ЗЛОУПОТРЕБА НА ЛЕКОВИ

ЗЛОУПОТРЕБА НА ЛЕКОВИ
Доколку правилно се користи, препишаниот лек може да го подобри здравјето и квалитетот на животот, па дури и да спаси нечиј живот. Сепак, постои и друга страна, на нивна злоупотреба или неправилна употреба која може да има штетни, па дури и смртоносни последици.

Што е правилна  употреба?
Правилна употреба на еден лек е негова употреба според упатствата дадени од страна на лекар или фармацевт кој добро ја знае намената на лекот и медицинската историја. Ова подразбира употреба на соодветна доза од лекот, во соодветно време, поради соодветни здравствени причини. Истото важи и за лековите кои можат слободно да се купат и без лекарски рецепти. Лековите стануваат опасни по здравјето кога се земаат поради погрешна причина, во погрешна доза или кога се земаат лекови кои му се препишани на некој друг. Доколку, и покрај тоа што лекот го земате на исправен начин, а се сомневате дека можеби станувате зависни од него, за тоа е потребно да разговарате со својот лекар или фармацевт. Тој најдобро знае што да се направи во таквата ситуација, а сепак да не биде запоставен основниот здравствен проблем.

Кога се преминува границата и зошто се злоупотребуваат лековите?
Злоупотребата на лекови и други супстанции кај одредени случаи е одраз на времето во кое живееме. Една од причините е лесната достапност на лековите во домовите. Лесната набавка на лекови без рецепт, за кои се претпоставува дека се безбедни, е уште една. Потенцијална опасност е и употребата на лекови на своја рака за самолекување или за инстант справување со проблемите преку употреба на одредени категории на лекови (антидепресиви, анксиолитици, седативи и сл). Ова води до нова можна опасност, а тоа е зависноста. Ако се земаат во преголеми дози или од погрешна причина, некои лекови дејствуваат исто како и наркотиците. 

Кои лекови се „најомилени“ за злоупотреба?
Во категоријата на лекови кои најчесто се злопотребуваат, односно се употребуваат на своја рака, спаѓаат: Аналгетици – Се препишуваат за ублажување болки. Прекумерната употреба може да доведе до развој на толеранција на аналгетикот и тој да не делува. Депресанти на ЦНС (централниот нервен систем) Едни од најчесто злоупотребуваните за самоиницијативно справување на симптоми на депресија, напнатост, несоница или за справување со стрес. Неретко се злоупотребуваат од страна на зависници од наркотици или од алкохол. Долготрајната злоупотреба носи ризик од развој на толеранција, зависност, како и предозираност која може да биде со фатален исход. Антибиотици – Сè уште се купуваат неконтролирано и за погрешна цел на лекување. Стероиди – Главно, се злоупотребуваат од младата популација за брзи резултати, особено во спортот, или за добивање мускулна маса. Лесно се достапни во фитнес-клубови, во вежбални и на Интернет. 

Како правилно да ги користиме лековите
Внимателно следете го внатрешното упатство.
Не менувајте ги дозите без консултација со лекар или фармацевт.
Не земајте го лекот на своја рака дури и оние што се ку- пуваат без рецепт.
Не дробете ги и не кршете ги лековите, освен ако не ви е така кажано.
Информирајте се какво дејство има лекот во комбина- ција со алкохол и со други лекови, сеедно дали се изда- ваат на рецепт или не.
Никогаш не употребувајте лекови кои му се препишани на некој друг, и исто така не им ги давајте вашите на други лица.

РИЗИЦИ
Секаква злоупотреба на која било категорија на лекови, носи свои ризици. Злоупотребата на опиоидни аналгетици, седативи и анксиолитици носи значаен ризик за развој на толеранција и зависност. Ризикот од предозирање со фатални последици е многу голем. Неконтролираната употреба на анаболички стероиди ги следат цела низа несакани ефекти, како метаболички, кардиоваскуларни, ендокрини, нарушувања на срцевиот ритам, нарушувања во однесувањето итн. Долготрајната употреба на лекови против болка и висока температура може да доведе и до кардиоваскуларни нарушувања, оштетувања на црниот дроб или до појава на чир во желудникот.