ДИЈАБЕТЕСОТ И ИСХРАНАТА

ДИЈАБЕТЕСОТ И ИСХРАНАТА
Диететската исхрана подразбира промена на животните навики во однос на изборот на храна и количината која е дозволена. Создавањето здрави навики можеби е најтешкиот дел од работата, но ако со тоа станете господар на своето здравје, ќе имате мотив кој ќе ви помгне да истраете.

Правилната исхрана – половина лек!
Не постои кујна за дијабетичари. Потребна е само правилна прераспределба и комбинација на состојки по количина и вид.
Начинот на исхрана кај болните од шеќерна болест не бара спартански откажувања, гладување и строги диети. Организмот треба да биде снабден со оптимален внес на хранливи материи, јаглехидрати, протеини, масти, витамини, минерали и вода. Препорачливо е дневно да се земаат 5 до 6 оброци во одредени временски интервали со задолжително водење сметка за правилен распоред на скробната храна. Особено е важен последниот дневен оброк, кој се зема непосредно пред спиење за да се оневозможи пад на нивото на шеќерот во текот на ноќта. Генерално, исхраната кај лицата заболени од шеќерна болест мора да биде разновидна и да ги содржи сите видови намирници. Исклучок се, секако, шеќерот и слатките, а се ограничува и употребата на лебот и тестенините.

Често се заборава дека една лажичка брашно е еднаква на една лажица шеќер!

Леб и тестенини
Лебот, печивата и тестенините се богат извор на јаглехидрати, што е причина тие да бидат ограничени во менито на дијабетичарите.
Се препорачува на менито да се застапени леб и печива од интегрално брашно, а да се избегнува белиот леб и печива од бело брашно.
Се препорачува  и црн, ’ржан леб, бидејќи содржи диететски влакна кои спречуваат нагло паѓање на шеќерот по оброкот, што може да се случи ако се консумира бел леб. Доколку оброкот содржи компир, ориз, грав или млад грашок, не се препорачува леб.

Зеленчук
Исхраната на дијабетичарот по правило треба да содржи најмногу зеленчук.
Покрај богатиот состав од белковини, масти, минерали и витамини, зеленчукот содржи и јаглехидрати  особено присутни во гравот, грашокот, компирот, цвеклото, па поради ова нивниот внес треба да е контролиран.
Зеленчукот кој има помалку јаглехидрати може да се јаде во неограничени количини: зелје, спанаќ, блитва, лист од лоза, боранија, тиквици, пиперка, домати, краставици, разни видови зелена салата, модар патлиџан, целер, магдонос, ротквица, зелка, кељ, келераба, прокељ, печурки, праз, лук, брокула и карфиол.
Смрзнатиот зеленчук да се консумира во двојно помала количина од свежиот. Разни гурмански салати кои содржат додатоци како мајонез и павлака, по правило, треба да се избегнуваат или да се земаат во ограничени количини.

Овошје и преработки од овошје
Идеален природен десерт е најдобра алтернатива за слатки. Содржи богат состав на витамини, минерали, диететски влакна, белковини, масти и секако јаглехидрати. Според содржината на хранливи компоненти можна е поделба на три категории:

  • овошје со ниска содржина на јаглехидрати може да се консумира во поголеми количини – јагоди, малини, капини, боровници, лубеница, рибизли, лимон, портокал
  • овошје со поголема содржина на јаглехидрати треба да се употребува во ограничени количини – кајсии, праски и сливи.
  • овошје со високи концентрации на јаглехидрати, чија употреба е ограничена – јаболка, круши, цреши, грозје, банани, смокви, манго, авокадо и ананас.

Сувото овошје и преработките во форма на компоти, џемови и слично, исто така се со ограничена употреба.

Важно е да се јаде целото овошје, нецедено, бидејќи влакната во овошјето ја намалуваат апсорпцијата на шеќерот. Во секој случај и со секоја храна, најдобро е да се јаде цело, свежо, зрело, пресно и непреработено.

Млеко и млечни производи
Овие производи се богат протеински извор и се дозволена намирница на менито на дијабетичарите.
Дозволена е употреба на сите видови млека, а најдобро е млеко со помал процент на маснотија (2,8 проценти, 1,6 проценти или 0,5 проценти).
Од млечните производи најкорисни се оние од кравјо млеко и млади сирења, бидејќи содржат белковини.
Јогуртот, диеталните овошни јогурти и кефирот имаат одредена предност над чистото млеко.
Употребата на стари и зрели сирења, како и на кашкавал, треба да се ограничи.
Дијабетичарите би требало во текот на денот да земаат околу половина литар млеко, јогурт и други млечни производи.

Месо, месни производи, риба и јајца
На менито се дозволени сите видови месо. Предност има младото и немасно месо. Месните преработки не се препорачани за употреба.
Болните од дијабетес можат да консумираат секаков вид морска храна, сопрепорака за речна и морска риба како ослич, бакалар, скуша, лосос и пастрмка. Да се избегнува консумирање пржена риба и преработки од риба.
Дијабетичарите може да јадат до 2 јајца неделно или 4-6 белки. Во диететската исхрана кајганата треба да се прави секогаш во однос 1:1 (едно јајце+една белка, две јајца+две белки) подготвени без зејтин.

Масти
Мастите се главен извор на енергија за дијабетичарите. Важен е видот на мастите, како и количeството. Предност се дава на ладно цедените масла, пред сè на маслиновото масло. Поретко може да се користат и цврсти масла како што е путерот.

„Јадењето премногу маснотии може да доведе до покачување на телесната тежина, и со тоа за подолг период може да го направи потешко контролирањето на нивото на шеќер во крвта“.

Алкохол и безалкохолни пијалаци
Алкохолот не е препорачлив, но може да биде дел од секојдневното мени под услов да се консумираат минимални количини.
Внимание: Никогаш не консумирајте алкохол на празен стомак. Алкохолот консумиран на гладно може да предизвика хипогликемија (пад на шеѓер во крвта)!
Безалкохолните пијалаци содржат различни концентрации на шеќер и имаат големо енергетско оптоварување, па поради тоа треба да се употребуваат со големо внимание.

Кафе и чаеви
Иако кафето е омилена напивка која се пие и во поголеми количини, за дијабетичарите дневно е препорачливо две шолји „средно јако“ турско кафе без шеќер.
За користење овошни и билни чаеви од нашите простори нема ограничувања. Јаките чаеви како црн, индиски и руски треба да се консумираат контролирано поради високите концентрации на кофеин!

Мотивот пред сè!
Диететската исхрана подразбира промена на животните навики во однос на изборот на храна и количината која е дозволена. Поради ова, мисијата на ваквата промена и не изгледа невозможна. Создавањето на здрави навики можеби е најтешкиот дел од работата, но ако со тоа станете господар на своето здравје, ќе имате мотив кој ќе ви помгне да истраете.