ЈАБОЛКО – „Ден поминат без барем едно јаболко, е изгубен ден“

ЈАБОЛКО – „Ден поминат без барем едно јаболко, е изгубен ден“

Црвено, жолто или зеленo –подеднакво вкусно и хранливо. Излезено од рајот и најмалку е грев да се јаде. Несомнено, едно од најздравите и најчесто консумирани плодови од природата.

Јаболката се лесно достапни и присутни во текот на целата година во свежа форма. Нашето поднебје е идеална почва и расадник на вкусни и здрави облици на јаболка. Лесно може да се чува во соодветни складови, па свежо може да се најде преку цела година по секогаш  достапни цени.
Постојат околу 10 000 видови јаболка кои се разликуваат по вкус, по слаткост или по киселост, по коегзистенција и по сочност. Најпознати видови кај нас се црвен делишес, златен делишес, јонатан, греми смит и др.

Јаболкото, освен како свежо, се употребува и за подготвување разни слатки, филови за пити, компот од јаболко, пире од јаболко, сокови и сл.

Нутриционистите препорачуваат годишно да изедеме барем од 30 до 40 кг. јаболка

Најголем дел од вредните компоненти се содржани во кората. Поради ова, се препорачува јаболкото да не се лупи туку да се јаде цело, секако, претходно добро измиено.

Јаболкото се разградува во желудникот за 15-20 минути. Ако се јаде со друга храна, може да се задржи и до неколку часа, па затоа се препорачува да се јаде половина час пред главниот оброк или неколку часа по оброкот.
Јаболковиот сок, приготвен од свежо јаболко, не треба да стои повеќе од половина час, па поради тоа потребно е веднаш да се испие. Со печењето на јаболкото се губи големо количество на витамин Ц.

Состојки корисни за организмот:

Јаболкото содржи многу вода (дури 85% од целото јаболко е вода) и многу малку калории. Покрај ова, богато е со:
·                растителни влакна
·                железо
·                калциум, калиум, натриум, магнезиум
·                витамнини А, Ц, Е
·                олиго елементи
·                шеќер (фруктоза, глукоза)

Здравствена корист
За вита линија
Јаболкото нема голема калорична и енергетска вредност и, поради ова, многу често се наоѓа во менито на разни програми и диети за одржување на витата линија. Заради високата содржина на вода и растителни влакна, дава чувство на ситост. За оваа цел, доволно е да се изеде по едно јаболко пред оброк.

Одлично за дигестивниот систем
Поради растителните влакна кои ги содржи, јаболкото ја подобрува и работата на дигестивниот систем. Јаболкото е одлично против дијареја и запек.

За подобар имунитет
Јаболкото го подобрува и ја стимулира работата на имунолошкиот систем. Богато е со витамин Ц и антиоксиданти кои се справуваат со слободните радикали во телото, а со тоа го штити организмот од разни болести.

Добро за срцето и за кардиоваскуларниот систем
Поради содржината на пектин и миксот на полифеноли (кои ги има во најголем процент во лушпата), јаболкото е добро и за кардиоваскуларниот систем. Го намалува нивото на лошиот холестерол, исто така го намалува ризикот од запушени вени и висок крвен притисок. Помага во превенција на срцеви заболувања и артериосклероза.

Превенција од кариес
Со самото каснување и џвакање на јаболкото, се стимулира лачењето на пектинот во усната празнина и со тоа се намалува ризикот од создавање кариес. Калциумот само го зголемува позитивниот ефект на јаболкото за забите.
Големи се здравствените придобивки од редовната консумација на јаболкото, особено во свежа форма. Меѓу другото, јаболкото помага и во регулирање на шеќерот во крвта, овозможува полесно дишење, помага при детоксикација на црниот дроб, го намалува ризикот од појава на катаракта.

Јаболков оцет
Кога зборуваме за јаболкото, не можеме а да не го споменеме и јаболковиот оцет, богат со калиум, кој се добива со вриење на јаболкото или со превирање на јаболковиот сок.
Јаболковиот оцет се употребува во диетите, а, исто така, се користи и во традиционалната медицина и тоа за:

–                 разни инфекции
–                 болки во грлото
–                 проширени вени
–                 проблеми со варењето
–                 прекумерна телесна тежина
–                 имуниот систем
–                 работата на бубрезите
–                 проблеми со жолчното ќесе