Рак на дебело црево – Извртената вистина за болеста го зголемува бројот на пациентите

Рак на дебело црево  – Извртената вистина за болеста го зголемува бројот на пациентите

Генералната перцепција за ракот на дебелото црево е дека ги напаѓа постарите и тоа најчесто мажите. Но, последните статистики откриваат нова реалност: симптомите на оваа болест (гасови, промена во навиките на дебелото црево, крвавење, дијареја, констипација, анемија) сѐ почесто ги напаѓаат луѓето помеѓу 20-тите и 30-тите години. Ракот на дебело црево кај женската популација е во пораст за 4 % за разлика од пред 20 години, додека случаите меѓу мажите остануваат на стабилно ниво. Во моментов, ракот на дебело црево е втора по ред болест која ги напаѓа жените во САД.

Кога грижата е оправдана?

Најзагрижувачки аспект во целата ситуација? Многу од случаите се откриени во напредна фаза, бидејќи се погрешно или доцна дијагностицирани. „Доколку се открие рано, во првата фаза, 98 % од луѓето со сигурност ќе живеат пет години и повеќе“, вели Willie Hamilton,професор по примарна нега и дијагноза на „University of Exeter Medical School“ и медицински советник за социјалните случаи во рамки наорганизацијата „Beating Bowel Cancer“во Обединетото Кралство.

„Но, тажната вистина е дека многу млади луѓе имаат помали шанси да преживеат, бидејќи најчесто се соочуваат со доцна дијагноза. Тројца од пет дијагностицирани случаи под 50 години, се откриваат во трета или четврта фаза, а една третина од нив се итни.“ И додека експертите постојано работат на откривање на причинителите поради кои е зголемен бројот на пациентите, по сѐ изгледа дека недоследноста во здравите навики е главниот виновник.

Како изгледа тоа во реалниот живот? Па, вака некако: Во понеделник сте максимално посветени, сѐ што изедовте беше здраво, домашно приготвено и плус вежбавте. Но, како одминуваше неделата грешките се напластуваа една врз друга. Го прекршивте режимот со хамбургер, секако и со газиран сок, а за вежбањето смисливте навистина добри изговори. Ваквите осцилации во внесувањето на хранливи материи, буквално, значат грабеж на горивото кое му е потребно на дебелото цревото за да биде здраво и силно.

И вишокот килограми, исто така, носат неволја: „Речиси 11 % од случаите на рак на дебело црево биле поврзани со дебелината“, се вели во прегледот на „IARC Handbooks of Cancer Prevention“– независна агенција за канцер која е дел од СЗО.

„Моите пациенти признаваат дека не се хранат како што би сакале, бидејќи постојано се во трка со времето и во тој случај тешката и процесирана храна е добредојдено решение“, вели David McArthur, колоректален хирург во Spare Parkway болницата. „Храната, алкохолот и телесната тежина играат клучна улога при пресметувањето на ризикот од рак на дебело црево.“

Според извештајот на СЗО во 2015 година, најверојатно постои поврзаност помеѓу црвеното месо и ракот на дебело црево, особено ако месото е процесирано. Ништо не ве чини да ја намалите консумацијата, особено на процесираната месна понуда, со цел да го намалите ризикот. „Едноставно кажано, она што ќе го ставите во уста, секако ќе стигне и до дебелото црево“, вели Stephen Fenwick, консултант хепатобилијарен хирург во Aintree University болницата. „Ако има каков било канцероген елемент во она што го консумирате, тоа ќе дојде во директен контакт со дебелото црево.“

Погрешен ПР за болеста

Едноставно, ракот на дебело црево не е во фокусот на луѓето во нивните 20-ти или 30-ти. Свесноста е на многу ниско ниво, додека непријатноста котира високо. Се случува луѓето да премолчуваат дел од симптомите, бидејќи се крајно непријатни. „Луѓето се срамат од симптомите на оваа болест: ректално крвавење, дијареја, констипација, гасови, грчеви, чувство и желба за празнење“, вели McArthur.

Иако бројот на млади пациенти е во пораст, сѐ уште владее уверувањето дека не е наменет за нив и така успева да се протне без дијагноза. Од друга страна, овој тип рак е доста подмолен – типичните симптоми на рак на дебело црево се преклопуваат со многу полесни состојби кои се лекуваат.

„Не е за потценување бројот на луѓе кои укажувале на симптомите повеќе од две години, но биле испратени дома со дијагноза за хемороиди“, вели McArthur. Симптомите како болки во абдоменот и грчеви најчесто се мешаат со синдром на иритабилни црева. Како и да е, секое дијагностицирање на дигестивен проблем проследено со соодветен третман може да значи продолжување на животот.

Скринингот е најсигурната опција за да се окончаат сите сомнежи. Зборуваме за директен тест на дебелото црево – тенка цевка со камера на едниот крај се користи за да се проверат и отстранат евентуални полипи во цревото. Постои и опција за испитување во домашни услови, но истата не е конечна. Таа само сигнализира дали се неопходни дополнителни испитувања. Најдобриот совет за секој оној што се соочува со симптоми или се сомнева дека има рак на дебело црево поради семејна историја и ред други мотиви, треба да се упати на лекар и да направи колоноскопија.

