Основата од која треба да тргне секој родител кој сака да се нарече себеси успешен
Дечињата на возраст од 1 до 3 год. се вистински предизвик – љубопитни се и расположени да ги тестираат нервите на авторитетите. Бидејќи не доаѓаат со упатство за употреба, не е грев ако грешиме при воспитувањето. Родителството се учи и истото може да биде забавно доколку ги воочите своите слабости.
Не сте константни
Децата се непогрешливи кога знаат точно што ги очекува – кога е време за бањање, за спиење, за играње или со кои последици ќе се соочат доколку не се послушни. Колку правилата на игра се постојани и предвидливи, толку е полесно да ги контролирате и да се договарате со нив.
- Стратегија 1: Трудете се да наметнете рутина во домот. Ова не е лесно, бидејќи кога го напуштате домот на сцена настапуваат баба, дедо или дадилката, а со нив и нови правила. Тековно договарајте се за секоја нова ситуација на пример, како да постапите ако детето фрла храна на подот и погрижете се сите да држат до договорот. Бабите важат за попустливи, но одлично воспоставуваат ред. Угледајте се на нив и заборавете на кафето со пријателите кога е време малото да спие, така нема да имате проблем со дисциплината.
Премногу часови за семејството
Забавно е кога сите се на куп, но некои родители, особено мајките, претеруваат форсирајќи заеднички активности. Клиничкиот психолог Thomas Phelan, автор на „1-2-3 Magic“, вели: „Децата го ценат времето поминато само со едниот родител.“ Тој истакнува: „Дружењето еден на еден им годи и на родителите, бидејќи тогаш престанува несвесниот натпревар што го водат еден со друг.“
Стратегија 2: Не е потребна којзнае каква организација за да поминете квалитетно време со детето, едноставно седнете на под и поиграјте си. Уште подобро е да си ги поделите активностите како родители, едниот нека биде задолжен за спорт, друг за читање приказни пред легнување – на овој начин детето ќе создаде уникатна врска со секој од вас.
Нудите премногу помош
Скокнувате во истата секунда кога вашето малечко ќе се соочи со потешкотија да изведе нешто? Пред да укажете помош, размислете дали можеби ќе му испратите порака дека не може само. „Со преголемо помаѓање го саботирате капацитетот на детето да стане самостојно,“ вели Betsy Brown Braun, автор на „You’re Not the Boss of Me“.
Стратегија 3: „Неопходно е да ги научите децата да бидат толерантни, особено кога водат битка со себеси,“ вели Braun. Но, ова не значи дека е забрането да ги охрабрите и да ги бодрите да не се откажуваат и да ги наградите со аплауз отпосле.
Премногу зборувате
Влеговте во дискусија со своето 2 годишно дете дека не смее да јаде колачи пред ручек и тоа заврши вака: зборување-убедување-карање-викање-удирање?! Ова е шемата во која најчесто запаѓаат родителите во 90% од случаите. Децата не се возрасни заробени во мало тело, тие не размислуваат логично и вашите објаснувања не им го задржуваат вниманието.
- Стратегија 4: Штом упатите наредба до детето, не дискутирајте понатаму и избегнувајте контакт со очи. Ако детето не ве послуша, упатете кратко вербално предупредување или избројте до три. Ако детето повторно одбива послушност, пратете го во ќош или казнете го по ваше. Без објаснување, а удирање нека не ви паѓа на памет!