Уметноста на совршената дремка

Уметноста на совршената дремка

Што прават луѓето кога ќе им се приспие на пладне? Пијат кафе, многу кафе, бидејќи ретко кој може да си дозволи да дремне. Но, и кога можат, луѓето, сепак, одлучуваат да останат будни поради некое непишано правило дека попладневната дремка е резервирана за малите деца, а од друга страна, неа многумина ја поврзуваат со мрзливост. Зошто да спиете кога за тоа време можете да ги пребришете подовите по стоти пат, нели?

Дали би се премислиле доколку ви кажеме дека попладневната дремкане само што ќе ви го реши проблемот со поспаноста, туку и ќе ви ја зголеми продуктивноста, креативноста, меморијата и ќе ви го подобри расположението? Последните истражувања велат дека пладневниот сон го подобрува имунитетот и го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Сепак, имајте на ум дека спиењето на пладне е како меч со две острици, преспивањето сигурно ќе ви донесе контраефект – нервоза, бунило и мамурлак. За максимум позитивни ефекти, следете ги правилата во продолжение:

ГЛЕДАЈТЕ ГО ЧАСОВНИКОТ

Ако сте поспани и ви недостасува живост и енергија дури и за секојдневните активности, тогаш треба да дремнете од 15 до 30 минути. Проценето е дека оваа времeнска рамка е сосем доволна за човекот да го рестартира организмот. Но, ако ви треба рестарт на мозокот, бидејќи сте заробени во ментална блокада, тогаш резервирајте си 90 минути. „Дремката со траење од 90 минути ќе ви помогне да го намалите притисокот што го чувствувате и ќе поттикне проток на креативност, бидејќи временската рамка го покрива целиот циклус на спиење, почнувајќи од најлесната, па носејќи ве во најдлабоките фази на сонот и назад“, вели Сара Медник,професор на Калифорнискиот универзитети автор на „Дремни! Промени си го животот“ („Take a Nap! Change Your Life“).Предупредување: будењето сред циклус (кога сте во најдлабоката одморна фаза) може да предизвика безволност, летаргичност, тромавост – состојба која е тешко да се надмине – исто како и преспивањето. За да не згрешите, послужете се со будилникот или за посигурно, закажете некоја активност или средба која ќе ве поттикне да станете.

СПОРТУВАЊЕТО ДОАЃА ПОТОА

Најчесто луѓето имаат дилема дали да вежбаат пред или по дремката. Одберете ја втората опција, бидејќи вежбањето го стимулира мозокот отежнувајќи го заспивањето. Вежбањето ја поттикнува енергијата на свој уникатен начин, но во никој случај не го овозможува неопходниот закрепнувачки одмор на телото и мозокот. И самите фитнес-експерти се согласни дека дремките што траат најмногу 30 минути, влијаат на издржливоста и моќноста на оние што вежбаат. Ако ваквата стратегија никако не се вклопува во вашиот распоред, тогаш потрудете се да вежбате барем два часа пред да си легнете. Тоа е сосем доволно време за телесната температура и срцевиот ритам да се вратат во нормала за да заспиете полесно.

БИДЕТЕ ТОЧНИ

Обидете се да дремнувате одоколу во исто време секој ден (дури и ако ваквата навика ќе ви стане само задоволство за викенд). Ако го запазувате распоредот, за многу кратко време телото ќе научи кога треба да се исклучи со цел да одмори, значи полесно и побрзо ќе заспивате и ќе бидете помалку дезориентирани кога ќе се разбудите. Најчесто на луѓето им се приспива помеѓу 14:00 и 16:00 часот, но ако телото покажува знаци на умор (ви паѓа главата, зевате, видот ви е замаглен) порано или подоцна од назначениот термин, тогаш послушајте го. Ако не стигнавте да дремнете минимум 3 или 4 часа пред главното спиење, сметајте ја дремката за пропадната. Подобро легнете си половина час порано, отколку да го саботирате ноќниот сон.

НЕ ОТКАЖУВАЈТЕ СЕ ОД КОМФОРОТ

Да дремнете, не значи дека треба да се мачите и да спиете седејќи, непокриени, додека работи телевизорот, за случајно да не се успиете. Така само ќе се вртите, бидејќи нема да ви биде удобно и залудно ќе го потрошите времето. Да не споменуваме дека на долг рок ризикувате да го загрозите брзото заспивање и одржувањето на сонот. Затоа, најдете си удобно местенце и земете си ќебе. Не мора да биде тоа спалната, испружете се на друг кревет за мозокот полесно да прави разлика помеѓу дневен и ноќен сон. Запомнете, најважен предуслов за полезна дремка е константноста.

 

Речиси 40% од луѓето не чувствуваат никакви бенефиции од преспивањето преку ден. Ако не сте по дремките, тоа значи дека најверојатно сте навикнати на монофазно спиење водејќи се според денот и ноќта и не можете да заспиете тукутака во кое било време. Или, можеби сте доволно наспани и одморени. Пред целосно да се откажете од пладневните дремки, обидете се да ги практикувате во рок од еден месец така што ќе дремнувате 3 пати неделно. Ако и по тоа сѐ уште не можете да заспиете или се будите кенкави, обидете се со медитација или со тивок одмор – седете будниво полутемна просторија. Ваквата техника може да го цементира знаењето за 10 минути, откри една нова студија.