Интересни прашања – Научни одговори

Интересни прашања  – Научни одговори
Сладок или обичен компир?

А, зошто не и двата? Но, ако ве интересира кој предничи во однос на нутритивните вредности, тогаш слаткиот е во мала предност. Подеднакви се кога станува збор за витаминот Б6 и железото, според анализите на Џо Холингтон– диететичар и основач на „Нутришн ми“ (Nutrition Me). Обичниот компир е во предност во однос на витаминот Ц и бројот на калории (146 калории во 170 г во однос на 130 калории), но слаткиот содржи плус витамин А. Влакненцата во лушпата на слаткиот компир се доказ дека има понизок гликемиски индекс, што го прави одличен снабдувач на бавно-ослободувачка енергија. Ова важи без разлика колку и како го готвите.

Дали навистина ми треба и дневен и ноќен крем?

Да, бидејќи кожата има потреба од различни активни состојки навечер и преку ден. Дневната крема треба да содржи СПФ и антиоксиданти кои ќе војуваат со загадувачите и ќе го контролираат црвенилото. Ноќната крема треба да работи на проблемите со кои се соочува кожата, како сувост, темни дамки, знаци на стареење.

Зошто во зима ми се јаде висококалорична храна?

Виновни се хормоните! Тие се под силно влијание на сончевата светлина, па штом почне порано да се стемнува, нивото на серотонин (хормонот одговорен за среќата) почнува да опаѓа. Консумирањето храна богата со јаглехидрати го поттикнува неговото лачење. Поточно, јаглехидратите го поттикнуваат лачењето на инсулинот, кој, пак, ја конвертира аминокиселината триптофан во серотонин. Од овие причини, човекот несвесно преку храната се обидува да се расположи. А сега кога веќе знаете, одбирајте јаглехидрати со цело зрно, а оризот нека биде кафеав – потребно е подолго време за да се дигестираат, додека лачењето на глукоза во крвта се одвива порамномерно. На овој начин, нема да се соочите со нагло покачување на шеќерот во крвта, а ќе имате корист од бавното ослободување енергија.

Дали преморот е реален?

Едно е сигурно – преморот може да ве остави без сон! Исцрпеноста се случува кога телото и умот не се синхронизирани: ментално сте истрошени, но, физички, телото не е доволно уморно за да потоне во сон. Вежбањето може да помогне, бидејќи на тој начин телото ќе се ослободи од адреналинот насобран во текот на стресниот ден лачејќи аденозин. На овој начин, всушност, ќе му помогнете на мелатонинот (хормонот одговорен за спиење) да биде поефикасен. Заборавете на идејата за чаша вино, алкохолот го компромитира длабокиот сон.

Црвена, кафеава или зелена леќа?

Која ви е највкусна – таа, само да е леќа. Новите истражувања велат дека доволно е половина чинија ориз да замените со леќа, за да го намалите шеќерот во крвта за 20 %. Овој зеленчук кој е екстремно богат со влакна и протеини, ја забавува дигестијата и ослободувањето на шеќерот, правејќи ве сити подолго време и намалувајќи го ризикот од дијабетес.


Ладен туш или топла бања – што е подобро по вежбање?

Зависи што сте вежбале! Ако сте изведувале вежби за издржливост, да речеме маратон, парната бања е одлична за истрошените мускули експресно да си ја вратат силата. Ако имате слаби точки кои ве изневеруваат во текот на тренингот, на пример, тетивите или половината, топла облога би ја подобрила циркулацијата. Но, за итна превенција од болки, бодежи, треперење во слабите точки, ставете кеса со лед за да спречите отекување или здрвување – особено на колената, колковите, зглобовите. Само што завршивте со кросфит-тренинг или трчавте спринт? Појдете под ладен туш. При интензивни и краткотрајни тренинзи, студената вода е во функција да ја насочи крвта во центарот на телото и на тој начин да ги стопли органите. Штом излезете од туш, крвта екстра брзо ќе се врати кон екстремитетите за да ги лекува и да ги опушти. За ладен туш се резервирани максимум 15 минути, поделени во интервали од по 3 минути.