и кога нештата кои функционираат нема да се инцидент. 

„Јелена од Драчево ја наследи мојата приватна насмевка и ме радува моментот кога лично ќе посведочам колку знае да е заразна“.

Ваш аптекар: Оние што ја погледнале македонската театарска верзија на познатиот мјузикл „Чикаго“, биле дел од толпата луѓе кои посведочиле дека Македонија има стопати подобра актерка од Рене Зелвигер и Кетрин Зета Џонс заедно. Јелена, свесни ли сте за големината на својот талент? Дали тој е доволно ценет и вреднуван кај нас дома? Кому му давате ронка предност, на театарот или на филмот? 

Јелена Јованова: Уф! Не знам како би го продолжила одговорот на ова, по такво споделено мислење! Ви благодарам! Ми значи! Да ја нема публиката, нема да ме има и мене како актерка. Верувам во нејзините очи и срце. Чинот дека досега сум била прифатена, подобро отколку што сум посакувала, го потврдува фактот дека сум на вистинското место и дека творам во моето време! За тоа сум вечно и неизмерно благодарна. Сѐ уште учам и сакам да го учам овој занает. Се радувам на секоја доверена улога и пробувам во секоја да го дадам својот максимум. Камерниот театар отсекогаш ми лежел повеќе, па така некако успеав полесно да се поврзам со камерата. Предност во изборот има самиот проект и дали и колку тој ќе ме испровоцира за поместување на моите граници. Без разлика дали е театарски или филмски. Задоволна сум со сѐ она што сум го постигнала досега. Миговно се чувствувам зрело за многу поголеми предизвици. Овде сум ако некој има храброст за тоа и истото тоа го препознава кај мене. 

Ваш аптекар: Поседувате несекојдневна убавина, но дали планирате да остарите како Мерил Стрип? Возможно ли е да ја видиме Јелена со воочливо ботоксирано лице? Верувате ли во она дека штом почнете со една корекција – нема да има крај? 

Јелена Јованова: Благодарам на комплиментот! Секојдневно учам да го прегрнам она што ми е дадено и да го негувам природно. Бев заробена во идејата дека естетската хирургија е неопходна дури не нурнав длабоко во сето она што природата и духот го нудат како решение за секој проблем. Би сакала мудро да стареам и да прифатам дека времето остава траги, но дека тие може да се сведоштво на сопственото постоење кое е благослов, а не товар. Кое, да – може и треба да се негува природно, но не и да се негира!

Ваш аптекар: Колку успевате да стигнете да се храните здраво? Дали можеби се водите по некоја програма или се однесувате по свои правила? Готвите ли? 

Јелена Јованова: По вокација сум човек кој се занимава со емоции, обожава да набљудува, да слуша и соодветно на приложеното а реагира. Веројатно тоа ми го олеснува моментот на „слушни го својот организам и дај му го она што му треба“! Никогаш не сум се лишела од нешто ниту, пак, фала му на Бога, не сум имала потреба за тоа. По природа сум гурман иако можеби мојата видлива тежина не остава таков впечаток. Сакам да готвам и да испробувам различни рецепти и уживам во богатството на различните кујни и нивната синтеза. Секојдневни на менито се овошјето и зеленчукот, рибата барем еднаш неделно, исто како и месото. Денот ми почнува со топла вода со лимон и мед, овошје и тост од авокадо или зобна каша. Ужината е секогаш посветена на јаткастите плодови, ручекот е разновиден со свежа салата, а за вечера знам и да се почестам со чаша вино, добро сирење и пршут. Кефирот и ротквиците исто знаат да се изборат за вечера. Клучот за здрава линија е во правилното комбинирање на храната и верувам барем тоа е нешто што секој може да го научи. Загреб сѐ уште е магичен за мене и сакам да шетам некогаш со часови. На тој начин, се одржувам и физички активна, ако тој ден не сум чувствувала дека е ден за џогирање или за јога.

„Би сакала мудро да стареам и да прифатам дека времето остава траги, но дека тие може да се сведоштво на сопственото постоење кое е благослов, а не товар“.

 

Ваш аптекар: Го оставате ли некогаш телефонот на „нечујно“? На кој начин се исклучувате од сѐ?

Јелена Јованова: Со Стјепан научив барем во недела да го исклучам телефонот и тој ден да е многу повеќе наш. Ја обожавам неговата леснотија во одлуката да си го земе времето само за себе и ме радува дека во тоа сѐ повеќе се подобрувам и јас. Кога сме на годишен одмор, секогаш носиме стар „Нокиа“ телефон со нов број што го знаат само домашните за итни ситуации. На тој начин, не слушаме нотификации од мејлови и од социјални мрежи. Денот има свој ритам кој не е диктиран од виртуелната контрола и опседнатост. Не робуваме на моментот дека секој треба да знае и да види каде сме и како сме. Добра книга и музика знаат да те исклучат од светот на непотребни информации и да те однесат на место каде ќе уживаш во своите мечти и себеспознавањето!

Ваш аптекар: Што може да се најде во Вашата домашна аптека од природни препарати и суплементи? 

Јелена Јованова: Алое вера, смил, природни етерични масла од кајсија, авокадо и бадем. Кога снимам подолго време, имам потреба од додатен витамин Ц, а во зима за здрава и еластична кожа, ако почувствувам потреба, додатно земам и витамин Е. 

Ваш аптекар: Јелена и спорт – колку гледате и колку практикувате да спортувате? 

Јелена Јованова: Следам фудбал и тенис. На тоа се навлеков како мала со татко ми со кој до ден-денес знаеме да размениме мислење за спорт. Трчањето ми станува сѐ поголем предизвик и уживање и би сакала да се испробам во мартонски трки. 

Ваш аптекар: „Јелена од Преспав“ има една неодоливо заразна насмевка, дали ја поседувате истата насмевка и во реалниот живот? Што најлесно може да ве насмее? 

Јелена Јованова: „Јелена од Драчево“ ја наследи мојата приватна насмевка и ме радува моментот кога лично ќе посведочам колку знае да е заразна. Најлесно се смеам на сопствените глупости. На тој начин и полесно ги решавам. 

Ваш аптекар: Која е Вашата формула за добро здравје и ведар дух што би ја споделиле со читателите? 

Јелена Јованова: Да се прифатиме себеси и да работиме на подобро „јас“. Да го прифатиме другиот и да го разбереме, да не судиме, да растеме духовно со нештата кои нѐ прават среќни и ни раѓаат здрави аспирации. Да се смееме почесто од срце, да бидеме хумани и солидарни. Да ја негуваме емпатијата и да ја храниме вистината. Ако сме опкружени со сопствената вистина, многу полесно ќе го носиме сопствениот крст и ќе веруваме. Верба за почеток и крај!