Катарина Ивановска

Катарина Ивановска

Не мора да сте којзнае каков познавач на модата за да ја знаете Катарина Ивановска, нашата најпозната манекенка и модел, која прва ги отклучи вратите на светската модна сцена. По незаборавното животно и професиoнално искуство надвор, денес Катарина работи исклучиво како модел за одбрани брендови, а остатокот од времето е мајка на две деца – синот Вања и ќерката Кира. Valentino, Dolce and Gabbana, Vivienne Westwood, Roberto Cavalli, Dior, Elie Saab, листата на исконски модни дизајнери и брендови кои ја ангажираа, назад во времето, е навистина голема, благодарение на нејзината безвременска убавина која сѐ уште е посакувана и ценета. И кога на истата ќе ја додадете нејзината самоувереност, цврстина, наметливост да поттикне позитивни промени, несомнено, она што Катарина ќе го сработи добива карактер.

 „Кариерата ја стартував со добар совет, а тоа е дека самоувереноста, љубезноста и насмевката разоружуваат.“

 

Благодарение на социјалните медиуми, денес и обичната жена сака да изгледа убаво, да има добра фигура. Но, малкумина се реални дека за тоа е потребен цврст сојуз меѓу здравата исхрана и спортувањето, па сѐ уште има жени кои губат време барајќи магични формули, напивки, чаеви. Ќе ја прифатиш или ќе ја отфрлиш тезата дека гените, особено после 30-тата и после породување, се само катализатори на она што е неопходно да го сработиме во сала, комбинирано со она што го консумираме? Всушност, кој режим е одговорен за твојот фит изглед?

Генетиката е виновна за мојот изглед пред сѐ. Бидејќи од својата 17-та година сум манекенка и фотомодел – кој мора да ги следи највисоките стандарди во модниот бизнис за висина, тежина и изглед воопшто – стекнав навики кои станаа дел од мојот животен стил. Не можам да генерализирамбидејќи моето тело и изглед се алатката во мојата професија и на тој начин ги третирам и во периодот на бременост, кога само ја менувам динамиката на вежбите, и по породувањето – кога многу суптилно се враќам во форма. Јадам сѐ што ќе посакам, но за среќа немам ниту малку потреба и желба за индустриска храна полна со шеќери и скриени масти. Медитеранската храна полна со хранлив зеленчук и овошје, месо на скара и јаткасти плодови е мојата комбинација. Задоволна сум што мојата професија, онаква каква што е, ме одржува во совршено добро здравје.

Има еден чуден парадокс кој им се случува на дел од жените штом станат мајки, некако забавуваат со животот. Не мислам само на физичкиот изглед, туку и на духот. Преголемо посветување на домот и семејството и речиси никаква желба за некогашните активности и навики. На што се должи ова? Дали сѐ уште имаме нерамноправна поделба на обврските во домот, ни недостасуваат пари или таков ни е менталитетот? Мојот впечаток за тебе е дека и покрај сите обврски, и покрај титулата мајка, го имаш задржано својот енергичен дух и дека сѐ уште имаш потреба да се дружиш. Лесно ли доаѓаш до време за себе и дали се наоѓаш во ситуации кога треба да се избориш за истото?

Сите карактеристики кои ги набројавте за некакво стереотипно однесување по породувањето мене не ми се познати. Јас, искрено, немам многу време да залегнам и да си дозволам комоција која можеби некои мајки си ја овозможуваат. Кај мене едноставно животот продолжува, а моите деца навистина имаат многу време да бидат со мене, бидејќи имам слободно време во паузите кога не снимам реклами и едиторијали. Јас потекнувам од спортско семејство каде многу прагматично се организира сѐ и нема време за многу емотивни драми околу некои настани и придавање огромна важност на промените кои ни се случуваат. Научени сме, јас и мојата сестра, да бидеме подготвени и за победа и за пораз, и да продолжиме понатаму исправени и моќни. Единствено нешто што е континуирано кај нас, во целото семејство, е безусловната љубов и поддршка. Тој е мојот начин на грижа и воспитување, а таков одговорен, грижлив и полн со љубов, е и таткото на моите деца со кого ги делиме обврските.

