МУЗИКОТЕРАПИЈА

МУЗИКОТЕРАПИЈА
Ја слушаме секој ден, било додека возиме автомобил, седиме на кафе, додека тренираме, трчаме, возиме велосипед… Стана неизбежен дел од нашиот живот,  а може да ни помогне да го пребродиме секојдневниот стрес и проблемите.

Музиката му дава душа на универзумот, крилја на умот и на фантазијата и живот на сè!   Платон 

Што навистина e музика?
Музика (од грчкиот збор муза) е звучна хармонија која предизвикува пријатно духовно чувство.
Дали некогаш сме се прашале колку вревата што секојдневно нè опкружува во овој модерен свет, им штети на нашите нерви и полека, но сигурно, го нарушува нашето здравје? За разлика од тоа, музиката нèопушта, го поправа расположението, со неа се забавуваме, но и кога плачеме и поминуваме низ тешки емотивни периоди. Таа е составен дел на секојдневието, а нејзиното благопријатно дејство го поттикнува духовното и телесното здравје, и заради тоа терапијата со музика се применува во сите гранки на медицината.
Науката со децении е соочена со разорното влијание на вревата на нашето здравје, но исто така, со децении го проучува и корисното влијание на хармоничните звуци на музиката за човечкиот организам.

Моќта на музиката низ историјата
Отсекогаш се сметало дека музиката претставува храна за душата и телото. Во најраната историја, музиката, по правило, била дел од некои ритуали да се „истераат“ болестите, а имала главна улога  во обредите за оздравување. Старите грчки филозофи сметале дека музиката има натприродни моќи, дека ја поттикнува хармонијата меѓу небото и земјата, а воедно претставува неопислив начин на уживање.

Што е музикотерапија?
Музикотерапија е лекување со музика, односно терапевтско користење на музиката и нејзините елементи (звук, ритам, мелодија и хармонија) со цел постигнување на физички, емоционални, ментални, социјални и когнитивни потреби.
Музикотерапијата ја изведува квалификуван музички терапевт, индивидуално или групно, за да ги зајакне комуникацијата, учењето, изразувањето, организацијата и другите основни терапевтски цели.

 Музикотерапијата претставува непосредна употреба на музиката со цел рехабилитација и поткрепа на психотерапијата.

Претпоставки на музикотерапијата

Постојат три главни претпоставки на кои се темелат начелата на музикотерапијата, а тоа се:
1.   Сите луѓе поседуваат вродена музикалност.
2.   Музикалноста е цврсто вкоренета во нашиот мозок.
3.   На музикалноста не влијаат сериозни невролошки оштетувања и трауми на мозокот.
Врз основа на овие претпоставки настанале основните концепти и начела на музикотерапијата.

Основни концепти на музикотерапијата

Најважни концепти на лекување со музика, а на кои се темели целиот процес на музикотерапија се:
– квалитетен однос на терапевтот со клиентот
– сигурно опкружување (психичка и физичка сигурност на клиентот)
– почитување на динамиката на терапијата
– користење на тишина (дава време за фокусирање на мислите и координација на психичките одговори што му овозможува на терапевтот време за набљудување на клиентот)
– флексибилност (адаптација на промени)
– јасни намери и цели на терапијата
– константност во изведување на терапијата
– поставување граница помеѓу клиентот и терапевтот

Цели на музикотерапијата

Главни цели на музикотерапијата, освен лекување, ублажување и превенција на душевните и телесните пореметувања се:
·     управување со стресот
·     ублажување на болките
·     изразување на чувствата
·     подобрување на памтењето
·     подобрување на комуникацијата
·     промовирање на физичката рехабилитација
·     зголемување на задоволството од животот
·     опуштање и смиреност
Музикотерапијата е насочена на развивање на потенцијалот и повторно враќање на способностите на поединците за да можат да постигнат подобра лична и социјална интеграција и на тој начин поквалитетно да живеат.

Примена на музикотерапијата

Во светот, музикотерапијата се применува при лекување на сите категории психијатриски и дефектолошки пореметувања. Се применува кај децата и возрасните, индивидуално или во група, во болнички или вон болнички услови.
Иако најчеста е примената на музикотерапијата во психијатријата, лекувањето со музика со успех се применува и во другите гранки на медицината, како што се:
·     неврологија
·     гинекологија
·     онкологија
·     педијатрија
·     кардиологија
·     ендокринологија
·     физикална медицина
·     рехабилитација.

Музикотерапија за деца

Музикотерапијата во почетокот била намената само за возрасните, но подоцна почнала да се користи и во работата со децата. Тоа се однесувало пред сèна децата со посебни потреби, иако музикотерапијата може да се користи и кај деца кои немаат некои изразени потешкотии. Музикотерапевтите избираат одредена, веќе постоечка, позната и признаена музикотерапевтска метода које се темели на музичка импровизација. Преку музиката треба да се оствари одредена комуникација, со цел да се воочат потешкотиите кај детето, за да му се помогне во зајакнување на неговото физичко, ментално, социјално и емоционално здравје. Во рамките на музикотерапијата, детето може да репродуцира, создава, импровизира и слуша музика.

Не постои универзална терапевтска музика, туку се врши избор зависно од целта на терапијата или зависно од тоа во која фаза е терапијата. Музиката служи како средство за комуникација, а суштината на терапијата е во односот терапевт–клиент, кој носи потенцијал за постигнување на терапевтски промени и лечење.