Каков карактер има вашата кожа?

Каков карактер има вашата кожа?

Години наназад, кожата се класифицираше според количеството масло што го продуцира (нормална, масна или сува). Но, кожните проблеми ги чинат низа фактори како исхрана, генетика, животен стил, затоа современиот дерматолошки пристап подразбира дефинирање на карактерот на кожата.

Прилагодлив

Еластична кожа која добро реагира на нови производи и различни временски услови. Визуелно, овој тип кожа има пори со просечна големина и минимум митесери.

НЕГА: Користете нежен лосион за чистење лице или мицеларна вода, за да не ги отстраните природните заштитни масла што ги содржи кожата. Погрижете се да биде хидратирана и мека, користејќи крем што нема да му тежи на лицето.За поголема сјајност, еднаш неделно правете пилинг.

ИСХРАНА: Храната нека се базира на зеленчук и мултивитамин на дневна база во кој се вклучени витамините А, Ц и Е, со цел да го забавите оксидативниот стрес.

Чувствителен на хормони

Кожа на која честопати се забележуваат акни и вишок маснотии под влијание на андрогените хормони.

НЕГА: Лосион на база на салицилна киселина – ги одзатнува порите разложувајќи го вишокот маснотии, а доволен е само 1% во составот. И покрај вишокот маснотии, на кожата ѝ треба хидратација. Пилингот е задолжителен за порите да бидат чисти.

ИСХРАНА: Намалете го внесувањето млеко и слатки – поттикнуваат воспаление, а шеќерот ја покачува глукозата која влијае на адрогените хормони. Обидете се со цинк во облик на суплемент, бидејќи студиите покажуваат дека го намалува воспалението и ги инхибира андрогените хормони.

Чувствителен на стрес

Имате проблем со егзема или розацеа? Кожата бурно реагира на состојби како недостиг на сон, нездрава исхрана, стресен животен стил и променливо време.

НЕГА: Формулите за миење лице кои се базираат на сулфати, дополнително ја слабеат кожната бариера. Одберете формула што не се пени и плакнете со ладна вода. Серумските киселински формули заменете ги со антиоксиданти комбинирани со природни состојки како камилица или невен – има антивоспалителни својства и ја забрзува регенерацијата на ткивото.

ИСХРАНА:Избегнувајте црвено месо, млеко и зачинета храна (одговорни за црвенилото), а зголемете го внесот на омега-3 масните киселини.

Зрел

Тенка кожа која покажува први знаци на стареење (фини линии, висење, темни дамки).

НЕГА: Процесот на таложење на мртвите клетки на површината на кожата, кај онаа со зрел карактер, се одвива бавно. Затоа, користете формула за миење која истовремено ексфолира. Хидратацијата решете ја со хијалуронска киселина, а за измазнување тука е ретинолот – дериват на витаминот А, есенцијален за мека и полна кожа.

ИСХРАНА: Уште една причина да го избегнувате шеќерот: води до гликација која ги здрвува колагенот и еластинот и го забрзува стареењето. Работете на оксидативниот стрес преку масни киселини во облик на суплементи.

СПФ 30 – неопходен чекор во секој режим за нега на кожа, без оглед на типотили карактерот.