Одите по темна уличка. Сами сте, нема никој. Толку е тивко што можете да си го чуете сопственото дишење. Одеднаш слушате чекори зад вас, брзи и гласни чекори. Се обидувате да избегате, но нозете како да ви се залепени за асфалтот. Срцето ви тупка в гради, туѓите чекори се сѐ поблиску. Но, вие не можете да се поместите од местото. И тогаш…ги отворивте очите. Во собата е тивко, а вие сте безбедни во постелата. Тоа било само сон, многу реален сон.
Секој кој ја искусил оваа специфична ноќна мака може да ја посведочи моќта на потсвеста која нанесува терор, вознемиреност, страв, збунетост, срам, понижување. (Иако на јаве не излеговте од дома без долна облека, сонот беше толку реален што имате чувство како вистински да сте го доживеале.)Светлината на денот прави и највознемирувачките кошмари да изгледаат глупаво. Но, последните истражувања ги поврзуваат кошмарите (особено ако се чести) со менталната добросостојба, дали тоа значи дека соновите имаат темна страна?
Од каде доаѓаат кошмарите?
Не постои возрасен кој како дете не се плашел да заспие поради вештерки, чудовишта и останати фиктивни ликови. Денес, ваквиот страв кај децата е уште поголем, благодарение на YouTubeи достапноста на несоодветна содржина за возраста, но и живописните игрици исполнети со насилство. Дали е возможно ваквиот страв кој стартува во детството да остане заробен сѐ до возрасното доба? Дали проблемот е многу подлабок од хиперактивна имагинација?
Д-р Bryony Sheaves, истражувачки клинички психолог одинститутот „Sleep and Circadian Neuroscience“при Универзитетот „Оксфорд“, предводел студија во која ги анализирал психолошките и физиолошките фактори кои имаат потенцијал да предизвикаат кошмари. „Обично, кошмарите се поврзуваат со децата, бидејќи тие природно повеќе време поминуваат во РЕМ фазата (брзо движење на очите, фаза во која настапува сонот) во однос на возрасните, објаснува таа. Но, годините не се штит од кошмари, особено не ако сте жени.“
„Во литературите за сонот постои тврдење кое вели дека жените почесто имаат кошмари отколку мажите – интересно, но разликата во половите се јавува во адолесценцијата“, додава таа. „Првичните откритија сугерираат дека жените генерално повеќе ги запомнуваат соновите и затоа поверојатно е да ги задржат и да им се вратат. Од друга страна, жените се склони на чувствата како анксиозност и грижа, а грижењето е еден од најдобрите предвидувачи на кошмарите.“ Оттука, она што го сонуваме е директно поврзано со маките кои нѐ мачат додека сме будни.
Додека врската помеѓу кошмарите и стресот одамна е потврдена, голем број истражувања заговарат теорија дека зачестените кошмари се симптом за нешто повеќе. Кошмарите се вообичаен симптом на синдромот на пострауматски стрес (PTSD)– толку чест, што стануваат критериум за дијагноза. Во една од најобемните студии која ја проучува поврзаноста помеѓу кошмарите и менталното здравје, објавена во магазинот „Scientific Reports“, во 2017-та, психолозите од „University of Turku“ во Финска заклучија дека кошмарите треба да бидат сфатени како ран индикатор за кое било ментално растројство.
„Нашата група испитаници покажа дека луѓето кои често имаат вознемирувачки кошмари е поверојатно да развијат анксиозност, параноја, депресија и халуцинации“, додава д-р Sheaves. Ова не значи дека сите луѓе кои страдаат од кошмари имаат или ќе развијат ментални потешкотии, но шансите за истите се повисоки.
Губење на сонот
Последните истражувањаотворија клучно прашање: како да знаеме кога кошмарот е повеќе од кошмар? Прво, многу е важно да правите разлика помеѓу кошмар и други ноќни маки. „Кошмарите најчесто се дефинираат како интензивни негативни сонови кои се случуваат во последната третина од ноќта и предизвикуваат значителен стрес по будењето“, објаснува д-р Michelle Carr, истражувач во лабораторијата за сон при „University of Swansea“. „Тие се разликуваат од другите облици на препреки при спиењето, како ноќните терори или конфузните возбуди, по тоа што за кусо време сте будни и свесни и чувствувате одредени физички симптоми како срцебиење, потење и забрзано дишење.“
Ваквите интензивни симптоми го потенцираат стравот, а се должат на тоа што телото е многу поблиско до фазата будење кога настапува кошмарот што не е случај кога сонувате обичен сон. „Мускулната тензија е нагласена, човекот многу повеќе прета со нозете и срцевиот ритам е неправилен – со слични реакции би се соочиле доколку наидете на негативни емоции во реалниот живот“, додава д-р Carr.
Кошмар со отворени очи
Експертите се согласуваат дека повремените кошмари не се причина за грижа и дека треба да побарате помош штом нивната зачестеност влијае на редовното спиење – штом се соочите со несоници. Во моментов, истражувачите работат на терапија при која човекот треба да се потпре на својата имагинација и да напише позитивни алтернативни завршници на кошмарите. Засега, ефектите се позитивни, но потребно е време оваа терапија да влезе во практика.
Што се однесува до целокупното здравје, ментално и физичко, секој обид да го контролирате расположението и нивото на стрес-хормоните е од помош. Од помош се и сите тактики за релаксирање пред легнување како медитација, јога вежби, топла бања или апликации со бели звуци. Ако кошмарите пак се појават, но се случуваат повремено, не кревајте паника. Во суштина, кошмарите се одлични алатки за да го препознаете стресот што ве напаѓа во вистинскиот живот, но кој потсвесно или свесно сте одлучиле да го потиснете. Работете на тоа да се ослободите од нервозите, а чудниот кошмар не е вреден за да ви го украде сонот.
Декодирање на соновите
Anna-Karin Bjorklund, советодавен психолог и автор, открива што всушност сигнализираат оние добропознати сонови.
ПАЃАТЕ
„Овие сонови се случуваат кога нештата не се одвиваат според планираното и промените се случуваат многу брзо. Ако паѓате и паднете, можеби ќе имате корист ако прифатите дека нештата не се по ваше. Ако се разбудите сред паѓање, тоа можеби е знак дека е време да ги свртите нештата во сосем друг правец.“
ГОЛИ СТЕ
„Дали имате чувство дека премногу се изложивте себеси? Можеби споделивте тајна или откривте нешто за себе поради што сега стравувате дека ќе бидете погрешно интерпретирани?“
ВЕ БРКААТ
„Бидејќи соновите се интерпретација на нешто што тлее или се развива во вас, ако сонувате како ве брка некој или нешто, запрашајте се дали има нешто во вас од кое бегате. Можеби се срамите или ви е неудобно од некои свои реакции?“
НАЗАД ВО УЧИЛИШТЕ
„Ако сонувате како одново сте ученик или полагате испит, голема е веројатноста да се соочувате со недостиг на самодоверба. Овој тип на сон е индикација дека е време да се фокусирате во животот и да истражите што е она што може да ви ја развие самодовербата.“