Елена Митева – Таа не е само водителка со убаво лице, туку жена со став!

Елена Митева  – Таа не е само водителка со убаво лице, туку жена со став!

Оние што ја знаат и надвор од малите екрани, ќе ви потврдат дека Елена и приватно е подеднакво харизматична, позитивна и скромна. Отворена за разговор со секого на која било тема… Да, етерот изгуби многу и Елена веќе им недостасува на гледачите кои милуваа со неа да го стартуваат денот. Не ни откри каде ќе ја продолжи својата кариера, но ни дозволи да ѕирнеме во нејзиното секојдневие, сподели со нас многу убави совети за справување со Ковид-19 кризата, а со восхит зборуваше и за нејзината улога како мајка. 

Неизбежно е да ве прашам, како успевате да ги менаџирате своите обврски (на работа и дома) покрај непосакуваниот гостин наречен Ковид-19? Што ви беше најголем предизвик изминатиов период?
Искрено,бев многу исплашена од целата состојба со Ковид-19 и сѐ уште сум, но некако полека се учиме да живееме со овој вирус. Никој не очекуваше ваков исход и ваква состојба која комплетно ќе ни го измени животот. Со оглед на тоа дека имам 7-годишно дете, но имам и возрасни родители, претпазливоста е уште поголема и бара многу труд. На почетокот, работев претежно од дома, но кога почнавме да се навикнуваме на „новата нормала“ се вратив и на работа, се разбира, почитувајќи ги сите правила и прописи. Но, некогаш и тоа не е доволно за да се чувствуваш сигурно и опуштено. Напротив, цело време си стегнат, мијам раце на 16 секунди и се однесувам претпазливо. Не е лесно да се менаџира животот дома и на работа. Но, имаме ли друг избор? Засега мора да е така и да се надеваме дека што побрзо ќе помине ова чудо што нѐ снајде.

Дали има некоја позитивна лекција или промена што ја заработивте благодарение на неприродната ситуација во која се најдовте заедно со остатокот од светот?
Апсолутно! Сфаќате дека не сте семоќни, дека мора да се спушти топката и длабоко да дишете. Детето, фамилијата, мирот и спокојот отсекогаш биле мој приоритет, но сега е неизбежно да се мултиплицираат. Иако не секогаш е така лесно со оглед на бројките на заразени, починати и воопшто притисокот што сите ние го живееме од ден за ден. Сплотеност, љубов, поддршка, психичка стабилност и душевен мир се мојата цел за овој исклучително тежок период,колку и да изгледа тешко да се постигнат.

„Не сум завидлива и не барам многу. Биди свој, но остави ме да бидам своја. Тука ми се крие и креативноста и уникатноста.“

 

Честопати знаете да изразите револт на социјалните медиуми при актуелни настани како оваа со вирусот, а се поврзани со неправди и некоректности. Дали поради тоа ви се раѓаат идеи да си заминете оттука или останувате да се борите за подобро утре? Каква иднина посакувате и кроите за себе и за своето дете?
По природа сум бунтовник. Борец за правда и вистина. Сакам да сме сите како луѓе посвесни и поодговорни, посебно во една ваква непредвидлива состојба. Не можам да сфатам како баш сега треба да се организираат свадби, веселби, крштевки, а знаеме што значи тоа во однос на заразата со Ковид. Знам колку на сите ни недостасуваат и дружби и веселби, кафиња со пријателите и концерти и забави, но не е сега времето. Да почекаме и сите да излеземе како победници во борбата со овој непредвидлив и опасен непријател. Ова воедно го кажувам како апел до сите. Прости се правилата: држи растојание, носи маска и миј раце. Не е толку тешко, а се заштитуваме и себеси и сите околу нас. Што се однесува до заминување од оваа држава, не дека не сум помислила, но ја сакам Македонија со сето срце и сакам да придонесам за наше подобро утре на ова парче земја. Така што, засега сум тука, а натаму Господ знае.

„Иако сум свесна за сите мои недостатоци кои си ги носат годините, сепак сакам достоинствено и природно да стареам. Па на моето лице и тело е сиот мој живот. И тага и среќа, и болка и радост… и нека ги таму.“

 

Како млада мајка, верувам, честопати сте растргнати помеѓу традицоналниот начин на воспитување на кој и самата сте производ и кој несомнено се покажал за одличен, но и новите околности кои од старт подразбираат дете со револуционерен напредок во мозокот. Како се снаоѓате во ваквата атмосфера како родител? При кои начела се водите при воспитување на вашето дете? Горда ли сте со постигнатото досега?
Кога го гледам син ми Дион, сфаќам дека мојот живот има смисла. Кога ми е потребно чудо, погледнувам во неговите очи и сфаќам дека веќе тоа сум го направила. Тоа дете е посебно. Во секоја смисла на зборот. Се радувам на секој негов успех, на секоја негова насмевка. Искрено, мајка сум која делумно го почитува и применува и традиционално воспитување, но и новите предизвици со кои се соочуваме. Благодарение на електронските уреди, но и природниот капацитет за јазици, Дион веќе перфектно зборува три јазици. Значи не е ни билингвален, туку трилингвален. Музиката и песните ги бираме и пееме заедно и е исклучително талентиран. Верувам дека таа жичка му е од мене. Така што, да сумирам, засега сум задоволна од тоа како го воспитувам мојот син, а и како тој реагира и се однесува. Заврши прво одделение, за жал на многу поразличен начин од она на што сме навикнати. И ако нешто сакам, тоа е да се изнајде начин како дечињата понатаму да продолжат со школување и настава, а притоа да бидат присутни во школските клупи. Ама тоа е само моја, а верувам и на секој родител, пуста желба.

