АПТЕКАРСКИ РАЗГОВОР СО САШКО КОЦЕВ

АПТЕКАРСКИ РАЗГОВОР СО САШКО КОЦЕВ

Долго време се крчкаше идејата за интервју со Сашко Коцев. Самата помисла за средба лице в лице со големиот актер, ни беше предизвик, но и мотив повеќе. Искрено, со оглед на неговите ангажмани, бевме по малку и резервирани дека разговорот и прашањата што сакаме да му ги поставиме ќе се најдат на нашите страници. Сепак, големиот актер без многу размислување нè удостои со средба и со широко срце ја прифати понудата за еден „аптекарски“ разговор.

Ваш аптекар: Голема чест и задоволство е да се направи еден ваков разговор. Голема благодарност и почит што и покрај многубројните ангажмани без многу размислување решивте да одвоите дел од Вашето драгоцено време и го посветивте на нашиот магазин и на нашите читатели. Искрено се надеваме дека ќе откриеме нешто ново или помалку познато за Вас.

Сашко Коцев: Исто така и мене ми е драго што ќе го оствариме овој разговор и нема да жалам за потрошеното време, исто како што фармацевтите и аптекарите не го штедат времето кога ќе дојдам кај нив на шалтер. Во последно време, тие се претворени во лекари и мора да ги ислушаат сите прашања од видот: МЕ БОЛИ ОВДЕ, МИ ИЗЛЕЗЕ ВАКВО… ШТО ДА ПИЈАМ? Прават прегледи на шалтерите, но не се жалат. Мој поздрав до сите. 

Ваш аптекар: Несомнена е вашата популарност на македонската актерска и јавна сцена. Сашко Коцев е бренд и институција сам по себе. Актерството, глумата, театарот и филмското платно се Вашиот живот, Вашиот идентитет. 

Сепак, дали Сашко Коцев би бил она што е денес ако не беше актер? Дали подеднакво ќе беше успешен во некоја друга сфера? Во бел мантил, да речеме, зад пулт во некоја аптека, ординација, хируршка сала? Обично, како деца сакавме да бидеме пилоти, лекари, да бидеме како тато. Што посакувал да биде Сашко? Дали бил роден актер? 

Сашко Коцев: Сигурно дека сум размислувал и за други теми. Еве, сега се присетувам дека многу ме привлекуваше оној дел од биологија каде се запознававме со анатомијата. Но, сепак, не бев некој претендент за лекар. Потоа, бев заљубен во атласот, точно знам која земја каде беше поставена со својот главен град, со планините, реките… Ама, сепак, не се одлучив за географија. Така, низ образованието се заразував по малку од сè, но веројатно одамна тлеела љубовта и желбата за театарот, а сето ова познавање на многу од работите е составен дел од еден актер. Кога дојде првата шанса за сцена, ја зграпчив уште на 13 години и веќе немаше лек за таа инфекција наречена театар. 

Ваш аптекар: Со оглед на темпото на живеење, сериозноста на професијата и одговорноста која ја носи, како Сашко успева да се организира и избалансира во однос на обврските кон домот, семејството, едношалтерскиот систем? 

Сашко Коцев: Мислам дека понекогаш го побивам законот на физиката и успевам да сум на неколку места во исто време. Некогаш навечер кога ќе направам распоред за утрешниот ден ме фаќа страв како ќе стигнам на состанок, проба, состанок, студио, снимање, дома, состанок, претстава, стенд-ап во само 14 работни часа. Верувајте, со организација и со сакање на својата работа е возможно, дури никаде не сум задоцнил досега, макар и на краток небитен кафе-состанок. Може да ме завлечкаат само на шалтер, ама таму ме препознаваат, па ме пропуштаат преку ред. Инаку, не барам никогаш такво нешто од нив, зашто знам како е да стојам во редица, а некој да дојде и да заврши за 1 минута. 

Вашаптекар: Секојдневно сме преокупирани со некакви форми на стрес. Што е за Вас дефиниција за стрес?

Сашко Коцев: Стрес? Веројатно неможноста, немоќта човек да се справи со проблемот. Или бурно реагирање на новонастанатите ситуации, без разлика дали е работа или семејство. Дури и неможноста да се стигне навреме, доцниш, почнува да се реагира панично и нервозно, бурно. Веројатно во организмот се прават различни хемиски реакции кои потоа почнуваат да нè трујат однатре, па веројатно затоа многу болести ги поврзуваат со стресот. Сепак, вие сте постручни во ова, јас лаички си разговарам. Инаку, има само 2 чекори доколку се јави проблем. Првиот е да пробаш да најдеш решение. А вториот е дека не смееш НИКАКО да се нервираш, зашто тоа не ти го решава проблемот. Само си нервозен, а проблемот пак си е тука. Еве, на пример, ако доцниш, не смееш да се нервираш, зашто ти секако ќе стигнеш подоцна. Решение е само да тргнеш порано. 

Ваш аптекар: Колку и дали ги слушате препораките и советите на аптекарите со оглед дека дома сте „под надзор“ на лекар? Колку Сашко е сам свој лекар и дали има некоја „бабина рецептура“ за многу болести? 

Сашко Коцев: Јас си имам матичен, домашен лекар, тука сум обезбеден. Но, секогаш ме прекорува дека ништо не ја слушам од нејзините лекарски препораки, туку си измислувам некои свои нови методи и се чуди од каде ми доаѓаат тие идеи. Имам некоја своја логика за некои медицински и фармацевтски решенија, но не би знаел да објаснам од каде. Не се базираат на баба Рада чаевите, едноставно, се трудам со што помалку лекови да поминат работите. 

