Како виткоста ја загрoзува плодноста?

Како виткоста ја загрoзува плодноста?

Причини за неплодност има многу, но малкумина знаат дека и прекумерното вежбање е една од нив. Зошто? Бидејќи оној што вежба по автоматизам е здрав, дури и кога не е! Бројот на прекумерни вежбачи се зголемува од минута во минута. Сакате доказ? Неодамнешното истражување на познатиот магазин за жени „Woman’s Health“, покажа дека 90 % од читателките сакаат помалку сало на себе, додека една третина би биле среќни со дури 6 килограми помалку.

Како вежбањето може да биде проблем?

Сѐ се должи на едноставниот, но многу малку познат концепт наречен релативна енeргетска дефициенција во спортот – RED S.Жените се соочуваат со нерегуларен менстурален циклус или сосем го губат циклусот токму поради недостиг на енергија.

„RED S е нееднаквоста помеѓу внесот на храна (енергијата и микронутриентите што ги консумирате) и хранливите материи потребни за да дојдете до енергијата што, прво, ќе ги покрие  функциите на организмот, а потоа останатите домаќински, професионални задачи и спортски цели“, објаснува спортскиот ендокринолог д-р Nicky Keay. Како смартфон со 9 % батерија, за да не ви се исклучи, ја ставате батеријата на штедење при што автоматските функции – во случајот на жените тоа е месечниот циклус – се гасат.

Но, секоја жена е различна, а со тоа и размерот на последиците. Режимот на исхрана и нивото на мастите кај една жена можеби ќе успеат да го задржат редовниот менструален циклус, но кај друга може да го срушат целиот репродуктивен циклус.

„Кога сте фокусирани на значително намалување на вишоците, без разлика дали практикувате екстремен спортски режим и/или држите диета, телото согледува дека сте под стрес и одлучува дека не е време за репродукција“, вели д-р Meggie Smith, од „University of Southern California“.„Сигналите од мозокот до јајчниците, познати како оска на хипоталамус – хипофиза – јајчници, не функционираат. Лутеинизирачкиот хормон(кој ја поттикнува овулацијата) не се лачи, а пак јајчниците ниту исфрлаат јајце-клетка ниту пак создаваат естроген и прогестерон.“

И додека прекумерната телесна тежина и дебелината му сметаат на репродуктивниот систем, бидејќи во тој случај телото се соочува со преголеми дози естроген, овде станува збор за сосем спротивно сценарио кое во најлош случај може да го забрза настапувањето на менопаузата, предупредува д-р Smith.

Вистинскиот пат до посакуваното тело

Во минатото, ваквиот феномен беше својствен за професионалните спортистки (69 % од навивачките на колеџ и 65 % од маратонките имаат нередовен менструален циклус), но денес со достапноста на програмите за вежбање дури и на социјалните медиуми, на удар се и спортските лаици.

Приказната не завршува со менструалниот циклус, енергетскиот дефицит го забавува метаболизмот, го намалува имунитетот, го зголемува уморот, влијае на кардиоваскуларниот и на дигестивниот систем. „Според моето искуство, на најголем ризик се изложени жените во 20-тите за кои мајчинството сѐ уште е далечно, а добрата фигура посакувана“, вели Laura Clark, диететичар и спортски нутриционист. „На оваа возраст, девојките вежбаат секој ден, честопати и два пати дневно. Интензивниот тренинг е прифатлив, сѐ додека е поткрепен со храна која ќе ги задоволи енергетските потреби на сите нивоа.“ Што се однесува до дилемата, што е полошо, премногу вежбање или премалку храна, д-р Smithвели дека калориската рестрикција е многу поопасна отколку високо интензивните тренинзи.

Студијата „Neuroendocrinology of Nutritional Infertility“ откри дека е доволно само 1 месец без доволно енергија за да се загрози редовноста на менструалниот циклус. Во меѓувреме, можете да побарате и плус знаци дека сте тргнале по погрешен пат да слабеете. Опаѓање на косата, нови влакненца по телото, подуен стомак. Во суштина, ако целиот ваш живот е подреден на терминот за вежбање, запрашајте се дали има логика форсирањето. Запомнете, кога вежбате толку интензивно, вашиот мозок треба да биде насочен кон тоа што да додадете на менито, а не што да одземете.

Ако консумирате помалку од 2 000 калории, а практикувате вежби за издржливост, несомнено се изложувате на ризик од RED-S.

Не заменувајте ги јаглехидратите со протеини!

Доколку на телото му недостасува гориво (јаглехидрати), тогаш телото ќе почне да ги конвертира протеините наместо да ги користи како градбени единици за мускулите. Во деновите кога тренирате, јадете повеќе скроб и шеќер – овошје и зеленчук.