Направивте една голема пауза од ТВ, а вашето враќање донесе свежина и воедно ги поткрена стандардите за тоа како треба да изгледа една емисија, сеедно дали била утринска или не. Дали можеме да очекуваме нешто ново на повидок или ја насочувате кариерата во нов правец?„Утринска на Телма“ беше невидено успешен проект со одлична екипа ентузијасти кои направија бум на екраните. Жал ми е за одлуката да се прекине истата, но продолжуваме понатаму. Од пред 4 месеци излегов од телевизиските води и работам нешто сосема друго, кое да признаам ми е невиден предизвик. За што станува збор ќе откријам во некоја следна прилика.

Покрај природната харизма и пријатниот глас, несомнено сте убава и во топ форма, а посебно за вас е тоа што сте исклучително природна. На кој начин водите сметка за своето тело и изглед? Дали би се боцкале за убавина ако почувствувате потреба? Можно ли е да ве видиме некогаш со пополнети усни?
Ви благодарам на убавите зборови, навистина ми значат. Пред состојбата со Коронавирусот спортував и се обидував барем 2-3 пати неделно да ја потрошам енергијата некаде. Сега, за жал, не го правам тоа, но секој слободен миг го користам за прошетки, за пешачење и за возење велосипед. Што се однесува до боцкањето и пластиката, едноставно не ја почитувам, а со тоа и не ја практикувам. Иако сум свесна за сите мои недостатоци кои си ги носат годините, сепак сакам достоинствено и природно да стареам. Па на моето лице и тело е сиот мој живот. И тага и среќа, и болка и радост… и нека ги таму. Почитувам масажи, маски за лице, дневна и ноќна нега на кожата, но не и боцкање.

„Кога го гледам син ми Дион, сфаќам дека мојот живот има смисла. Кога ми е потребно чудо, погледнувам во неговите очи и сфаќам дека веќе тоа сум го направила.“

 

Колку успевате да се храните здраво? Дали имате некој свој режим на исхрана? Готвите ли?
Никогаш посебно не сум внимавала на храната, но сакам многу зеленчук, за жал не толку овошје. Посебни ритуали немам, но сакам да ми е полн фрижидерот и во моментот да се мотивирам што да се јаде. Инаку, една од добрите страни на карантинот е што ме научи повеќе да експериментирам со храната и да готвам повеќе од вообичаено. Дион е секогаш тука да ми помогне околу храната и готвењето.

Дали консумирате природни препарати и суплементи?
Се трудам главно на природен начин да го зајакнам имунитетот и мојот и на син ми, но не се оставам без витамин Ц (1.000 мг), магнезиум и Б комплекс. Ацерола за син ми и сега во овој период некои минерали и витамини за зајакнување на имунитетот.

„Сакам да сме сите како луѓе посвесни и поодговорни, посебно во една ваква непредвидлива состојба. Прости се правилата: држи растојание, носи маска и миј раце. Не е толку тешко, а се заштитуваме и себеси и сите околу нас.“

 

Како стоите со спортувањето?
Во моментов не спортувам, но сум многу подвижна. Возам велосипед секогаш кога можам, се качувам на Водно, пешачам. Одам во викендицата во Пехчево, а таму е вистинско уживање. Сред борова шума со сите благодети од природата. Знам да си го наречам – мојот рај.

На ТВ оставате чувство дека сте позитивна личност која лесно се смее. Дали тоа е така и во реалниот живот? Што најлесно може да ве насмее?
Позитивноста е нешто што секој си го носи во душата. Не можеш да глумиш среќа и радост. Јас сум таков човек. Сакам да се радувам на своите, но и на туѓите успеси. Не сум завидлива и не барам многу. Биди свој, но остави ме да бидам своја. Тука ми се крие и креативноста и уникатноста. Се смеам со син ми, се смеам на убавите утра започнати со музика и шолја кафе. Се смеам и радувам на добро завршена работа. Се смеам и радувам најмногу на: „Мамо, те сакам најмногу на целиот свет!“

Која е вашата формула за добро здравје и ведар дух што би ја споделиле со читателите?
Колку и да изгледа невозможно во овој момент, обидете се да ја негувате душата. Со разговор со вашите блиски, со гласна музика, со долги телефонски разговори со вашите пријатели. Најдете начин како да си помогнете во една ваква, за сите, тешка и непредвидлива состојба. На сите ни треба поддршка. При тоа, хранете се здраво и по можност движете се или спортувајте.

Го оставате ли некогаш телефонот на silent? На кој начин се исклучувате од сѐ?
Првично нешто што правам е да не се вклучам на социјалните мрежи, бидејќи многу трошат енергија. Има толку негативност и омраза што е навистина страшно. А потоа, се разбира, ако имам можност и комплетно го заборавам телефонот и не сум достапна.