Што корист ќе имате ако редовно го масирате лицето? Ќе се ослободите од вишокот течности, ќе ја намалите тензијата на фацијалните мускули, ќе поттикнете циркулација. Дополнително, ќе го намалите нивото на стрес, а со тоа ќе го одржите балансот на хормоните кои предизвикуваат акни. Сѐ што ви треба се 5 минути, чисти раце и масло за лице или серум.
Дефинирајте ја вилицата
Со палецот и показалецот нежно штипкајте ја кожата долж вилицата почнувајќи од центарот на брадата и стигнувајќи до ушите. На овој начин, ќе спречите какво било таложење течности во кожното ткиво кое резултира со отоци.
Поткренете ги јаболчиците
Спојте ги показалецот и средниот прст и сместете ги под левата јаболчица, и нежно туркајте нагоре. Почнете од центарот на лицето и движете се нанадвор кон слепоочницата. Повторете ја постапката и на десната страна. За да поттикнете циркулација и за да постигнете инстант сјај, нежно штипкајте ги јаболчиците на врвот.
Испеглајте ги подочниците
Со домалиот прст, нежно притискајте и поткревајте ја кожата долж коската што ја следи веѓата, почнувајќи од внатрешниот агол на окото и движејќи се кон надворешниот. Повторете ја постапката под очите. Ваквата мануелна лимфна дренажа ќе ги намали отоците, а со тоа и темните кругови.
Омекнете ги фините линии
Сместете ги палците на слепоочниците, а со останатите три прста оцртувајте мали кругови од центарот на челото кон надворешните агли на лицето. На овој начин, се намалува тензијата во мускулите, а со редовна практика може да се минимизираат фините линии кои се резултат на мимиките.