Во сезоната на руска и кифлички, не е чудно ако заработите некој килограм плус. Па тоа е смислата на празниците, зарем не? Она на кое сакаме да ве научиме е пристапот со кој ќе се обидете да ја поправите штетата. Изгладнувањето или детоксикацијата со чај (модерен начин на изгладнување) не е решение! Во време кога на пазарот постојат толку многу здрави и нискокалорични намирници, секое нивно игнорирање би му дошло како свесно загрозување на здравјето.
Како реагира телото на изгладнување?
Телото умее да ја препознае здравата тежина до која треба да стаса и до која смее да оди. Ако нагло ги намалите калориите, прв што ќе се побуни е стомакот – и другите ќе можат да го чујат неговото кркорење. Втори ќе се побунат хормоните – како биолошки курири на пораките во организмот, овој пат, нивното мислење ќе биде јасно и гласно изразено. „Во случај значајно да го намалите внесот на храна, ендокриниот систем ќе сигнализира со цел да ја задржи загрозената телесна тежина,“ објаснува Priya Tew, диететичар од Хампшир, Англија. Имено, ќе се намали нивото на хормоните кои го редуцираат апетитот (лептин), а ќе се покачи нивото на хормоните кои го поттикнуваат апетитот (грелин). „На телото ќе му стане приоритет да се заштити од гладување на тој начин што ќе се потруди да создаде масни резерви,“ вели Tew. Во услови на гладување, телото прави сѐ што е во негова моќ да ја зачува енергијата, тоа ќе согорува помалку калории дури и при изведување на секојдневните активности како стоење, одење или дигестија.
Заклучок:Секој обид за изгладнување ќе ве чини повеќе масни резерви, неподнослив глад и побавен метаболизам – кој може да трае со месеци па дури и години.
Изгладнувањето ќе ве направи несреќни
Оној што некогаш се осудил себеси на салата додека сите уживаат во богата празнична трпеза, најдобро можат да ги опишат депресивните чувства со кои се соочиле. Не се само физичките флуктуации со кои се соочуваат оние кои се изгладнуваат. Епохалната студија спроведена пред 70 години, сѐ уште нуди концизни и важни откритија за менталните, физичките и социјалните последици од рестриктивното јадење. Да се потсетиме: истражувачите ги анализирале нормалните навики на исхрана кај 32 мажи, на возраст помеѓу 21 до 33 години, во период од 3 месеци. Потоа, свесно, биле изгладнувани цели 6 месеци, а отпосле, подлегнале на 3 месечна реахабилитација. Физичките резултати во шест месечниот период, несомнено, биле драматични – испитаниците изгубиле речиси 25 % од нивната телесна тежина и 30 % од нивната мускулна сила. Но, она што најмногу ги загрижило истражувачите, биле емотивните промени со кои се соочиле. Сите мажи, вклучени во студијата, подлегнале на депресија, променливо расположение, стрес, нервоза. Особено им бил намален капацитетот за мисловен мултитаскинг, бидејќи биле преокупирани размислувајќи на храна. Мажите повеќе не се смееле, ретко зборувале, а ја изгубиле и смислата за хумор. И после помирувањето со храната, дел од нив сѐ уште се бореле со негативните психолошки нус појави.
Заклучок:Среќата доаѓа од стомакот!
Поголемата слика
Живеење со минимум храна е опасно по здравјето, но што е со аргументот дека намалувањето на калориите може да донесе здравје? Што вели на ова истражувачкиот тим од универзитетот Оксфорд? Откако учесниците во студијата консумирале исклучиво само шејкови, супи, нутритивни барови, во период од 8 недели, тие изгубиле 10 % од нивната телесна тежина. Ваквиот рестриктивен пристап, на луѓето со лоши навики, им дал поттик да присвојат нови, појаснува водичот на студијата д-р Susan Jebb. Клучниот факт што не го знаете: во оксфордската студија биле вклучени испитаници кои се борат со вишок килограми. „Ги советувам луѓето да се потпрат на рестриктивни мерки, само ако имаат плус 30 килограми,“ вели Jebb. Освен кога имате сериозен проблем со телесната тежина и се борите да присвоите здрави навики (да се храните здраво, да вежбате редовно, да се грижите за себе) во секој друг случај, брзите диети не се за вас! Од друга страна, тенка е границата изгладнувањето, што требаше да донесе брзи резултати, да премине во растројство. Д-р Joanna Silver,од лондонската болница „Натингејл“, советува да се преиспитате како режимот по кој се храните, прави да се чувствувате и да се однесувате. „Одбивањето на покана за вечера поради тоа што сакате време за себе е во ред, но ако одбивате средба само за да не се опкружите со храна, тое е веќе загрижувачки,“ вели Silver. Подобра метода е да се фокусирате на цели кои може да се постигнат и балансирани навики на исхрана. Да, ќе ви треба двојно повеќе време за да дојдете до посакуваната цел, но промените ќе бидат трајни.
Заклучок:Ако го мамите системот, телото, умот и резултатите ќе страдаат. Играјте по правилата и промените ќе траат со години.
Вежбајте со мерка
Телото подеднакво се противи на прекумерното вежбање исто како и на прекумерното гладување. При интензивно потење повеќе од еден час, телото лачи кортизол. Ако нивото на кортизол остане високо, телото ќе произведе вишок глукоза. Проблемот е во тоа што сиот тој излачен кортизол ќе го потисне инсулинот, хормонот кој е одговорен за глукозата во крвта да се конвентира во енергија.
Превод: Клетките ќе останат гладни и упорно ќе праќаат сигнали за помош до мозокот – во пракса – вие ќе јадете сѐ пред себе!