И додека во светот беснеат разноразни движења од типот #metoo, кај нас сѐ уште има луѓе кои твојата професија ја поврзуваат со сексуални злоупотреби, непристојни понуди и слично. Дали денес воопшто има простор за непристојни понуди? Се зголеми ли слободата на моделите, се слуша ли нивниот збор повеќе после овие промени?

Светското разоткривање на моќните мажи кои злоупотребувале или сексуално вознемирувале жени или млади девојки, колешки и актерки во филмската и модната индустрија, направи квалитетна промена која беше долгоочекувана. Во модниот свет за ова се зборува како за природна појава без да се знаат фактите. Имено, постојат разни типови агенции, оние врвните се постојано будни да не дозволат да се случи нешто на моделите кои ги застапуваат. Интересно е дека во оваа индустрија, за сексуално злоупотребувани, кренаа глас машки модели кои имале непријатни искуства со високопрофилирани фотографи кои важат за легенди во уметничката фотографија како Марио Тестино, Брус Вебер и други. Јас, лично, од старт влегов во врвот на оваа индустрија и околу мојата безбедност вистински се грижеа моите букери. Но, секако, во оваа професија не можеш ништо да направиш ако не си психички силен да ја издржиш, бидејќи модата зад кулисите е преполна со бездушност и ароганција кои произлегуваат од екстремните обврски на сите учесници во неа. Јас стартував со добар совет, а тоа е дека самоувереноста, љубезноста и насмевката, разоружуваат. Од мала си велев на кастинзи: Кики, главата горе! Кој и да е во таа просторија, ти си највисоката која влегува и, сепак, треба да го спуштиш погледот за да ги видиш. Среќна сум што досега немав непријатно искуство во мојата работа и им давам поддршка на сите жени кои имале лошо искуство, сеедно каде, да не молчат, бидејќи тие никогаш не се виновни. Никогаш!

Да расчистиме уште една заблуда: Моделите имаат ограничена кариера врзана со годините – дали ова важи само кај нас?! Илјадници жени стареат како виното и сѐ уште заработуваат милиони. Како ја замислуваш твојата кариера во иднина и дали размислуваш за споредна професионална ориентација? Бидејќи внимателно бираш со кого соработуваш, дали во моментов си задоволна од постигнатото или копнееш за повеќе, за странство?

Точно е дека има лимит во мојата професија, но тој лимит во денешниот моден свет е растеглив и зависи од изгледот и можностите на моделот. Јас, денес, по враќањето од Њујорк, сум исклучиво фотомодел и со комбинацијата на класичен и атлетски изглед сѐ уште добивам работа. Истата, поради родителството, е со намален интензитет, но и самата индустрија многу бргу се менува станувајќи дигитална и валоризирана од следбеници на Инстаграм. Бидејќи не се соочувам со притисокот со кои младите манекенки се соочуваат, работам, буквално, од силината на моето професионално искуство за кампањи каде е потребна таканаречена безвременска убавина и истата не подлегнува многу на трендовите и популарноста. Инаку, немам желба за бесконечно присуство така што не верувам дека за потребите на мојата работа во иднина ќе применувам пластична хирургија за да задржам некаков младешки изглед. Модната индустрија денес е фокусирана и на возрасните жени, и тие имаат огромна палета на модни брендови и козметика кои бараат класична убавина. Она од кое никогаш нема да се откажам е да ја искористам мојата појава за квалитетни промени во општеството и секогаш да бидам глас на оние кои, на каков било начин, се обесправени или загрозени. Сакам мојот син и ќерка да растат среќно, во средина каде ќе може да се изградат во убави личности полни со љубов, разбирање и толеранција. Не сакам моите деца да бидат оние кои ќе сонуваат да се иселат.

„Не сакам моите деца да бидат оние кои ќе сонуваат да се иселат.“