РОДИТЕЛСТВО – најголема привилегија

РОДИТЕЛСТВО – најголема привилегија

Животот ни е преполн со цели, некои достижни и полесни, некои дури и недостижни и претешки. Колку е потешка целта, толку е потежок и патот, но на крајот и задоволството е поголемо. Велат дека родителството е најголемата привилегија на човекот, но во склад со логиката и една од најтешките. Тоа е како одење по жица. Еден погрешен чекор и штетата е голема.

Како да се биде добар родител и како да изградиме здраво и воспитано дете е прашање на секој родител. Постојат  многу фактори и услови за добар одговор, но можеби вистината се крие во предусловот дека за добро воспитано дете е неопходен добро воспитан родител. Никогаш не е предоцна за ништо.  Животот нè учи дека ништо не е невозможно и недостижно, но промените, сепак, започнете ги од себе.
Првата врата ја отвораме ние

Однесувањето на децата е директно зависно од нашето однесување кон нив, кон останатите членови од семејството и кон околината. Нашите грешки во иднина ќе бидат и нивни грешки.

Како да се справиме и како да бидеме добар пример за добро однесување?

 

КОГА ВИКАМЕ – Викањето на децата не е од никаква корист, ниту за вас ниту за децата. Но сепак, ова е честа метода која ја применуваме кога „не ни е денот“. Децата, исто така, можат да влезат во „лоша фаза” особено во вакви зимски денови затворени дома, па својата енергија и креативност ја манифестираат на свој единствен начин со правење доста врева и неред низ домот. Но наместо да им пријдеме со љубов и внимание, децата добиваат едно хистерично „СМИРЕТЕ СЕ!“ Користа од ова е скоро никаква. Oсвен што подоцна можеби ќе имате грижа на совест, а децата само ќе го следат вашиот пример, па ќе прераснат во вистински галамџии. Најпрво проверете дали можеби детето е гладно, ненаспано, дали треба да се пресоблече или, пак, едноставно им е досадно и се желни за игра и за внимание.
Корисни тактики во вакви ситуации
Кога ќе започне детската бура, пристапете со гушкање, скокоткање или промена на локацијата (на децата брзо им станува здодевно на една локација и најчесто сакаат надвор). Промената на активности е докажано ефикасна (ако им е здодеано од нивната игра понудете им да ви помогнат во некоја ваша активност). На овој начин низ игра ќе успеете да завршите и некои од обврските во домот (чистење, подготовка на ручек и сл.)
КОГА КОРИСТИМЕ НЕСООДВЕТЕН И ВУЛГАРЕН РЕЧНИК – Сигурно безброј пати си имате ветено дека ќе се однесувате примерно и дека нема да користите вулгарности и псовки не само пред вашето дете, туку генерално. И така е сè до следното „вадење од такт“. Во таквиот афект, недоличните зборови и псовки сочно се вклопуваат во вашиот речник, а вашите деца сето тоа многу прецизно го меморираат и понатаму го користат во нивниот речник. Децата не знаат течно да го изговорат своето име, но затоа, по некое чудо, псовките и недоличните зборови ги говорат без тешкотија.
ФРЛАЊЕ ОТПАД – Мислејќи дека никој не нè набљудува, често се случува ситен отпад, гуми за џвакање, цигари и сл. да ги фрламе без пардон на јавни места, во паркови, со изговор дека нема соодветна корпа за отпад. Интересен и најчест е примерот со ослободување од отпад кога сме во автомобил. Ако ние ова го правиме пред очите на нашите деца, штетата е повеќе од дуплирана. Што по околината, што по однесувањето и прифаќањето на навиката и кај детето. Спротивно на ова, бидете грижливи кон околината и бидете пример за еколошка свесност. Придржете го ситниот отпад во вашите раце, џебови или чанти. Направете натпревар кој побрзо ќе стигне или ќе пронајде корпа во која ќе се ослободите од отпадот!
НА ЗАЕДНИЧКА ТРПЕЗА – Факт е дека сè поретко седнуваме на заеднички ручек или вечера, но и кога ќе се собереме сите заедно (вообичаено за викенд) речиси задолжително тука е неизбежниот ТВ-приемник вклучен во заднина. Ова, на некој начин, е сосема нормална појава. Но замислете деловен ручек со истиот ТВ-приемник во кој вие „ѕиркате”. Сигурно нема да си дозволите таков луксуз. Заедничкиот оброк е убав момент и можност да се посвети внимание на децата, а и да им се покаже почитување.
Ретко кој го исклучува или не реагира на првото ѕвонење на мобилниот телефон за време на ручекот. Веднаш скокнуваме за да одговориме на повикот. Утре, кога вашите мали ќе станат тинејџери и кога ќе го направат истото тоа, ќе следи познатата реакција: „прво заврши со јадењето, никаде не гори!“ Токму така, времето на заедничка трпеза е еден убав ритуал кој вашите деца треба да го понесат во иднина во нивните домови. Затоа, исклучете ги телефоните и ТВ-приемникот. Пуштете релаксирачка музика и уживајте. Не заборавајте на магичниот збор „пријатно јадење“ и останете на масата сè додека сите не завршат со јадењето.
КОРИСТЕТЕ МАГИЧНИ ЗБОРОВИ – Заблагодарете му се на вашето дете секогаш кога ќе ви помогне во нешто. Дајте му нешто и кажете му „повели“. Направете нешто погрешно и извинете му се. Избегнувајте да давате само наредби: „дај ми ова, дај ми она“, без да замолите. Подоцна ќе се изненадите и ќе се чувствувате непријатно кога детето ќе ви одговори со ист тон или на ист начин и ќе се чувствувате засрамено ако тоа го прави на некој друг.
Не прекинувајте ги децата додека се обидуваат да ви кажат нешто. Имајте трпение да ги слушате дури и баналните работи.

Константното детско потпрашување може да биде заморно, но убаво е кога децата се љубопитни и кога сакаат нешто да научат. Повеќе ќе ви е драго тоа отколку да се незаитересирани за светот околу нив.

Грешките кои секојдневно ги правиме стануваат видливи во воспитувањето и однесувањето на нашите деца. Колку порано почнеме да ги исправуваме кај себе, толку повеќе ќе се поштедиме самите себеси од понатамошни главоболки предизвикани од лошото или неправилно воспитување.

Совет:
Никогаш не обвинувајте ги децата за направените грешки, вината е наша зашто не сме се обиделе или не сме знаеле да ги научиме подобро.