ВИРУСНИ И БАКТЕРИСКИ ИНФЕКЦИИ КАЈ ДЕЦАТА

ВИРУСНИ И БАКТЕРИСКИ ИНФЕКЦИИ КАЈ ДЕЦАТА
Во овој период на годината во педијатриските ординации е зголемен бројот на посети на нашите мали пациенти. Актуелни се, пред сè, вирозните, но и бактериските инфекции кои најчесто ги засегаат респираторните патишта, но и гастроинтестиналниот систем и поретко уринарните патишта.

ФАКТОРИ НА РИЗИК
Особено се чувствителни децата кои престојуваат во градинките и училиштата каде едни со други постојано си ги пренесуваат инфекциите. Значи зголемен е ризикот од инфекти во колективните престои. Колку се децата помали толку е помал и понезрел нивниот имунолошки систем. Колку инфектот ќе го нападне организмот зависи од вирулентноста на истиот, но од друга страна и од зрелоста на имунолошкиот систем, начинот на живот и исхраната кај децата.

СИМПТОМИ
Во 80 % и повеќе инфектите се од вирусно потекло. Вирусните инфекции претежно ги засегнуваат горните респираторни патишта со симптоми на течење на носот, кивање, кашлица и температура, а во голем број случаи се пратени со проливести столици, повраќање и болки во стомачето. Во текот на инфектот покрај носот и грлото, можат да бидат засегнати и белите дробови (со свирежи и отежнато дишење) како и ушите пропратено со болка и плач на детето.

Кога се работи за бактериска инфекција која го напаѓа грлото, се јавува гушоболка, отежнато голтање, температура, а можно е да има надразнителна кашлица како и оток на подвиличните лимфни јазли. Бактериската инфекција на белите дробови може да е пропратена со температура, кашлица и отежнато дишење.

Вирусната инфекција со целата симптоматологија, пропратена и со висока температура, може да ја совлада организмот, но може и да се искомплицира со секундарна бактериска инфекција. Затоа кога децата се со вироза ние сме внимателни, а по 3-4 дена секако вршиме контролен преглед.

За правилна дијагноза важна е анамнезата од родителите, клиничкиот преглед и лабораториските и други анализи.

СООДВЕТНА И НАВРЕМЕНА ТЕРАПИЈА

Вирусната инфекција ќе ја совладаме со добра хидрација – пиење доволно течности, туширање и соодветна исхрана богата со витамини и минерали. Температурата ќе ја контролираме со давање електролитни и други течности, туширање и подоцна (Т над 38оС) со давање на антипиретици од парацетамолски и ибупрофенски тип. Вирусните инфекции никогаш не се третираат со антибиотици.

Секако, бактериските инфекции ги третираме со антибиотици, кога покрај клиничката слика кон нив нè упатуваат и лабораториските анализи, позитивните брисеви со антибиограм и индикаторите за инфламаторниот процес. По потреба вклучуваме и РТГ преглед. Секогаш кога треба да се даде антибиотик тој треба да биде соодветен по проценка на педијатарот, добро дозиран и доволно долго даден. Секогаш давањето антибиотик да биде пропратено со давање пробиотик. Симптоматската терапија да се даде соодветно по потреба.

Трпеливоста од страна на родителите е многу важна. Никогаш да не се брза со давање на антибиотик и да не се посега детето на своја рака да се лекува со антибиотик. Незрелиот имунолошки систем, повторувачките инфекции и честото давање антибиотици (многу често непотребно) водат до секундарен имунодефицит кај детето. 

Со цел да го поткрепиме имунолошкиот систем кај детето, особено кај децата во колективни престои, деца кои страдаат од чести инфекции, советуваме: здрав начин на живот, соодветна разновидна исхрана со доволна витаминска-поддршка, додавање пробиотик и имуностимулатори, како и редовна имунизација. Да се подигне свесноста кај населението и да се укаже дека антибиотиците колку можат да помогнат, толку можат да му наштетат на детето.

Пораката на педијатрите е секогаш да се работи во интерес на детето.

ПЗУ Ординација по педијатрија
„Д-р Светлана Зотовска“ – Скопје