ЛУБЕНИЦА

ЛУБЕНИЦА
Слатка, сочна и вкусна. Гаси жед, отстранува замор, го подобрува расположението, дава енергија и елан за работа. Кој друг, ако не лубеницата. Совршено освежување во жешките летни денови, а се препорачува и во исхраната кај луѓето кои страдаат од болести на срце, крвни садови, жолчка и црн дроб.

Лубеницата (Citrullus lanatus) многумина ја вбројуваат во редот на овошките, но, всушност, претставува зеленчук од фамилијата Cucurbitaceae. Во исхраната се користи плодот кој најчесто има топчест облик, зелен по боја, прошаран со риги. Внатрешноста на плодот е исполнет со „сочно месо“ во црвена боја.
Лубеницата не е само вкусно освежување во топлите летни денови, туку е и супер здрав додаток на исхраната. Содржи преку 90 % вода и многу корисни состојки: витамин А, Ц, Б1, Б2, Б3, Б5, Б6, калиум, бакар, цинк, фосфор, магнезиум, железо, јод, растителни влакна, аминокиселини аргинин и цитрулин, ликопен, органски киселини, целулоза и шеќер.

Лековити својства на лубеницата

Лубеницата има изразени антиоксидантни својства, го зајакнува имунитетот, ги штити клетките од оштетувања и помага во побрзо заздравување на раните.
Претставува одличен диуретик, ја стимулира работата на бубрезите, овозможува создавање поголемо количество урина, го прочистува уринарниот систем и помага во ослободување од бубрежните каменчиња.
Лубеницата е одлична за оние кои страдаат од артритис, но и за сите кои се изложени на стрес и се пушачи. Кај овие лица се појавува состојба на системско воспаление, врз кое многу поволно делува ликопенот присутен во лубеницата, што ја става лубеницата во групата на намирници со изразени антиинфламаторни ефекти.
Поради содржината на аргинин и цитрулин, лубеницата поволно влијае врз нормалното функционирање и врз здравјето на целокупниот кардиоваскуларен систем. Ова дејство го надополнуваат калиумот и магнезиумот, кои помагаат во регулирање на крвниот притисок.Ликопенот  дополнително го намалува ризикот од појава на кардиоваскуларни болести.
Значителните концентрации на калиум и магнезиум ја прават лубеницата одличен избор за рехабилитација и за обновување на мускулите по физичка активност.

Прва помош при изгореници

При изгореници од сончање, од голема корист може да бидат облоги со сок од лубеница или облоги од нејзината кора.

Одличен афродизијак

Цитрулинот во лубеницата ги релаксира крвните садови на сличен начин како вијаграта. Поради ова, лубеницата се смета за одличен природен афродизијак.

Хидратација

Лубеницата содржи преку 90 % вода, поради што е одличен избор за хидрирање на телото за време на летните жештини.

За вита линија

Лубеницата нема холестерол и речиси нема ни маснотии, содржи многу калиум, витамини А, Ц и Б6  и има мала калорична вредност. Дава чувство на ситост и е одлична за намалување на вишокот килограми и за одржување на здрава и вита линија.

Се јаде целиот плод

На светскиот пазар постојат и видови лубеница без семки, што се резултат на хибридизација, но не и на генетска модификација. Се препорачува да се консумираат видовите со семка, затоа што семките се, всушност, многу здрави. Содржат железо, цинк, протеини и влакна.
Кората, пак, на лубеницата најчесто се фрла. А, всушност, од неа со мал додаток на лимета може да се направи здрав освежителен пијалак. Кората е богата со хлорофил и со состојки важни за имунолошкиот и за кардиоваскуларниот систем.

Неколку факти  што можеби не сте ги знаеле:
  • Лубеницата содржи повеќе ликопен од суровите домати.
  • Сокот од лубеница може да ја намали болката во мускулите.
  • Може да се јадат семките и кората.
  • Постојат и жолти лубеници – со жолто месо и со поблаг вкус налик на мед.
  • Достапна е во текот на целата година.
  • Рокот на траење ѝ е околу една недела.
Фрапе од лубеница:
Состојки за двајца:
  • 4 чаши ладни парчиња лубеница
  • 8 ливчиња од нанеПодготовка: Вклучете го микесерот на средна брзина и полека додавајте ги парчињата лубеница се додека целата смеса не се направи во течност. Додадете го нането и мешајте уште една дополнителна минута. Смесата пресипете ја во чаша и аранжирајте со неколку ливчиња нане и уживајте. За овој рецепт се користи лубеница заедно со семките.