Дали постои дефиниција?
Кога би можело да се дефинира трчањето, би кажал дека тоа е основна физичка активност која ни овозможува да имаме поквалитетен живот во секоја смисла. Со трчањето не само што ќе ја подобриме нашата физичка кондиција и физичкото здравје, туку ќе го подобриме и нашето ментално и духовно здравје. Научно е докажано дека триесетина минути трчање дневно ни се доволни за постигнување на оваа телесна и духовна благосостојба.
Трчањето, несомнено, ќе ни помогне да дојдеме до посакуваните килограми, да ја имаме нашата идеална телесна композиција, да бидеме ослободени од стрес и полни со позитивна енергија.
Задоволството по завршен тренинг, зголемената самодоверба, можноста за себенадминување се доволни причини уште денес да ги облечете вашите патики и да започнете со трчање.
И рекреативно е повеќе од доволно.
Доколку сте личност која сака само да се релаксира и да ужива во оние минути кои ги посветува за себе, тогаш рекреативното трчање од 20 до 30 минути неколкупати во неделата e сосема доволно.
Она што е најважно, за почеток, е малку повеќе волја, решителност и јасни цели, а сè друго ќе се случи чекор по чекор.
Трчањето е најекономичен спорт, достапен за секого. Патиките за трчање се најважниот елемент од опремата, а сè друго е од второстепено значење.
Што е важно?
Важно е патиките да бидат соодветни за трчање, а другата облека треба да биде приспособена на соодветните временски услови. Може да се трча на многу топло и на многу ладно, но тоа ќе зависи од нашата форма. Трчањето е, пред сè, спорт за надворешни околности, иако можно е трчање и во сала, се разбира, за оние кои посериозно го сметаат трчањето и, секако, имаат услови за тоа.
Правилната исхрана, соодветно дозирани тренинзи, соодветен одмор и масажа се важни сегменти кои ќе ни помогнат трчањето да ни биде уште поголемо уживање. Никогаш не прејадувајте се доколку планирате да излезете да трчате. Јадете лесна храна, а овошјето и зеленчукот нека бидат задолжителни.
Многу често тие што одбрале да трчаат ќе кажат дека трчањето е начин на живот, а придобивките се само спореден производ на ова животно задоволство.
Сами или во друштво
Убавината во трчањето е во можноста да се излезе и да се трча сам, кога било дури и каде било. Поголемата убавина е и да се трча во друштво, со пријатели, со своите деца или во групи и тимови за трчање.
За сите со поголем апетит, постојат школи за трчање каде од искусни професионалци ќе добиете одговор за сите дилеми за и околу трчањето, тренинзите и исхраната.
Кокан Ајановски
22 пати државен првак на Македонија
NIKE школа за трчање и NIKE + Run Club
www.skolazatrcanje.mk