ГЕНЕТСКИ МОДИФИЦИРАНИ ОРГАНИЗМИ (ГМО) – за или против

ГЕНЕТСКИ МОДИФИЦИРАНИ ОРГАНИЗМИ (ГМО) – за или против
Генетски модифициранитеорганизми(ГМО) се реалност на нашето време и на современото општество. Присутноста и употребата на ГМО и пред сѐ, на генетски модифицираната храна, стануваат дел од нашето живеење. Токму затоа се сѐ почести и полемиките за оправданоста, односно ризиците и последиците од нивната употреба.

Што се генетски модифицирани организми?

Генетски модифицираните организми може да се дефинираат како организми во кои генетскиот материјал (ДНК) e изменет на вештачки начин. Технологијата со која ова се постигнува, често се нарекува „модерна биотехнологија“.  Генетски модифицираните организми (ГМО) се производ на генетски инженеринг, и кај нив, со цел да се подобри квалитетот и отпорноста, се менува генетската структура, без разлика дали станува збор за растение или за животно. Во минатото, овој процес кај растенијата се вршел селективно. Целта на овие методи на селекција бил да се утврди кој вид од некоја сорта житни растенија, зеленчук или овошје, најдобро успева во одредени климатски услови, колку е отпорно на ендемски штетници и колкав е неговиот принос. Слична селекција се вршела и кај животните, и со вкрстување на расите се постигнувал бараниот оптимум на производство. Со развојот на модерната биотехнологија, се оди чекор понатаму, што резултира со создавање ГМО. Под ГМО, за кои се води голема полемика, се подразбира специфичен начин на модификација на гените, кои во природата никогаш не би се случиле. Може да се добијат со генетски инженеринг, односно во лабораторија. Со овој инженеринг, ГМО во својата ДНК содржат сосема друг, надворешен ген, внесен во лабораториски услови со нови напредни техники. Изворот на овие гени се наоѓа во растителниот свет, во светот на микроорганизмите, инсектите, животните, вклучувајќи ги и најсложените видови. Доволно застрашувачки, зарем не?

Познавањето на технологијата на генетска модификација е многу важна како за научниците, така и за производителите, потрошувачите и населението кои веќе во голема мера се соочуваат со производи во кои како состaвен дел има и генетски модифицирани организми.

Употреба на ГМО – за или против?

Примената на оваа технологија е релативно нова и нема поминато доволно време за да се согледаат евентуалните штетни ефекти од примената на генетски модифицирани организми. Поради таа причина, покрај предностите кои модерната биотехнологија ги нуди, се поставуваат и одредени прашања за употреба и консумирање, пред сѐ на генетски модифицирана храна.

Иако науката сѐ уште не докажала ништо конкретно, за многумина самиот збор генетски модифицирана храна влева страв.

Зошто „против“?

Најголемата дилема е прашањето за тоа колку е безбедна генетски модифицираната храна и колкава е опасноста од појава на алергиски и токсични реакции со нејзина консумација.
Потоа, следува прашањето за заштита на животната средина и биодиверзитетот поради можноста за негативно влијание врз екосистемите и губење на дел од генетската разновидност. Секако, постојат и етички прашања, кои произлегуваат од нарушувањето на природните карактеристики на организмите, со воведување гени од (таксономски) друг организам. Најчесто поставувано е прашањето во однос на алергиите. Многу луѓе се алергични на разно овошје и зеленчук, јаткасти плодови (кикиритки, ореви, бадеми и сл.) Проблемот кој настанува е можното вметнување на гените од овие растенија во други, со што би се создале нови потенцијални алергени за кои купувачите не би биле ни свесни. Решението за овие проблеми е во јасното означување на генетски модифицираните производи и во подигнувањето на свеста во јавноста.

Зошто „за“?

Појавата на генетски модифицираните организми би требало, пред сѐ,да го реши прашањето за гладот во светот. Идејата за употреба на ГМ храна произлезе од предвидувањата дека светската популација ќе се удвои во наредните 50 години, што имплицира дека на некој начин треба да се нахрани таа популација. Со ГМО се добиваат поотпорни организми, со подобра толеранција на болести, штетници, корови и без употреба на хербициди и пестициди, а од друга страна, со зголемена биомаса т.е. принос. Но, прашањата кои се наметнуваат заради начинот на создавањето на ГМО, не се занемарливи. Со одговорот не треба да се избрзува, затоа што сѐ уште нема релевантни докази по безбедноста на здравјето кај консументите на овие производи.

Кои се најчестите генетски модифицирани култури во светот?

Во моментот се познати 16 генетски модифицирани култури: пченка, соја, памук, маслодајна репа, црвен домат, компир, шеќерна репка, ориз, пченица, тиква, тутун, цикорија, лен, диња, папаја и каранфил. Најголемиот дел од овие култури во светот, околу 60 %, се однесува на пченката, сојата и на маслодајната репа.Најголеми производители на ГМО се САД, Аргентина, Бразил, Кина и Индија.

Логично е дека секој човек сака да знае што јаде и какви последици по здравјето ќе има храната која ја консумира – не само за него, туку и за неговите деца и идните генерации.

Затоа е разбирливо дека прашањето дали треба во целост да се дозволи, ограничи или потполно да се забрани одгледувањето и продажбата на генетски модифицирани организми, секогаш предизвикува емотивни дебати, кои за жал, многу ретко се потпираат на веродостојни научни факти, а многу често на лобистички и сензационални информации.
Во научните кругови тешко се доаѓа до вистината, а уште потешко до консензус. Здравствените ризици поради консумација на ГМ храна сѐ уште се во областа на научни контроверзии. Конечни докази нема, а мислењата на научниците се разидуваат.

Единствено, согласни се дека потрошувачите треба да можат да избираат помеѓу конвенционалната и ГМ храна и јасно да бидат информирани за тоа кои производи во својот состав содржат ГМО.

 

Како да препознаете дали и која храна е генетски модифицирана?
Секогаш проверете ја декларацијата на производот. Артиклите означени со 100 % органско или направено од органски состојки се оние кои во себе не содржат ГМО. Исто така, барајте ознака на која пишува „Не содржи ГМО“ (GMO free).

Обрнете внимание на изгледот и на формата на производите.

ГМ храната е најчесто со еднаква форма и големина, со сјајни и јасни бои и без видливи оштетувања и знаци на расипување.