Дали природните дезинфектанти се ефикасни?

Дали природните дезинфектанти се ефикасни?

Чисти домови, чисти канцеларии, чисти улици, чисти раце, ни остана ли уште нешто за чистење? Секако, сето ова одново и одново и одново… Ваквата пракса мора да ни стане навика, како да се работи за миење заби. И додека едни чистат со готови средства за дезинфекција, има и такви кои се потпираат на традиционалните алтернативи како оцет и ракија. Дали вториве грешат? Постојат некои ефикасни, природни алтернативи кои можат да послужат доколку залихите се потрошени, но во едно бидете сигурни, само готовите средства 100% ќе ги убијат бактериите. Во случај да не успеете да најдете какво било специјализирано средство, тогаш одете на варијантите кои содржат активни состојки како хидроген пероксид и етил алкохол (етанол). Тие се најмалку токсични во однос на другите активни состојки. Па како тогаш се ефикасни? Етанолот ги оштетува клеточните мембрани и протеините. Оксидативните агенти, како хидроген пероксид, ги уништуваат мембраните и липидите. Во превод: Тие се доволно силни за да ги уништат бацилите.

Не секој алкохол има моќ да дезинфицира!

Ракијата не е доволно концентрирана за да ги убие бактериите, но други типови на алкохол (како етил алкохол, изопропил, етанол) имаат моќ да дезинфицираат при концентрација од 70%. Ако го растворите со вода – две третини алкохол и една третина вода – ќе добиете комплетно и ефикасно средство за дезинфекција. Но, ова сѐ уште не е идеално решение за чистење на големите површини во домот, бидејќи високата концентрација на алкохол значи и екстремно брзо испарување. Алкохолот е добар за пребришување ситни предмети како мобилен, далечинско, кваки.

Што е со оцетот и лимоновиот сок?

Иако имаат антибактерски својства, сепак не се признати дезинфектанти. Нивните компоненти, oцетната и лимонската киселина, се користат како активни состојки во готовите средства. Но, разликата е во концентрацијата и pH вредноста – никој не цеди свежи лимони во производството. Зошто киселините се ефикасни? Дезинфектантите на база на киселина ја менуваат pH средината на микроорганизимите, ги кршат врските на нуклеинските киселини и влијаат на протеините.

Пареата е природен ефикасен дезинфектант!

Всушност и болниците ја користат за дезинфекција и стерилизација. Пареата ги уништува микроорганизмите, ензимите и протеините. Не пеглајте по потреба, задолжително пеглајте на пареа ако ги сушите алиштата надвор. Не мијте на рака ако имате машина за садови!

Соодветна употреба за 100% ефикасност

Можете да се наоружате со сите моќни состојки, но залудно ако не ги користите според упатството. Генерално, тврдите површини треба да бидат исчистени со регуларно средство и вода пред да нанесете дезинфектант. Обрнете внимание колку треба да отстои средството, на потребната количина и дали треба да се плакне или не. Никако не користете ги средствата во комбинација, бидејќи се изложувате на опасни и отровни гасови.