Ваш аптекар: Колку, според Вас, храната е важен елемент кој придонесува да бидеме она што сме? Не само во смисла на витко тело и идеална линија. Дали сметате дека храната е еден од главните чинители за добро телесно и духовно здравје? 

Сашко Коцев: Секако дека е и сум голем поборник за тоа да биде што помасовно прифатено и освестено кај сите. Нормално е на едно цвеќе ако му дотураш тоа што му треба, земја, вода и сонце во нормални количини, дека ќе процвета. Ако му дотураш многу ќе се уништи. Така е и со човековото тело. Храната е многу полесно достапна од порано, поевтина и во поголеми количини. Така, ние премногу ставаме во себе и некаде внатре се случува претовар и почнуваат проблемите. 

Ваш аптекар: Сведоци сме на инвазија на разни програми и трендови на исхрана што некој од нив имаат дури тенденција на заразно ширење. Се оди дотаму што веќе покрај многуте поделби по разни основи имаме поделби на луѓето и по основа на видовите или формите на исхрана. Па, така, имаме вегетаријанци, вегани, месојадци, „хронаши“ итн. Дали Сашко припаѓа на некаква „секта“ и преферира некаков посебен режим на исхрана? 

Сашко Коцев: Мојата исхрана се базира на месо и салати. Не јадам леб, хамбургер, бурек, симит погача, а ниту тоа што го јадам не е во големи количини (ха-ха). Мислам, се гледа по мене. Иако и тоа што некои работи ги избегнувам, не е фанатично. Секако дека знам да седнам и на бургер и на бурек.
Сето останато за мене е измачување и стресирање на организмот. Посебно кога јадеш сè, па одеднаш стануваш веган или поминуваш на некоја строго пропишана диета. 

Вашаптекар: Дали се готви по дома и кој е главниот готвач? Дали имате омилено јадење од кое не би се откажале? 

Сашко Коцев: Готвењето по дома повеќе е за оној социјален момент, да се собереме, да се видиме, да седнеме на ручек. Имам 2-3 омилени рецепти, а посебно сум познат како скара-мајстор и тоа веројатно најтенкиот скара-мајстор. Се готви и од двете страни, ама, сепак, тоа е ретко. Уживам да готвам за да дојде друштво, да има џагор и еуфорија во спремањето. Кога ќе се зготви, не паметам да сум седнал и да се прејадам. 

Ваш аптекар: Дали би сакале да споделите една Ваша рецепта со нашите читатели?

Сашко Коцев: Во тава без масло, сè што имаш од зеленчук, плус јаболко и сува слива. Лут пипер и малку соја сос и пилешко или свинско ситно сечкано. Зачини по избор, босилек, рузмарин, лук, сол. Не се готви долго, а еве сега правев на другариве, се зачудија дека јас сум го направил. Некаква кинеско-македонска варијанта. 

Ваш аптекар: Несомнено, актерството и часовите поминати на сцена бараат добра кондиција. Колку Сашко има време за дополнителен тренинг и спортски активности? Дали и колку спортот е дел од Вашиот живот? 

Сашко Коцев: Секој ден се острам дека ќе одам на пливање, фудбал, вежбалница, џогинг… И, еве, не сум отишол уште. Ми останува само вежбањето пред проба 20 мин., пред претстава 15 мин. Ги размрдувам сите мускули и зглобови, крвта ми проциркулирува низ мозокот, се додава малку тонус на мускулите, пулсот е качен и сум подготвен за на сцена. Не трошам многу калории со тоа, зашто потоа ми требаат за претставата. На крајот, само се додава громогласниот аплауз и тоа е денот. 

Ваш аптекар: Еве едно „постручно“ прашање, секако, без никаква тенденција за навреда кон сценаристите, режисерите, уредниците. Се има впечаток дека понекогаш на сцена креирате сопствено инстант сценарио надвор од утврденото. Колку има вистина во ова? Колку е често и како на тоа реагираат сценаристите? 

Сашко Коцев: Тоа се случува само кога имам стенд-ап перформанс. А и тогаш е многу мал процент. Инаку, на претстава и на филм е невозможно. А за рекациите да. Кога ќе избегаме од сценариото, имаме реакции од режисерот. Кај него негативни, но од публика позитвни. Па, така, секогаш се трудиме да бидеме некаде помеѓу (ха-ха-ха). 

Ваш аптекар: Кога би можеле да се вратите во времето назад, за што би го искористиле? Дали би смениле нешто? 

Сашко Коцев: Во однос на работата да, а во однос на приватниот живот не. Освен што би трошел повеќе време со семејството, сопруга, мајка, татко, сестра, внуци… Иако, секој напредок во работата бара жртвување на повеќе време, па тогаш е неизбежно да одземеш од приватното време. 

Ваш аптекар: За крај, едно прашање на кумановски. Сведоци смо на много нови практике кои на људи им га мењав живот. Една од њима гласи: Цел месец ела по 2 банане свак д’н и десило ву се чудо! Има ли Сашко некој магичан рецепт како да си га подобримо живот? 

Сашко Коцев: Па, гледајте ги онија „ВИДЕО ШТО ЌЕ ВИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ“, што искачав свак д’н на фејзбук. ЕВЕ ЈА свак д’н ги гледам и топ ми е, много ми е боље, еве пуцам од здравје и много сам задовољан (ха-ха-ха-ха-ха-ха).