Кралица во кујната

Кралица во кујната

Иако жените се почесто во кујна, мажите веруваат дека се подобри готвачи, а најмногу милуваат да го коментираат хаосот што сте го приредиле. Но, со овие совети ќе бидете поуредни и побрзи домаќинки. Но, не за да им се докажувате ним, туку за да ви остане време за кафе со пријателките.

Во трка со времето
Мали трикови на големите готвачи
1. Немате време да го исечкате месото? Не грижете се, едноставно исчукајте го. Оваа техника за подготовка на шницли, го забрзува времето што е потребно за месото да се зготви и плус овозможува порамномерно печење, а функционира за кој било тип на месо. Не губете време да го барате толчникот, едноставно ставете го месото во една ќесичка за замрзнување и удрете со тавата. Ем ќе заштедите време, ем ќе се ослободите од стресот.

2. Многу домаќинки прво го мијат зеленчукот, па го лупат и на крај го сечкаат. Не дека е погрешно, но по лупењето станува некако неизбежно уште еднаш да го премиете, нели? Затоа, веднаш преминете на главната цел, излупете го или исчистете го зеленчукот од непотребните листови кои секако се најнечисти. За да не мора темелно да го миете, потопете го во сад со вода во кој ќе ставите алкохолен оцет или сода бикарбона.

3. За да го скратите времето потребно за да зоврие водата за тестенини, избегнувајте ги длабоките тенџериња. Место нив, обидете се со пошироко и поплитко тенџере. Не грижете се, тестенините ќе се сварат и во помалку вода, иако, секогаш можете и да доставите ако се сомневате дека не се варени. Но, во едно бидете сигурни – водата побрзо зоврива во поголема површина, а не во подлабока.

4. Кога станува збор за исхраната, децата знаат да бидат непредвидливи и место вашиот избор за ручек, да побараат да јадат нешто сосем друго. Не паничете, ако втората опција подразбира печење или варење, едноставно сечкајте ги намирниците поситно и потенко, и готови сте за помалку од час.

5. Загревањето на рерната е одличен трик за да го скратите времето за печење, но за плус минути, ставете ја и тавата да се загрее. Кога ќе го ставите зеленчукот, месото, или што и да готвите, тоа што ќе падне на дното ќе почне да се пече истовремено со намирниците кои се изложени директно на топлиот воздух. Плус, на овој начин ќе добиете рамномерно печење.

6. Ако сте од оној тип домаќинки кои избегнуваат затоплување во микробранова, имаме идеја како да заштедите време, но и електрична енергија. Наместо да ги затоплувате замрзнатите кифлички во тава, за која треба време да се загрее, постелете хартија за печење директно на решетката од рерната и озгора наредете ги кифличките.

складирање

Паметно складирање
Начинот на кој ја замрзнувате готовата, полуготовата или свежата храна, прави голема разлика. Кога веќе потрошивте време да складирате, погрижете се храната да заврши во тавата, а не во кантата за отпадоци.

1. Овошјето и зеленчукот кои создаваат етилен (гас) како јаболка, банани, домати, треба да се чуваат одделно од оние кои се чувствителни на етилен како карфиол, моркови и листестиот зеленчук. Ваквата разделба подразбира подолг рок на траење за сите овие намирници. Направете една брза проверка на ладилникот за длабоко замрзнување и направете нова распределба.

2. Оние садови за правење коцки лед? Не можете да верувате колку време ќе ви заштедат. Одлични се за складирање на блендирано овошје кое ќе го користите за смути.Наутро, само ставете ги во чаша топло или ладно млеко и тие ќе се стопат. Одлични се и за замрзнување сосови за паста како песто или бујон кој ќе ви послужи да го збогатите вкусот на многу јадења. Едноставно, ставете неколку коцки во тава или тенџере во кое се готви месо и сте го зачиниле јадењето со еден потег.

3. Садот за складирање храна чиј капак не пропушта воздух е нешто што задолжително мора да го имате во кујна. На тој начин, ќе ја одржите свежината на храната бидејќи таа нема да се исуши, да се разводни или да го апсорбира мирисот од ладилникот. Стаклените садови се најуспешни во оваа задача, плус, безбедни се и за во ладилник и за во рерна. Лесно се мијат, не замирисуваат и не задржуваат дамки како пластичните.