ВРЕМЕТО Е САМО ИЗГОВОР – Како да останеме активни и во форма и во зимскиот период

ВРЕМЕТО Е САМО ИЗГОВОР – Како да останеме активни и во форма и во зимскиот период

Зимата ни нуди многу убавини и можности кога е во прашање вежбањето и одржувањето на телото во соодветна форма и кондиција. Сепак, многу често овие форми на вежбање се ориентирани кон посета на затворени фитнес-сали и центри. Од друга страна, најчестиот проблем со кој се соочуваат вежбачите е транспортот до овие центри, турканиците и термините во центрите и, секако,  трошокот за месечните членарини. Овие фактори неретко се одлучувачки да се остане дома. Тогаш, зошто да не ја замениме презакажаната вежбалница со удобноста на нашиот дом како алтернатива за вежбање? Се покажало дека тоа е успешен концепт на алтернатива за да ги поминеме дневните физички вежби кои ни се потребни. Се чини дека вежбањето дома и не е толку лоша идеја.

Предности да се вежба дома

Вежбањето дома има многу предности. Не треба да правите никакви подготовки, само облечете удобна облека и веќе сте спремни. Немате потреба од купување специјална опрема за вежбање. Не трошите време на возење до вежбалницата или до парк, целото време слободно време што го имате ефективно ќе го користите за вежбање. Временски не сте ограничени, можете да вежбате наутро пред да одите на работа, можете да вежбате попладне како дел од одморот, можете да вежбате навечер, можете да вежбате додека го чекате партнерот/партнерката, можете да вежбате додека го правите семејниот ручек… Можностите се отворени.

Затоа, оставете ги изговорите настрана. Вежбањето дома може да биде и во ист момент и корисно и креативно.
Еве неколку практични вежби кои може да ги правите во удобноста на вашиот дом. Листата дополнете ја и самите.

Скокање со јаже
Една од омилените игри од детството може да се искористи како одлична кардиовежба. Доколку сакате вежба со интензивен напор, која трае неколку минути, треба да пробате скокање со јаже. На тој начин, се забрзува работата на срцето, организмот се става во брз режим во кој се вклучуваат повеќе групи мускули на долните и горните екстремитети. Оваа вежба е особено добра за луѓе кои имаат седечка работа, затоа што се подобрува циркулацијата во нозете, а со тоа се намалува ризикот од состојби како што се испукани капилари, отоци на нозете и слично. Со 45-минутно скокање со јаже може да согорите и  до 450 калории.

Модифициран степ на скали
Без да знаеме дека е една од најефективните кардиовежби, оваа вежба сме ја правеле во детските години многу често, како дел од детската игра. Особено е важна и доколку се практикува секојдневно, позитивно влијае и кај возрасните луѓе. Ова е многу добра вежба која може да ја правите во домашни услови, дури и ако немате скали. Земете мало столче или наредете неколку подебели книги, ставете ги пред вас и правете качување-симнување додека ја гледате омилената програма. Оваа вежба не е толку енергична како јажето, но, сепак, помага за одржување на телото активно и здраво. Особено е важна за долниот дел од нозете, листовите и стапалата. За време од 30 минути можете да согорите од 250 до 450 калории во зависност од тежината, висината и, секако, интензитетот на самиот тренинг.

Познатата „пленк“ поза
Ова е идеална вежба за оние кои немаат многу време за вежбање, а сакаат да се одржат во „фит“ форма и да ја одржат мускулната маса. Многу важна карактеристика на оваа вежба, а која често се занемарува, е согорувањето калории. За да ја изведете оваа вежба, потребно е само подлога, или само меки потпирачи за рацете. Поставете го телото во позиција за правење склекови, но наместо да ги виткате рацете и да го придвижувате телото надолу кон подот, останете во таа позиција. Почнете со задржување во таа позиција 30 секунди и зголемувајте го периодот за 10 секунди секој ден. Ова е една од потешките вежби, но затоа, пак, има многу корист за целото тело.

Танцување
По тежок и напорен ден, танцувањето е одлична опција на забавен начин да се согорат калории, да се забрза работата на срцето и да се отстрани негативната енергија. Облечете удобна облека, пуштете си ја омилената музика и размрдајте го телото. Истражувањата покажале дека со 30-минутно танцување можат да се согорат од 150-200 калории што е слично на пливање и возење велосипед.

Забавен марш
Ако временските услови не ви дозволуваат да ја истрчате дневната рута, истото може да го направите и дома. Наместо трчање во место, пробајте марш со кревање на колената највисоко што можете. Оваа вежба ја забрзува работата на срцето и ги стимулира мускулите. Дополнително, истото тоа може да го правите во движење.

Инстант ѕвезда
Кога сте дома и кога се одморате гледајќи телевизија, во паузите (рекламите) можете да направите по неколку брзи ѕвезди. Телото треба да ви биде во исправена положба, со рацете спуштени покрај телото. Потоа, нозете раширете ги во ширина на рамената, истовремено кревајќи ги рацете странично над главата. Оваа вежба е одлична доколку не сте физички активни и позитивно влијае на психо-физичката состојба на телото. Кратките, но брзи придвижувања придонесуваат за подобрена координација на рацете и нозете.

Чистење
Чистењето во домот може да биде многу корисна кардиовежба, особено чистењето со правосмукалка. Доколку не сте во можност дневниот план за вежбање да го остварите во вежбалница или во парк, закажете си чистење на домот, така ќе „убиете две муви со еден удар“. Изненадувачки факт, се покажало дека чистењето го намалува стресот и прави да се чувствуваме посреќно.