Не дозволувајте да се протне

Кога станува збор за превенција, нема нешто што веќе не го знаете. Не пушете и бидете внимателни со количината на алкохол, бидејќи оние што редовно го консумираат се поранливи на болеста. Како што споменавме, исхраната игра голема улога, па неопходно е изобилство на растителни влакна – мешунки, житарки од цело зрно, зеленчук – за нештата да пловат како што треба. Еј, и полека со сланината!

Во пораст се доказите кои сугерираат дека здравјето на цревата и стомакот играат клучна улога. „Акутното воспаление го покачува ризикот од развој на рак“, вели McArthur.„Силниот цревен микробиом докажано го намалува воспалението, па оттука, многумина мислат дека го минимизира и ризикот од рак на дебело црево.“

Затоа намалете го ризикот консумирајќи природни поттикнувачи на добрите бактерии во стомакот како артичоки, јаболка, кисела зелка. Вежбањето само два и пол часа неделно, го намалува ризикот за 24 %, според студијата на British Journal Of Cancer.

Друга едноставна стратегија? Бидете проактивни, барајте и второ мислење ако вашата состојба упорно ја врзуваат со стрес, а вие посреќни не сте биле. Деталниот опис на симптомите, колку и да е непријатно, и инсистирањето на тест може да ви го спаси животот. Ако симптомите се упорни, бидете и вие со барањата. Без разлика што е во пораст, ракот на дебело црево има највисок рејтинг на преживување, но ако е откриен навреме и е третиран. Воспалителните гастроинтестинални нарушувања како улцеративен колитис или Кронова болест може да ви ги зголемат шансите за рак на дебело црево.

Да сумираме: Во 90 % од случаите, ракот на дебело црево може да има успешна завршница. Симптомите не треба да предизвикуваат паника, крв на тоалетната хартија не значи по автоматизам рак. Но, е доволно силен мотив за испитување и колоноскопија. Луѓето на која било возраст, со фамилијарна историја на болеста, други ризик фактори или симптоми веднаш треба да појдат на лекар. Уште поедноставно, зборувајте со вашиот човек од доверба. Ќе ви биде непријатно, но може да ви донесе плус години на контото наречено живот.

Научете да ги разликувате симптомите

Најверојатно сте добро

Светлоцрвена крв на тоалетната хартија после голема нужда – шансите се дека најверојатно имате малечка анална солза (пукнатина или безопасен хемороид).

Најверојатно не сте добро

Потемна крв или тромб. Бојата на крвта е индикатор за тоа колку долго била во дебелото цревo и од колку високо доаѓа. Ова е можен знак за крвавење на дебелото црево.

Најверојатно сте добро

Напрегнување или констипација во траење од една недела, па дури и две. Едноставно можеби сте дехидрирани.

Најверојатно не сте добро

Пролонгирана констипација во период од три недели или повеќе, проследено со тенки (наликуваат на молив) столици. Констипацијата е релативна состојба – фреквенцијата на потребата за голема нужда е различна за секого. Заклучете што е невообичаено за вас.

 Најверојатно сте добро

Грчеви или подуеност.

Најверојатно не сте добро

Редовна абдоминална болка која влијае на секојдневната рутина. Појдете на лекар!

Принципи на исхрана

Намалете со црвеното месо

Студијата објавена во The American Journal of Gastroenterologyоткри дека белото месо го намалува ризикот од дебело црево, додека други истражувања потенцираа дека ризикот се зголемува при редовна консумација на процесирано месо. СЗО советува не повеќе од 500 г црвено месо во неделата (распоредено во три оброци) и целосно отфрлање на процесирано месо.

Не прескокнувајте го зелениот зеленчук

Особено не броколата! Зеленчуците кои спаѓаат во групата зелки содржат огромни количини сулфорфан, супстанца која се бори со ракот на дебелото црево. Целете на млада брокола, ако сте во можност, бидејќи содржи педесет пати поголема количина сулфорфан за разлика од зрелите броколи.

Збогатете ги салатите со зрна калинка

Според University of Warwick, овие овошни семки содржат природни компоненти кои ја активираат аутофагијата (термин со кој се означува моќта на организмот да се ослободи од оштетените клетки). Црвено грозје, круши, печурки, леќа и грашок подеднакво ќе завршат работа.

Продолжете да пиете кафе

Според University of Southern California,две и пол шолји дневно може да го намалат ризикот од рак за 50 %. И бескофеинското кафе е опција.

Јатките се ваш сојузник

Јатките ослободуваат заштитни ензими кои го инхибираат растот на канцерогените клетки. Дополнително, истражувањата на American Society of Clinical Oncology открија дека луѓето кои неделно јадат 55 г лешници, бадеми, ореви имаат 42 % помал ризик за појава на рак.

Јадете леб од цело зрно и кафен ориз

Храната која содржи многу влакна, вклучувајќи го кафениот ориз барем еднаш неделно и три порции житарки со цело зрно, го намалува ризикот од рак на дебело црево за 40 % и 17 % соодветно.