ЗУМБА-ФИТНЕС – танц и вежбање во исто време

ЗУМБА-ФИТНЕС – танц и вежбање во исто време
Зумба-фитнес е најуспешниот бренд во фитнес-вежбањето. Зумбата не е танц, не е ни верзија од класичен аеробик, туку е програма за вежбање која е смислена од Алберто „Бето“ Перез, кој во 2001 година ја брендирал и ја шири низ светот преку лиценцираните инструктори за зумба-фитнес.

Што е зумба-фитнес?

Зумба-фитнес претставува програма на аеробни вежби каде што се вклучени елементи на танцување, односно, комбинира основни чекори од танците кои се применуваат на латино и на интернационална музика со цел да се направи вежбањето забавно. Музиката е клучната состојка на часовите по зумба. Кореографијата креирана со специфични тактови и менување на темпото, транзиции на вежбањето од едно во друго движење, вклучувајќи тонирање, зацврстување или кардио-движење, цели кон секоја мускулна група во телото. Зумбата позајмува латино вкусови од следните стилови на танцување: кумбиа, салса, меренго, мамбо, фламенко, ча-ча-ча, самба, хип-хоп,танго и многу други. 

Придобивки од зумба-фитнес

Се покажало дека зумбата на посебен и чудесен начин позитивно влијае врз вежбачите. Придобивки од зумбата ги има многу, меѓу кои се:

  • добивање чувство на среќа и задоволство за време на вежбањето
  • подобрена координација на телото до крајни граници
  • моќна и видлива aнтистрес терапија
  • трошење голем број калории кои се движат од 500 до 1000 калории на 1 час
  • лесна и нефрустрирачка околина за учење нови движења преку танците
  • добивање позитивна слика за себе – не само што ќе изгледате добро, туку и добро ќе се чувствувате
  • опфаќање на сите групи мускули во телото
  • елиминирање на двете клучни причини за откажување од вежбањето: недостигот на време и здодевноста
  • нови познанства и нови пријатели

За секој тренинг, облечете се така за да имате максимална мобилност, затоа што зумба-фитнесот тоа го бара.

За кого е зумба-фитнесот?

Зумба-фитнесот е програма која е погодна за сите возрасни групи, независно од тоа во каква физичка кондиција сте, дали имате или немате искуство во танцување, дали сте машко или женско, млад или постар, па дури и децата можат да го практикуваат. Се препорачува првенствено на оние кои се помалку активни, многу малку се движат и имаат вишок поткожно масно ткиво од кое сакаат да се ослободат, но не знаат како.

Раздвижување на целото тело
Една од најголемите придобивки на зумбата е тоа што се раздвижува целото тело. Наместо фокусирање на одреден дел од телото, зумбата ве мотивира постојано да се движите, да бидете живи и да уживате во ритамот.

Тонирање на мускулите
Зумбата помага и при тонирање на мускулите на целото тело, без да почувствувате голема мака. По првите видливи резултати, желбата за зумба уште повеќе ќе ви се зголеми.

Намалување на крвниот притисок
Со правилен начин на исхрана и вежбање зумба, крвниот притисок со сигурност се намалува. Ова е многу важна придобивка, особено за оние кои имаат проблеми со високиот крвен притисок.

Согорување на калориите
Од појавувањето на зумбата кон крајот на 90-тите години, многу научни студии ја потврдуваат нејзината ефикасност во согорувањето на калориите. Се смета дека, во просек, со еден час вежбање зумба, се согоруваат околу 400 калории.

Ослободување од стресот
Вежбањето, општо, влијае врз ослободување на стресот. Танцувањето, музиката и движењата во зумбата го прават целиот тој процес малку поинтересен.

Кардио-тренинг
Зумба-вежбите се и добар кардио-тренинг. Доколку кардио-тренингот, обично, ви е заморен и ви претставува проблем, најдобро е да одите на зумба и да ги почувствувате таквите придобивки уште веднаш.

Кондиција
Можеби резултатите од зумбата нема веднаш да бидат видливи, но не грижете се. Комбинацијата на фитнес и танцови движења, со сигурност ќе ве одржува во добра кондиција. И тоа претставува уште една причина плус да отидете на зумба и едноставно да уживате.

Делува како вежба за дишењето
Како што веќе рековме, зумбата е танц кој спаѓа во категоријата аеробни вежби. Со оглед на тоа што со зумбата се прават аеробни вежби, овој танц ви помага длабоко да вдишувате, со што и се зголемува моќта на белите дробови.

Зумбата не е само танц. Зумбата не е само вежба. Зумбата не е само забава. Зумбата е сето ова заедно. Заиграјте и изградете го своето тело низ добра забава!