ОД ЗДРАВО ПОЗДРАВО ПРАКТИЧЕН ВОДИЧ ЗА ОБРАБОТКА НА ЗЕЛЕНЧУКОТ

ОД ЗДРАВО ПОЗДРАВО ПРАКТИЧЕН ВОДИЧ ЗА ОБРАБОТКА НА ЗЕЛЕНЧУКОТ
Јадењето здрава, и пред сè избалансирана храна, е еден од главните фактори за добро здравје и скоро редовна препорака која го следи секое здравствено нарушување. Кон ова сè почесто оди и препораката за конcумирање, пред сè, на сирова и термички необработена растителна исхрана. Сепак, дали сите намирници се погодни и подеднакво нутритивно вредни во сирова форма и дали, пак, готвењето ја намалува хранливата вредност е недоумица скоро за повеќето од нас.

ШТО Е ДОБРО?
Избалансираната исхрана, секако, треба да содржи сирова и обработена храна. При обработка на зеленчукот може да сe изгубат одредени нутриенти, како што се витамините Б и Ц, но добро избалансираната храна, која би ги вклучила и двата начини на подготовка, подразбира дека нашето тело ќе ги добие сите потребни состојки. Секако, доколку се обработува, препорака е зеленчукот секогаш да се обработува на пареа и тоа што е можно пократко.Одредени, пак, намирници, при термичка обработка ја зголемуваат содржината на хранливите компоненти. На пример, термички обработени моркови, домат, зелка,  обезбедуваат повеќе антиоксиданси, отколку кога би ги јаделе свежи и во сиров облик.

СИРОВО ИЛИ ВАРЕНО?

Морков

Богатството со бета-каротен гo чини морковот многу важен во исхраната, ако се знае дека истиот е од витално значење за нормално функционирање на многу органи и ситеми во нашето тело. Од одржување на нормален метаболизам, до добар и здрав вид, кожа и имун систем. Истражувањата потврдуваа дека со термичка обработка се зголемуваат вредностите на бета-каротенот во морковот.
Препорака: најдобро варено

Црвена пиперка

Сировата пиперка е одличен извор на витамин Ц. Таа има дури двапати повеќе витамин Ц од портокалот. Витаминот Ц е нестабилен на топлина, па во случај на обработка на пиперката, неговите концентрации ќе се намалат. Јадењето во сирова форма или подготовка на свежи салати со пиперка се идеални за максимално искористување на нејзините вредности
Препорака: најдобро сирово

Домат

Ликопен, пигментот кој му ја дава бојата на доматот, има изразени антиоксидантни карактеристики и со докажани антиканцерогени ефекти. Во однос на неговата расположливост во доматот, утврдено е дека поголеми концентрации на ликопен има во конзервираниот домат кој е обработен.
Препорака: најдобро варено

Брокола

Броколата се смета за изразено здрава намирница. Поседува широк спектар на фитонутриенти корисни за нашето здравје. Сировата брокола има многу повеќе корисни состојки од варената. Топлината оштетува одредени ензими и затоа се препорачува употреба во сирова форма или со многу лесна обработка на пареа. На овој начин ќе бидеме сигурни дека добиваме најмногу од оваа едноставна намирница.
Препорака: најдобро сирово

Спанаќ

Спанаќот е инзвонреден лиснат зеленчук. Богат е со калиум, витамин А и Ц, и други хранливи материи важни за имунолошкиот систем. Зелените лисја се богати со калциум, магнезиум и манган, и сите заедно со улога за здрави и цврсти коски. Листата на неговите здравствени предности е голема, а за истата цел најдобро е да се консумира во сирова форма или лесна термичка обработка на пареа. Обработен, спанаќот се консумира веднаш и не треба повторно да се подгрева.
Препорака: најдобро сирово

Зелка

Преполна е со витамин Ц, калциум, бета-каротен, лутеин и низа други активни компоненти. Зелката ја подобрува дигестијата, делува превентивно кај настинки, кашлица и заздравување на рани. Одличен избор при запек и регулирање на телесната тежина.
Препорака: најдобро варено

Кељ

Богат со витамин А и витамин Ц, и двата важни за здрава кожа и здрав имунитет. При обработка на оваа намирница се губи голем дел од витаминот Ц, па е исправно кељот да го подготвите во што помалку вода и да го обарите сосема малку, и тоа на пареа со додаток на маслиново масло.
Препорака: најдобро сирово

Прокељ

Прокељот е богат со витамин Ц, витамин К, фолна киселина и важни фитохемикалии, заради кои има епитет на потенцијален „убиец“ на канцерогените клетки. Доволно е да консумирате девет главици прокељ на пет дена, и тоа најдобро подготвен на пареа не повеќе од 5 минути.
Препорака: најдобро варено.

Сировата храна е здрава, но најдобро е да направите баланс и да внимавате кои намирници ги внесувате сирови, а кои термички обработени. Со термичката обработка одредени витамини и минерали можат да се уништат, но, од друга страна, пак, многу антиоксиданси се активираат при обработката. Затоа, јадете разновидна храна и балансирајте го внесот на сировите и термички обработените продукти! На овој начин ќе внесете соодветно количество на витамини, минерали и на антиоксиданси.