Долгото топло лето ги носи со себе пријатните мигови на плажа, но тука е и стремежот за што подобар и поздрав изглед на нашето тело. Секојдневното спортување може да ни помогне да го добиеме посакуваниот изглед, а во летниот период тоа мора многу внимателно да се практикува. Високите температури и зголемената влажност на воздухот во надворешната средина, влијаат врз функциите на целиот организам. Секако во летниот период треба да се посвети посебно внимание како да се избегне прегревањето и дехидратацијата на организмот.
Исхраната во летниот период како императив за совршен баланс
Користењето на лесна и немасна храна во текот на летото е првиот предуслов за соодветна подготовка за спортување. Особено внимание треба да се посвети на правилната рехидратација на организмот во текот на спортските активности. Независно од тоа дали станува збор за професионално или рекреативно спортување, секогаш треба да се избегнува домино ефектот на дехидратација. Потребно е секогаш да се внесе онолку течност во организмот колку што се изгубило во текот на спортската активност. Тоа се може да се постигне со неколку рутински мерење на телесната тежина пред и после вежбањето. Јадете многу сезонско овошје и зеленчук, цели зрна житарки и мешункаст зеленчук. На овој начин ќе внесете доволно хранливи материи, особено витамини, минерали, електролити, растителни влакна и вода.
Избот на облека?
Користењето на облека која го спречува испарувањето на потта, го зголемува ризикот од прегревање на телото. Кога е во прашање изборот на материјал, во лето одлучете се за лесна памучна облека или специјална облека и материјали кој овозможуваат непречено дишење на кожата. Секако носете облека со светли бои кои не ја апсорбираат светлината, заштитете ја главата со капче и намачкајте се со крема за сончање.
Совет: Користете лесна облека која овозможува лесно оддавање на топлината.
Вежбајте умерено, никогаш не исцрпувајќи го сопственото тело.
Кога и што да се спортува во летниот период?
Секако во летниот период повеќе од кога и да е сакаме да спортуваме на отворено со што би ги избегнале салите за вежбање. Пливање, пешачење, возење велосипед, кардио и кондициони вежби покрај река, езеро или море се нешта кои навистина полнат со енергија. Но, и тоа мора многу внимателно да се практикува. Секогаш вежбајте во раните утрински или доцните попладневни часови, избегнувајќи ја директната изложеност на топлите сончеви зраци. Жештината дури и најупорните може да ги одврати од идејата да да излезат надвор и да спортуваат. Сепак, се додека ги почитувате сите мерки на претпазливост, спортувањето во лето може да ви биде и предизвик и задоволство.
Слушајте го вашето тело
Како и секогаш златно правило е да го слушате вашето тело и да не одите преку границите на вашите можности. Вежбајте умерено, никогаш не исцрпувајќи го сопственото тело. Понекогаш и спортувањето со болка и слабост се дел од предизвикот што го носи спортот, но исто така важно е да направите разлика што е попаметно и во краен случај побезбедно. Од голема важност е и соодветната подготовка пред да започнете со било која спортска активност. На тој начин ќе го заштитите телото од сите негативни последици кои ги носи неправилното и исцрпувачко темпо во кое ќе го доведете. Една од најчестите последици на несоодветната подготовка се спортските повреди кои ќе ви оневозможат да уживате во летното спортско рекреирање. Само вака може да имате долготраен здрав и активен животен стил.