ГОРНОРЕСПИРАТОРНИ ИНФЕКЦИИ НА ДЕТСКА ВОЗРАСТ

ГОРНОРЕСПИРАТОРНИ ИНФЕКЦИИ НА ДЕТСКА ВОЗРАСТ
Респираторните инфекции на горните дишни патишта се најраспространети заболувања кои се сретнуваат во секојдневната практика на детската возраст, типични за есен, зима и за рана пролет. Повеќе од 50% од пациентите кои доаѓаат на лекар имаат горнореспираторни инфекции, и тоа деца до 5-годишна возраст со честота 6 до 9 пати годишно во просек. Во оваа категорија спаѓаат деца кои посетуваат јасли или  градинки или деца кои имаат постари браќа и сестри кои одат на училиште и ги пренесуваат инфекциите дома.

Кои се најчести причинители

Најчести пред извикувачи на инфекциите се вирусите, бактериите и микоплазмата. Инфекциите се манифестираат како ринити, фарингити, отити, синузити и ларингити, придружени со полесни или потешки симптоми на болеста.

Во 80-90% од инфекциите се од вирусно потекло, при што најчести причинители се: риновируси, респираторно-синцициелен вирус, корона вирус, вирус на инфлуенца, параинфлуенца и аденовируси. Клиничката слика се манифестира полиморфно. Се појавува покачена телесна температура со јасно изразени катарални симптоми, течење на носот, солзење на очите, кивавица и кашлица. Клиничката слика е дополнета со засипнатост, слаба главоболка, болка во грлото, замореност итн.

Во 10% од случаите, најчесто над 5-годишна возраст, предизвикувачи на инфекциите се бактерии од типот на стрептококи, стафилококи, хемофилус инфлуенце и др. Кога се работи за бактериска инфекција, засегната е општата состојба на детето; тоа е исцрпено, високофебрилно, често интоксицирано и бледо, има болки во грлото поради што му е отежнато голтањето, често има оток на регионални лимфни јазли, намален апетит и сл.

Раната дијагностика е особено важна

Многу е важно навремено да се дијагностицира етиолошкиот фактор, односно предизвикувачот на инфекцијата со добро земена анамнеза од родителите, со клинички преглед кој треба да биде сеопфатен, надополнет со одредени лабораториски анализи со што ќе се потврди точната дијагноза. Од тоа зависи натамошното лекување на инфекцијата кај детето. При бактериска инфекција даваме антибиотици соодветни на причинителот, а при вирусна инфекција третманот е симптоматски, со давање на антипиретици, витамини, течности и здрава храна. При вакви состојби, давањето антибиотици е исклучено!

Кога да се обратиме на лекар

Природно се поставува прашањето: како и кога треба детето да се однесе на лекар?

Доколку детето има секрет во носето, ако поткашлува, особено кога е во лежечка положба, ако нема температура, ако е расположено и има нормален апетит, тогаш треба редовно да се чисти носот со солени капки, да се причека детето да заздрави, односно детето да се лекува во домашни услови. При вакви состојби, во кои заздравувањето оди добро и состојбата не се влошува, нема потреба од посета на лекар.

Доколку детето има  висока температура, проследена со  кашлица и секреција  од нос, ако е нерасположено и плачливо, ако тешко дише, ако повеќе од времето е во кревет, не сака да јаде или повраќа, тогаш посетата на лекар/педијатар е задолжителна.

Родителите се тие кои треба да внимаваат детето да јаде здрава храна, богата со витамини и минерали, да има здрав сон и здрава околина. На тој начин, се јакне и се поддржува имунитетот на детето, како најважна алка во одржувањето на здравјето