Улогата на правилната исхрана во превенција и лекување на дијабетес

Улогата на правилната исхрана во превенција и лекување на дијабетес
Традиционално во светот, месецот ноември се смета за месец за подигање на свеста кај луѓето, за дијабетесот како хронично и прогресивно заболување, додека, пак, 14 ноември се одбележува како Светски ден на дијабетесот, во чест на роденденот на еден од пронаоѓачите на инсулинот – Фредерик Бантинг. Светскиот ден на дијабетесот е креиран во 1991 година од страна на Меѓународната федерација за дијабетес (ИДФ) и Светската здравствена организација (ЊХО), како одговор на растечката загриженост поради епидемиските размери и ескалирачката закана по здравјето предизвикана од дијабетесот. Во 2006 година, со резолуција на ОН, тој станува официјално забележан ден и од ОН.

Исхрана кај дијабетес мелитус
Дијабетесот, особено дијабетес тип 2, претставува една од болестите која е најмногу поврзувана со нездравиот начин на живот (нездрава исхрана, недоволна физичка активност, стрес) и за успешно превенирање и лекување на дијабетесот потребно е да се усвојат здрави животни и прехранбени навики. Едукацијата околу правилната исхрана е потребно на сите нивоа бидејќи превенцијата е прв чекор и може во голема мера да помогне да се избегне појава на дијабетес. Кога станува збор за дијабетесот, од клучно значење е правилната исхрана.

ДИЕТОТЕРАПИЈА
Во принцип, диетотерапијата, односно режимот на исхрана, кај секое лице заболено од дијабетес е индивидуална. Оваа индивидуална исхрана подразбира избалансиран план на исхрана составен од одредени намирници кои ќе ги задоволат индивидуалните нутритивни, енергетски и други потреби кај секое лице посебно, и ќе биде усогласен со препишаната терапија. Сепак, постојат и општи препораки за исхрана базирани врз принципи кои веќе се практично докажани и се врз основа на научни докази. Овие препораки и принципи се клучни во превенцијата и лекувањето на дијабетесот.

Дијабетесот не може да се држи под контрола доколку не се води сметка за тоа што, колку и кога јадете.

ШТО И КОЛКУ?
Исхраната за дијабетес ги вклучува сите хранливи намирници, но во дозирани количества и правилно временски распределени. Исхраната кај дијабетес тип 1 и кај тип 2 се разликува во однос на бројот на оброци кој зависи од терапијата. Кога станува збор за дијабетесот, не е само приоритет да се бираат здрави намирници, туку и правилно да се храните распоредувајќи ги оброците правилно временски, да не се прескокнуваат, како и да бидат избалансирани и разновидни, односно, секој оброк да ги содржи сите хранливи материи во соодветен однос и количество. Значи, исхраната треба да биде здрава, правилна и избалансирана, при што постојат одредени правила. На пример, при избор на јаглехидрати, треба да бидат избрани намирници кои содржат сложени јаглехидрати и кои се богати со прехранбени влакна. Храна богата со сложени јаглехидрати и влакна се интегралните житарки (‘рж, јачмен, хелда, интегрален ориз и сл.), мешункастите растенија (грашок, боранија, грав, леќа и сл.), зеленчук, јаткасти плодови и др. Сложените јаглехидрати и влакна се од голема важност во исхраната кај дијабетичарите бидејќи значајно помагаат во регулацијата на нивото на гликоза во крвта. Тие побавно се апсорбираат со што не го качуваат нагло нивото на гликоза. Влакната ја забавуваат апсорпцијата на гликоза и го регулираат нивото на шеќер во крвта. Препораките се да се внесува најмалку 14 г/1000 ккал влакна дневно.

Дијабетичарите, во принцип, треба да го ограничат внесувањето храна богата со високорафинирани јаглехидрати (бело брашно, бел леб, бели печива, тестенини, слатки, газирани сокови, грицки и сл.)

Зеленчукот во исхраната треба да биде застапен во големи количества. Особено препорачливи се: зелен лиснат зеленчук, зелка, спанаќ, блитва, зелена салата, кељ, прокељ, брокола, краставица, целер, тиквица, лук и праз. Морковот и цвеклото се препорачани само доколку се консумираат сурови, бидејќи со нивна термичка обработка значително им се покачува гликемискиот индекс. Овошјето во исхраната на дијабетичарите треба да биде присутно во умерени количества поради природниот шеќер (фруктоза) што го содржи, а кој влијае врз нивото на шеќерот во крвта. Особено полезно овошје за дијабетес се: малини, боровница, капина, јагода, аронија, рибизла, лимон, јаболко, портокал и сл. Пожелно е да се избегнува внесување на кандирано и сушено овошје, зашеќерени мармалади и џемови, засладени овошни сокови и сл.

Други намирници кои се препорачливи во исхраната на дијабетичарите се употребата на храна која содржи здрави масти, како што се ладно цедено маслиново масло, маслинки, авокадо, ленено семе и масло, риба богата со омега-3 масни киселини (скуша, лосос, туна и сл.), цејлонски цимет, куркума, природни засладувачи како што се стевија, алое вера, карела и др. Како суплементарна поддршка, кај дијабетичарите препорачливо е внесување на Б-комплекс, витамин Ц, АЛА (алфа липоична киселина), магнезиум, хром и пробиотик.