Пролетна чистка (од технологии)

Пролетна чистка  (од технологии)

 

Скролањето по телефонот е неопходно како утринско кафе, а неотворените црвени нотификации се предизвикувачки небаре се подарок што го најдовте скриен во плакар – за научниците ова се вика зависност од екран. Не негирајте, време е за детокс!

СИМПТОМИ 

1. Постојано со себе носите полнач, па дури и резервна батерија.

2.  Вибрацијата веднаш ви го насочува внимането кон синиот екран.

3. Си легнувате и станувате скролајќи на телефонот.

4. За вас е пострашно да го заборавите телефонот отколку паричникот.

КАДЕ Е ВАЛКАНО?

Изложувањето на сина светлина, онаа што ја емитува телефонот, ја намалува секрецијата на мелатонин, а тоа подеднакво влијае и на квалитетот и на траењето на сонот. Научниците од универзитетот Харвард открија дека интеракцијата со технологиите, еден час пред спиење, ја одложува продукцијата на мелатонин за 90 минути, намалувајќи ја неговата количина за половина. Со оглед на тоа што многу биолошки процеси во организмот зависат од сонот, имајте на ум дека благодарение на мобилните телефони и останати гаџети, ризикувате многу повеќе од утрото.

Лошата вест е тоа што не сте безбедни ниту преку ден. Сината светлина може да поттикне макуларна дегенерација или заматување и намалување на видот, која вообичаено важи за природен, пропратен процес на стареењето.

Не смееме, а да не го споменеме оној момент на игнорирање на соговорникот, бидејќи содржината што ја сервира телефонот е далеку поинтересна. Сите сме се нашле во ситуација да бидеме игнорирани од соговорникот, кој наместо да нѐ сослуша и да обрне внимание на нашата психичка состојба, упорно зјапа во телефонот. Но, да бидеме искрени, сигурно многупати и сами сме биле оние со наведната глава. Освен недостиг на култура, ваквата навика што се протна во нашите животи, полека, но сигурно влијае на нашите социјални вештини и капацитети за

соработка. Не сте сигурни во тврдењево? Тогаш запрашајте се дали попрво би му се јавиле некому или би му пишале на Viber? Ако одговоривте под два, тогаш имате проблем.

Нештата дополнително се усложнуваат на долг рок, бидејќи покрај разнишаните врски и односи со луѓето, студиите велат дека долгото време поминато на дигиталните уреди го зголемува ризикот од  изолација, анксиозност, осаменост и депресија. Размислувајте вака: Ако поради која било дигитална активност не сте во можност да ги сработите нештата што треба да се сработат, тогаш време е за промени.

ЧИСТКА

Сите оние аларми кои водат сметка да сте сосредоточени на телефонот, искористете ги во своја полза. Истите ќе ви помогнат да се соочите со фактите. Како? Исклучете ги и проверете колку можете да издржите без да проверите што „ново“ се случило. Не мора сѐ одеднаш да исклучите, почнете со звучните потсетници за стасан мејл или оние наменети за календарски активности што секако ги проследувате додека сте на работа. Збогувајте се од телефонот еден час пред спиење и задолжително ставете го на опција „нечујно“. Сепак, најголема услуга ќе си направите доколку ја смените свеста во сопствената глава: „Технологиите ги користам за некаква цел, а не за да пополнам време!“ – имајте го ова на ум.

Зјапате во мониторот по цееел ден? Не прифаќајте дури и да ве плаќаат за тоа! Водете се по правилото 20-20-20: истражувањата сугерираат да се фокусирате на нешто (зад екранот) оддалечено 20 чекори, за време од 20 секунди, на секои 20 минути. Така ќе ги ублажите симптомите својствени за компјутерскиот визуелен синдром – напнатост, сувост, печење и чувствителност на очите.

НИЗА БЛЕСКАВИ ЕФЕКТИ

Подолг живот – Истражувачите велат дека и тоа како постои поврзаност помеѓу долгото време поминато пред сините екрани и зголемениот ризик од  речиси сите смртоности болести како срцеви заболувања и рак.

Повеќе пари – Ова особено важи за жените кои шопинг навиката ја префрлија на интернет.

Пофокусиран мозок – Предолгото седење пред монитор се поврзува со намалено внимание и концентрација особено кај децата, затоа не чудете се ако не можат да ја дочитаат лекцијата.

Лесен старт на денот – Доцната изложеност на сина светлина го намалува чувството на подготвеност за следниот ден. Сега ви е јасно зошто некои луѓе одат во сала рано наутро, а други не можат да престанат да стискаат на snooze.

Поголема продуктивност – Паузата помината надвор со колегите резултира со поголема продуктивност, за разлика од паузата помината внатре пред монитор.