ШАХОТ ВО СВЕТОТ НА ДЕЦАТА

ШАХОТ ВО СВЕТОТ НА ДЕЦАТА
Шахот е една од најстарите игри во која се мобилизираат сите човекови ментални и интелектуални капацитети, во насока на  креативно логичко заклучување и наоѓање скриени можности и комбинации. Тоа е игра богата со симболички функции и игра со висок степен на сложеност и со строги правила. Во ниеден случај, шахот не е здодевна и бавна игра. Познавањето на основите на шахот денес е дел од општата култура на секој човек.

Од педагошка перспектива

Се чини дека играњето шах може да биде корисно во воспитувањето на децата. Шахот го стимулира развојот на цела низа позитивни човечки особини и вредности, од упорност и трудољубивост, до одговорност кон себе и кон другите, самокритика и објективност, коректност, фантазија… Исто така, се учи родова толеранција бидејќи девојките подеднакво играат со машките, а шах може да играат и децата со посебни потреби. Шаховските педагози велат дека шахот е игра која кај децата развива бројни способности, а дава и добри воспитни резултати.Врската помеѓу шахот и математиката ја воочиле класичните мислители, а познато е дека има голем број математичари меѓу шаховските велемајстори, а тоа што е интересно е сè поголемиот број деца меѓу велемајсторите. Децата поинаку учат од возрасните. Тие ја согледуваат играта глобално и интуитивно.

Многукратни придобивки

  • Шахот е моќно средство со кое го вежбаме решавањето на проблемите;
  • Многу придонесува во развојот на детските когнитивни вештини (заклучување, дедукција, индукција);
  • Ги учи децата на вредностите од сериозна работа;
  • Придонесува во јакнењето на самопочитувањето преку самореализација;
  • Го гради тимскиот дух, а истовремено ја јакне индивидуалноста;
  • Позитивно влијае на концентрацијата, визуелизацијата, способноста за анализа, планирање и за апстрактно мислење.
Преку шахот, децата учат мисловни вештини и се смета дека со играње шах се подобруваат интелектот, карактерот, моралот и емоциите. Играњето шах го стимулира развојот на позитивни човечки вредности, го спречува насилството кај децата и ги охрабрува децата да размислуваат за својата иднина.

Како и кога да почнат да учат шах?

Има многу дискусии и многу идеи за тоа како децата, особено младите, да ги воведете во шахот. Главен проблем на почетокот е како да се одржи ентузијазмот и интересот кај децата, додека не ги развие вештините кои му се потрeбни да почне да победува во играта. Во шахот, слично како и во математиката и во музиката, претходното искуство не е ограничувачки фактор, а највисоките достигнувања возможни се и кај младите шахисти. Децата може да почнат да учат шах од 3-4 години. Освен позитивното влијание на развојот на учениците, со шахот може да се влијае и на подобрување на образовните способности. Шахот го поттикнува памтењето, концентрацијата, брзината на сметање, визуелното изразување, логиката на размислување и расудување. Шахот може многу успешно да се вклопи во самиот образовен процес. Инаку, дел е од училишната програма во повеќе од 30 земји во светот.

 Предности

Одлучување
Контролирањето на импулсивноста, поставувањето цели, идентификацијата на алтернативи и последици се составен дел од шаховската игра. Кога играте шах, мора да носите одлуки и да решавате проблеми секогаш кога ќе поместите фигура.

Конкуренција
Една од вештините кое детето може да ги научи низ шаховската игра е конкуренцијата. Тие учат да се натпреваруваат со своите врсници во пријателско опкружување. Децата можат да ги совладаат потребните вештини преку практика, да бидат благодарни победници и срдечни, но и искрени губитници.

Фер плеј
Играњето шах им помага на децата да научат фер плеј, што е многу важно во подоцнежните години на детето, почнувајќи како да ги третираат останатите  искрено и чесно.
Покрај тоа, шахот учи како децата да се однесуваат кон сите еднакво. Тие ќе играат против деца од сите националности, раси, пол и различна возраст. Тие ќе откријат дека секој што игра шах, ја има истата шанса да победи во играта. Исто така, ќе научат како да ја играат играта според правилата, и знаат дека секој има точно исти правила.

Напорна работа
Со шахот, децата ја учат вредноста на напорната работа, мора да ја научат играта, од првичните тактики до напредните стратегии. Овие вештини ќе им бидат од корист, бидејќи знаат дека ќе успеат само со напорна работа и со упорност.

Самоконтрола
Неопходно е да се справат со чувствата во секоја позиција во играта. Ако не ги контролираат своите импулси, ќе бидат невнимателни и можеби нема да видат дека нивната позиција е во опасност.