ПИПЕРКА – скромна, а сепак важна

ПИПЕРКА – скромна, а сепак важна
Несомнено една од најпопуларните и најконсумираните растителни намирници на нашите простори, но и ширум светот. Без разлика дали се црвени, жолти или зелени, дали се лути или благи, свежи или во преработка, пиперките се присутни во текот на целата година како храна, зачин, а несомнено и како лек.

По потекло, пиперката е од Јужна Америка, но денес е домаќин и се одгледува речиси насекаде. Во зависност од поднебјето каде се одгедува, може да има карактеристични форма и мирис, а се наоѓа и во различен колорит и тоа светлоцрвена, црвена, портокалова, зелена, бледожолта, жолта. Главната поделба можеби се однесува на тоа дали се лути или благи. Од ова зависи и каде и на кој начин ќе се консумира, и какви лековити својства поседува.

Пиперката содржи 4-5 пати поголема концентрација на витамин Ц од портокалот и лимонот. Количеството на витаминот Ц изнесува околу 100-250 мг во 100 г свежи пиперки.

Пиперката е ниско енергетска намирница со висока содржина на вода. Нејзината најважна карактеристика е богатството од витамини и минерали. Пиперката е еден од најдобрите извори на витамин Ц, а содржи дури 4 пати повеќе витамин Ц од портокалот. Воедно е добар извор на витамин Б1, Б2 и Б6, витамин Е и растителни влакна. Витаминот А е присутен во облик на провитамин – бета каротен што во телото по потреба се претвора во витамин А.

Колку е позрела пиперката – толку е поголема концентрацијата на витамини и минерали.

Црвената пиперка е концентриран извор и на каротеноиди кои се одговорни за убавата црвена боја, но и за силното антиоксидативно делување. Докажано е дека ликопенот од пиперката поволно делува на здравјето на срцето и на белите дробови, додека лутеинот е важен за здравјето на очите.
Од минерали, пиперката е најбогата со калиум, фосфор и железо.

Освен примамливиот вкус, пиперката има и значајни лековити особини поради кои е добредојдена во секоја чинија.

Лековитоста на пиперката во народната медицина никогаш не била ставена под знак прашалник. Поради големото количество витамин Ц, пиперката се препорачува во исхраната за јакнење на имунолошкиот систем, а со редовна употреба во исхраната поволно влијае врз работата на системот за варење, бубрезите и крвните садови. Докажана е и употребата на пиперката како природен антидепресив, антиреуматик, афродизијак и диуретик. Пиперката не е основен лек, но помага во спречување на појава на одредени заболувања и е одлична како додаток на веќе утврдена терапија.

Купување и чување
Купувајте пиперки што имаат свеж изглед, сјајна и неоштетена површина. Пиперките може да се чуваат во фрижидер до 5 дена.

Кулинарство
Бидејќи припаѓа во медитеранска кујна, пиперката одлично оди со маслиново масло, кромид, лук, домати, тиквички, туна, сардели. Кисела или печена пиперка одлично одговара во салатите или со ладни предјадења. Може уште да и се додадат маслиново масло и медитерански зачини, со што дополнително се збогатуваат нутритивната вредност и вкусот.

Особено вкусни може да битат разни макала, подготвени од сува или од свежа пиперка, праз, кромид, лук, компир…

Црвен пипер (алева пиперка) е можеби наједноставниот производ со кој може да се објасни колкаво е значењето и улогата на пиперката во кулинарството. Се подготвува од блага или од лута пиперка и е неизоставен за подготовка на чорби, кисела зелка, сосови…

Корисни совети

  • За да го искоритите максимумот од пиперката и нејзиното богатство од  витамин Ц, секогаш трудете се да ја консумирате свежа – така најмногу ќе профитирате од витаминот Ц.

  • Доколку сте се решиле за пржење, нека биде на бавно и на ниски температури за да се зачуваат корисните состојки.

  • Највисоки нивоа на витамин Ц во пиперката има веднаш по сечкањето. Затоа, не дозволувајте салатата да отстојува и консумирајте ја свежо подготвена.

Рецепти

Макало од црвени суви пиперки и праз
Мерките се сите произволни, вие си ги одредувате.

Подготовка:

Пиперките се мијат убаво, им се вади рачката и семето и се ставаат да се варат. Кога се варени, се истура водата и се оставаат да се изладат, а потоа се чистат од лушпата. Убаво ги толчиме во толчник. Им го додаваме ситно сечканиот праз. Се меша, за да се соедини празот со пиперките. Се полеваат со врело масло. Се зачинуваат со сол, по вкус.