Замислете да можете да јадете што сакате и кога сакате без да ја загрозите линијата. Е, па, драги мои, на многу луѓе тоа им успева. Станува збор за интуитивно јадење кое се базира на клучни принципи како отфрлање на идејата за диета и гладување, и, најважно, помирување со храната. Интуитивниот начин на исхрана, всушност, е промислено јадење кое има цел да ја поткрене свеста за реалниот глад наспроти емоционалниот.
Интуитивниот начин на исхрана ќе ве поттикне да го користите регулаторниот систем на телото (чувството на глад и ситост) за полесно да одлучите што, колку и кога да јадете, наместо да се оптоварувате со диети.
Благодарение на многуте опсежни истражувања, денес ни е јасно која храна е здрава, и сега треба да ја игнорираме науката и да го слушаме телото? А, што ако тоа сака колачи за појадок?
Не грижете се, најверојатно нема да посака такво нешто. Истражувањата велат дека начинот на исхрана што не подразбира ограничувања, ретко кога доведува до прејадување или нездрав избор на оброци. Ова се должи на процесот на привикнување – колку повеќе храната ви е достапна, толку таа е помалку атрактивна.
Во 90-тите, психологот Жан Кристелер откри дека шестнеделната програма за промислено консумирање храна, била корисна за редуцирање на нарушувањето познато како неконтролирано јадење. Оттогаш, различни студии потврдија дека промисленото јадење го намалува емоционалното и го регулира количеството на порцијата кај возрасните, без разлика на нивната телесна тежина. Но, што е со слабеењето?
Интуитивните јадачи претендираат да имаат помал индекс на телесна маса (BMI) за разлика од оние кои бројат калории. Сепак, во една шестнеделна студија во која споредувале кој ќе изгуби повеќе килограми, интуитивните јадачи или оние кои подлегнале на калориска рестрикција, победници излегле вторите. Но, добро е да знаете дека на долг рок, нештата важат обратно.
Па, дали да станете интуитивни консументи на сета онаа храна околу вас? Да, особено ако сакате да се ослободите од диетите. За целосно релаксиран однос кон храната, едноставно, почитувајте го телото кога е гладно, но и кога е сито.
Џвакај интуитивно
Пред и по јадење, бележете го нивото на глад и ситост на скала од 1 до 10 (1 – празен, 10 – полн стомак). Идеално би било да почнете да јадете на 3, а да сопрете на 7. Јадење во комбинација со друга активност значи зголемување на ризикот од прејадување. Барем еден оброк во денот, јадете го во мир. Не јадете како куче, ако џвакате како да не сте виделе, значи сте се изгладниле, а тоа е погрешно. Оставете ја виљушката меѓу залаци, џвакајте и не заборавајте да дишете.