Среќни родители – среќни деца

Среќни родители – среќни деца
По доаѓањето на  децата на свет, најголемиот број родители едноставно забораваат на својот или на брачниот живот. Децата стануваат центарот на светот. За нив се прави и невозможното, а на речиси сите дружби, темите на разговор се само за децата. Многу често и меѓу партнерската комуникација е сведена на истото тоа. Каде да се прошетаат, која е следната активност или секција, што да им се купи, како да ги направиме подобри од нивните другарчиња… Така, трката почнува од мали нозе

Каде се родителите во оваа приказна? 

Изгубени во постојаната бркотница по време и по пари, сосема забораваат на себе и на својот сопружник. Некои забораваат и какви личности биле и што правеле пред да го зголемат неколкукратно своето семејство. И точно, да се создадат деца и да се израснат во благородни личности е најголемиот благослов и подарок што може некој да си го подари себеси или на светот, но не и причина да се изгуби или да се заборави сопствениот идентитет.

За среќни и здрави деца, потребни се среќни и здрави родители

Затоа што, за да се создадат среќни деца, потребни се среќни родители. Ако ги послушате експертите или родителите кои практикуваат да се грижат и за себе, а не само за своите деца, ќе видите дека за да имате среќно семејство, потребно е да се негувате себеси и бракот истовремено. Типичен пример за ова се Данците, Холанѓаните и останатите скандинавски народи, кои важат за оние кои живеат по овој принцип. Данска е неколкупати по ред прогласена за најсреќно место за живеење, а Данците за најсреќен народ во светот, а децата во Холандија се најсреќните деца во светот според „Уницеф“.

 

Тогаш, во што е тајната и кои се  нивните правила и навики?

Данците, на пример, не го претпочитаат тепањето како дисциплинска мерка. Напротив, користат емпатија за да се поврзат со децата, означувајќи јасни граници, но избегнувајќи ултиматуми или барајќи послушност. Родителите работат на развивање на заемната почит со децата, објаснувајќи им ги причините зад поставените правила и смирено одговарајќи на проблематичното однесување кај децата. Ако, како родител, чувствувате дека ја губите контролата над ситуацијата, тогаш е подобро да си дадете пауза. Ако родителот е смирен, и децата ќе бидат смирени. Ако детето поминува низ изливи на бес, тогаш вие мора да го водите и да го извлечете од тоа, без самите да одговорите со бес и со лутина. Затоа, оставете го детето да ги искаже емоциите и порачајте му да дојде кај вас кога ќе биде подготвено за разговор. Доколку вниманието не е насочено кон него, најверојатно и плачот побрзо ќе престане и побрзо ќе може да се поразговара зошто сето ова се случило и како да не се повтори. И точно, секое дете е различно, има полесни и потешки деца за справување, и не постои едно универзално решение на проблемите, но никој никогаш не рекол дека да се биде родител е лесна и едноставна работа. Меѓутоа, доколку постојано работите на развојот на сопствената личност (човекот учи додека е жив, нели), полесно ќе ви биде и справувањето со фазите на развој на сопствените деца. Семејството се создава и се гради во текот на целиот живот, како што се развива и идентитетот на вашите деца.

Родителската улога има почеток, но нема крај, и не е воспитување само во периодот кога децата се вознемирени или кога го тестираат нашето трпение. Како им приоѓаме во периодот кога се мирни, исто така директно влијае на нивната благосостојба, но и на тоа како тие ќе реагираат на средината околу нив и колку ќе имаат разбирање и сочувство за другите луѓе.

Времето поминато заедно е особено важно

За Данците, многу е важно времето поминато заедно. И тоа не е тренд, туку е секојдневен начин на живот. Точно се знае и се почитува работното време на родителите, така што секојдневно останува доволно време за дружење. Притоа, децата не се запишани на безброј активности надвор од училиштето. Без разлика дали се тоа семејни оброци, прошетки во природа, семејна игра за забава или некој направи сам проект, децата кои имаат редовни дружења со своите родители имаат поголема самодоверба и се посреќни.

Поддржете ја нивната самостојност и независност

Покрај честото дружење, на децата им овозможуваат да станат независни, така што сметаат дека слободната игра сами надвор или дома е клучот за среќно детство. Дури и да бидат авантуристи. Децата најмногу учат едни од други. Дополнително што дружењето со деца на различна возраст им помага во градењето на самодовербата и им дава чувство на контрола над ситуацијата. Помалите учат од поголемите, а поголемите учат како да се грижат за помалите. Кога детето се дружи со помали деца, учи да биде лидер, но кога се дружи со поголеми – учи да следи, а тоа се подеднакво битни процеси во развојот на децата. И доколку дојде до конфликт во детската игра, и почувствувате дека треба да се вмешате, почекајте малку. Не секоја ситуација бара ангажман на родител. Децата сами треба да го најдат решението, а притоа ќе ги градат своите способности за преговарање.

Бидете искрени со децата

На пример, кога вашето дете ќе ви го донесе сопственото „ремек-дело“ од цртеж, наместо само да го фалите колку добар уметник е, подобро е да развиете дискусија со него што е точно нацртано, зошто е тоа нацртано, зошто се одбрани тие бои… Истражувањата покажуваат дека децата на кои постојано им било кажувано дека се паметни, полесно и побрзо се откажуваат кога ќе се соочат со тешки ситуации како возрасни. Фалете ги, но со мера, и фалете го процесот и вложениот труд, а не нивната способност.

Одвојте време за себеРодителите треба да одвојат време за себе, и поединечно и како пар. Ако обврските не дозволуваат еднаш неделно, тогаш барем еднаш или двапати месечно разгалете се со заедничка вечера надвор од домот. А, бидејќи тоа некогаш може да биде технички неизводливо (нема кој да ги чува децата), или ве оптоварува финансиски, тогаш можете да организирате романтична вечера дома. Заспијте ги децата, згответе го омиленото јадење, исклучете го телевизорот, запалете неколку свеќи, пронајдете ја темата за разговор и вашето време за релаксација може да започне.

Многу брачни парови сметаат дека бракот им е јак затоа што многу ретко или воопшто немаат конфликтни ситуации. Но, вистинскиот убиец на бракот е, всушност, отуѓувањето меѓу сопружниците за сметка на мирот во домот. 

Се посветувате на работата или на родителството за да избегнете справување со ситуации што можат да доведат до конфликт. Децата најмногу го чувствуваат губењето на блискоста меѓу родителите. Децата од вакви бракови полесно може да се најдат во проблематични ситуации, да имаат академски проблеми или проблеми со однесувањето, за разлика од децата кои израснале со среќни родители. Замислете ја вашата врска како емоционална средина во која вашите деца живеат. Како што посакувате да дишат чист воздух и да пијат чиста вода, така треба да израснат и во средина полна со љубов.