АДИТИВИ ВО ХРАНАТА

АДИТИВИ ВО ХРАНАТА
Како последица од развојот на прехранбената технологија и потребата одредено количество храна да се сочува подолг период, како и поради зголемените барања на потрошувачите, прехранбената индустријапостојано се приспособуваше нудејќи храна со нови сензорни својства, нов изглед, подолги рокови на траење, нови вкусови и сл.

За да се постигне подобар вкус, поубав изглед, мирис, поголема трајност во подготовката на храната, отсекогаш се користеле адитиви за таа намена. Тоа е дел од прехранбената култура. Изборот на додатоците бил плод на искуството, традицијата, фантазијата и начинот на соработка со природата. Значајна улога во тие креации имаа, а сè повеќе и денес имаат разни додатоци на храната кои ги нарекуваме адитиви. Денес, додатоците во храната се идентификувани преку е-броеви, а прехранбената индустрија го презеде монополот над дефиницијата што се прехранбени адитиви.

Што се адитиви?

Адитиви се супстанции со познат хемиски состав кои самостојно не се консумираат, не се типична состојка на храната, по правило се без нутритивни вредности, но се додаваат во храната со цел да се подобрат технолошките и сензорните својства. Адитивите се додаваат во храната, во технолошката постапка при производството, при подготовката, обработката, преработката, формирањето на пакувањето, транспортот и чувањето. Поради тоа што не се природна состојка на храната, носат одредени здравствени ризици доколку се надмине дозволеното дневно внесување. Адитивите го изедначуваат квалитетот на производот, овозможуваат консумирање на сезонска храна во текот на целата година, го продолжуваат рокот на траење. Адитивите овозможуваат некоја намирница да добие особини, вкус и квалитет кои не и се својствени. Со адитивите, на пример: чипсот добива вкус на кечап или арома на дим, обичната вода станува газирана напивка , мешавината од растителни масти и скроб станува топено сирење, лебот и белите печива со додавање адитиви за растење на тестото стануваат „воздушести“, белиот леб станува „црн“, месото на полиците на фрижидерот има убава црвена боја и свеж изглед – а вакви примери има многу. Покрај синтетички добиените адитиви, постојат и адитиви од природно потекло, како што се природни бои, витамини, растителни влакна, ензими. Познати се околу 300 адитиви и преку 3500 нивни соединенија.

Е-броеви

Со оглед дека се наоѓаме во шума од информации, препознавањето на адитивите се одвива преку е-броеви кои претставуваат општо прифатена ознака низ целиот свет.
Е-броевите овозможуваат полесно означување и препознавање, како и потврда за токсиколошката евалуација и класификација на адитивите.
Бидејќи адитивите се поделени во неколку групи, постојат одредени правила за нумерирање кои ви ги претставуваме:

·   бои – 100-181;
·   конзерванси – 200-285 и 1105;
·   антиоксиданти – 300-340;
·   регулатори на киселоста – се означуваат со различни броеви;
·   згуснувачи/емулгатори – 322, 400-499 i 1400-1451;
·   супстанции за спречување на згрутчување – 550-572;
·   засилувачи на вкус – 600-650;
·   супстанции за полирање – 900-910;
·   супстанции за засладување – 420, 421, 950-970.

Прехранбени адитиви – додаток или недостаток во исхраната

Адитивите во исхраната не може во целост да се избегнат, но може де се ограничи нивното внесување. Треба почесто да се употребуваат свежи намирници без адитиви (овошје, зеленчук, житарки, леќа, грав, сосови кои сами ги приготвувате), а употребата на хемиски и индустриски процесирана храна полна со адитиви да се сведе на минимум. Индустриското производство на храна без адитиви не е возможно, дури ги има и во еколошки произведената храна. Иако адитивите денес ни овозможуваат поголема сигурност на производот во технолошка смисла, некои од нив не ги следи добар глас и може да му наштетат на човековото здравје. Токму поради тоа, потрошувачите сè повеќе се информираат за тоа што внесуваат со исхраната, особено оние кои имаат одредени здравствени проблеми.

Адитивите се нужно „зло“, кои ги подобруваат изгледот и вкусот на храната, но не го подобруваат нејзиниот квалитет.

Зошто треба да се обрне внимание на етикетата на производот?

Единствениот начин да контролирате и донекаде да балансирате што внесувате во вашиот организам, е внимателно да ја читате декларацијата за составот на производот. На тој начин, ќе можете да видите колку адитиви има и кои се тие адитиви, за да можете да ги избегнете оние кои се непотребни, кои би предизвикале несакани реакции (алергени) или да одберете производи кои содржат минимално количество адитиви. За жал, на потрошувачот, поради неправилно или непотполно декларирање на состојките во производот, често напишано со многу ситни букви, му се скратува правото на вистинска информација за тоа што купува и што консумира.  Секако, не очекуваме да носите попис на е-броевите во паричникот, но, сепак, обрнете внимание при следната посета на маркетот.

Адитиви во детската чинија

Кога станува збор за децата и намирниците кои ги консумираат, доаѓаме до заклучок дека е тешко да ги изолираме од потрошувачката пропаганда и во целост да ги заштитиме од штетните состојки на одредени намирници. Нереално е да очекуваме сите слатки да ги замените со овошје и секојдневно да правите домашни колачи од проверени состојки. На децата најпривлечна им е храната со изразени специфични вкус и мирис, со живописни бои и со интересни неприродни форми, главно, храна полна со адитиви и со вештачки додатоци. Од друга страна, консумирањето на таква храна има голема енергетска вредност, изобилува со шеќери и масти, што најчесто доведува до дебелина, затоа што внесувањето калории е во дисбаланс со потрошената енергија. Затоа, родителите треба да посветат внимание при купувањето намирници за деца, задолжително да ги читаат декларациите, составот и хранливата вредност. Конзервираната храна и намирниците со продолжен рок на траење или намирниците за кои знаеме дека содржат голем број адитиви, треба да ги избегнувате, а ова особено важи кога станува збор за децата. Посебно внимание посветете на намирниците кои никако не се препорачуваат за деца и кои може да го нарушат нивниот кревок имун систем. Вие, како родители, имате избор. Затоа, изберете мудро. Важно е секогаш да имате на ум дека на децата им формирате навики за исхраната кои ќе важат за цел живот. Научете ги вашите деца да се хранат здраво, но исто така научете ги и дека здраво, не значи и невкусно. Користењето свежо овошје и зеленчук, готвењето дома, избегнувањето готова или полуготова (конзервирана) храна и едукацијата на децата од најрани денови дека нема потреба за често консумирање индустриски слатки и „грицки“, се добри мерки за заштита на здравјето на децата.

Освен децата, посебно чувствителни се и старите луѓе чиј имун систем нема толку сила да се избори со сите насобрани адитиви во телото. Јасно е дека адитивите денес во прехранбената индустрија се неизбежни. Тие ја прават храната примамлива, долготрајна и предизвикуваат кај нас исклучителна желба за нејзино внесување. Незамисливо е на кои сè намирници би морале да заборавиме ако во нив ги нема адитивите. Адитивите не можеме да ги избегнеме во целост. Она што можеме, е да се едуцираме за тие кои се најштетни и да пробаме да ги избегнеме кога е возможно.