Воспитување на децата – тогаш и сега

Воспитување на децата – тогаш и сега
За првите припадници на генерација Y, тие родени меѓу 1982 и 1990 година, дојде време и самите да бидат родители. И одеднаш, правилата за воспитување се сменија драстично. Дали новите правила се оправдани и неопходни? Дали воспитувањето е потешко сега? Или беше потешко тогаш, но го гледавме поинаку, бидејќи бевме деца? Едноставно, што се смени?

Што навистина се смени?
Како за почеток, плескањето по газе или раче, влечењето за уши или кратко кажано физичкото дисциплинирање се забрани, особено да се прави во јавност барем во големите европски држави и во повеќе држави низ САД. Сега постојат и научни докази. Педесетгодишна студија во која биле вклучени повеќе од 160.000 деца, спроведена од професори на универзитетите во Остин, Тексас и Мичиген, вели дека популарно кажано ќотекот, всушност не е соодветна алатка за дисциплинирање на децата. Едноставно, агресијата раѓа агресија. Па така, и ќотекот резултира со ненамерни штетни исходи и деца агресори со антисоцијално однесување и психички проблеми. И тука се појави првиот проблем за новата генерација. Денешните млади родители, тогаш воспитувани со по некој ќотек, сега треба да најдат нови начини да се здобијат со почит од сопствените деца, нови методи за да бидат слушнати, што може да биде многу тешко понекогаш.
Порано постоеше книга „1000 зошто, 1000 затоа“. Денес постои Google. Повеќе не можеме да ги „лажеме“ децата, да се правиме дека не знаеме, да го криеме знаењето или пак да се правиме дека знаеме повеќе само затоа што сме родители. Денес едноставно сѐ е достапно на интернет. На крајот, сепак децата сами ќе ја откријат вистината, или барем тоа што мислат дека е вистина.

Комбинацијата на отсутни родители од дома и релативно лесно достапни паметни играчки, за жал создава мрзливи деца

Порано постоеја радио, ТВ, касети, ЦД-а и тетрис, а сега постојат паметни телефони и таблети со неограничен интернет достапни за многумина. Секоја генерација ќе има нешто за што ќе се приврзе. Разликата е во тоа колку таа техника ја буди или успива нивната креативност и како влијае на развојот на генерациите. Комбинацијата на отсутни родители од дома и релативно лесно достапни паметни играчки, за жал, создава мрзливи деца. Родителите покрај тоа што немаат доволно време за да поминат со децата, и не се толку интересни како најновото видео на YouTube на девојката или дечкото кои ги следат. И ние имавме идоли, лепевме постери на ѕидовите и сонувавме некогаш да ги видиме во живо, но најчесто сонувавме.

Во времето кога растевме, ние играчките што ги поседувавме се броеја на прстите на рацете, а денес секое дете има сопствена продавница за играчки дома. Порано помалку се купуваше, повеќе се ценеше тоа што се има, а многу често и се поправаа работите, наместо само да се фрли скршената и да се потрча во продавница по новата играчка.

Пред да дојдеме на свет, нашите мајки можеби и имале прочитано по некоја книга за тоа што да очекуваат после породувањето, а поверојатно им кажале нивните мајки и баби од сопственото искуство, и тоа било „закон“. Сега е натпревар која идна мајка повеќе прочитала или знае, која книга или веб-страница нуди „најточни“ и најнови информации. Информациите се лесно достапни, но прашање е дали се сите точни.
Порано со душа се исчекуваше бебето за да се ужива во него, во неговото едноставно постоење сега и тука. Сега, уште пред да се роди, веќе е запишано во најдобрата градинка, се знае кој спорт ќе го тренира, колку јазици ќе научи итн… Овие ситуации може да се разгледаат и поинаку. Сега, родителите знаат многу повеќе за развојот на децата од кога било, за сите нивни скокови во развојот, како и кога да им помогнат. Ако ова се искористи правилно, всушност, да се биде родител и не е така тешка работа.

Технолошки гледано е полесно. Денес постојат секакви „гаџети“ што го олеснуваат патувањето со мали деца, секојдневното хранење и капење, и најважното, нивната едукација. Со мобилните телефони и најразличните апликации, сите се лесно достапни, родители, учителки во градинка, професори во училиште, па дури и децата. Родителот може да добие информација за своето дете во секој момент од денот, па дури и видео во живо.

Времето на бабите и дедовците како да изминува…

Во нашето општество е нормално двајцата родители да работат. Меѓутоа, нашите баби не работеа, па имаше кој да нѐ чува и беше нормално децата да растат во присуство на баби. Денес, идните баби сѐ уште работат, внучињата доаѓаат на свет сѐ подоцна, а родителите го ставаат под знак прашалник влијанието на бабите и дедовците врз развојот на децата.  Направени се многу истражувања, и сите велат дека дружбата со бабите и дедовците влијае позитивно на сите учесници.

Кај децата развива чувство на припадност на генерации и генерации наназад, а бабите и дедовците, народски кажано, се „подмладуваат“. Бабите не брзаат никаде, цел ден е пред нив, смирени се, а тоа влијае позитивно на темпераментот на децата.

Не постоеше потреба да се договараат дружби со други деца, во игротека каде што мајките пијат кафе и муабетат, а децата си играат. Едноставно, ако времето беше убаво, бабите се собираа на клупите, а децата околу нив играа ластик, криенка, плочка итн. Денес речиси и да не се слуша детската смеа надвор, децата се дружат исклучиво по игротеки каде што се безбедни, и тоа кога родителите имаат време, а за жал, најчесто немаат.

Направени се низа истражувања кои потврдуваат дека дружењето и воспитувањето на децата од страна на бабите и дедовците има обострано позитивно влијание како врз децата, така и врз бабите и дедовците.

На крајот, се сведува на тоа дека секоја генерација на родители смета дека генерацијата на која припаѓаат била подобрата генерација од таа што ја воспитуваат сега. А тоа како дилема најверојатно ќе остане да ја прогонува секоја генерација. Она што е поважно е дека секоја генерација се соочува со предизвици. Реално, на сите ќе ни биде полесно ако се потрудиме да ги искористиме позитивните промени, наместо само да се жалиме на недостатоците и негативните работи.