ПЕШАЧЕЊЕ

ПЕШАЧЕЊЕ
Пешачењето е вид физичка активност која се темели на движење во природата по обележани или по необележани патеки. Движењето само по себе е дел од нашиот генетски код и примарна човекова функција. Од друга страна, пешачењето претставува и основен и потполно природен и безбеден вид рекреација, која може да се практикува каде било, кога било и во кои било временски услови. Сè што е потребно е да имате добра волја и понекогаш и добро друштво. 

Сите придобивки од пешачењето
Несомнено, пешачењето е една од основните, ако не и најздрави, навики. Го продолжува животот, има позитивно влијание, како на физичкото, така и на менталното здравје. Нè прави посреќни и нè штити од секојдневниот стрес. Докажано е дека пешачењето го намалува ризикот од појава на срцев или мозочен удар, на дијабетeс, и двојно ги намалува генетските предиспозиции за дебелеење. Редовното пешачење ја подобрува нашата психо-физичка состојба и го јакне секој мускул во телото. Покрај тоа, по половина час пешачење, телото почнува со лачење на серотонин и ендорфин, хормони на среќата, со што во голема мера се намалува стресот, а ослободувањето од стресот благотворно делува на подобрување на квалитетот на сонот.

Пешачењето е биолошки императив, како што е храната

Пешачењето има големо влијание врз нашето здравје. Со редовно пешачење стекнуваме кондиција, а истовремено ја намалуваме можноста за појава на кардиоваскуларни болести. Пешачењето е корисно за добра циркулација на крвта и за добра распределба на калциумот во коските. Со пешачењето полесно ќе слабеете, ќе ја одржувате телесната тежина и ќе ги зајакнете и ќе ги обликувате мускулите на вашето тело. Редовното пешачење, исто така, го намалува ризикот од висок холестерол и од висок крвен притисок. И, секако, пешачењето несомнено ќе биде корисно и за правилна работа на белите дробови. 

Корисни совети како да се започне

Доколку сте на почеток на практикување на оваа благородна дисциплина, започнете со 20-30 минути  пешачење, 3-4 пати во текот на неделата, и постепено зголемувајте ги времето и бројот на денови кога го практикувате. За да ја избегнете монотоноста, менувајте ги рутите, слушајте музика, пешачете со пријателили со вашето домашно милениче. Носете удобна, комфорна облека. Облечете нешто што лесно ќе можете да го соблечете во случај да ви стане топло. Исто така, носете меки и лесни обувки и доволно широки во предниот дел, за да не ве стегаат кај прстите. Ако планирате да пешачите подолго од половина час, а по патот нема вода за пиење, понесете си мало шише со вода. Првите пет минути, чекорете со побавно темпо за да се загреете. Држете го телото исправено, така што лактите и колената ќе ви бидат малку свиткани, а дланките собрани како во тупаница, но не стегнати. За рекреативно пешачење, најдобри се шумските патеки или патеките во парковите. Во природа ќе се чувствувате слободно, ќе дишете чист воздух и, секако, ќе ги пребродите стресот и напнатоста. Доколку пешачењето е ваш императив и е во насока на своевиден редовен тренинг, тогашменувајте ги темпото на одење и наклонот. Доколку имате можност, користете и мали тегови за рацете и нозете со коишто дополнително ќе ги тонизирате  екстремитетите и ќе вложите поголем напор во пешачењето.

Искористете го секој момент

Денес, за жал, луѓето сèпомалку и недоволно се движат. Поради брзиот начин на живот и поради притисокот од секојдневните обврски, речиси и да забораваме како изгледа да се пешачи. Пешачењето речиси и да е истиснато од секојдневниот живот, и наместо да ја искористиме секоја можност за пешачење, дадените обврски најчесто ги завршуваме со автомобил или со некое друго превозно средство. Дури и користењето лифт наместо скали се дополнува во низата „убијци“ на движењето. Дополнително на ова, голем дел од дневното време се поминува пред екраните, во  сообраќајните метежи, а за еден дел и воопшто немаме идеја како рационално да го искористиме.

Драги наши, нека барем ова време биде ваше време за прошетка. Излезете надвор и, едноставно, пешачете. Без разлика како и да ви изгледа распоредот за тековниот ден, имајте барем 20-30 минути време за себе. Поминете ги во природа и направете кратка прошетка за која телото подоцна ќе ви биде благодарно.